Денешна дата
17/06/2019

Компјутери во магацините, наместо во рацете на децата

Скоро половина од компјутерите доделени на училиштата како дел од проектот „Компјутер за секое дете„ се нефункционални, украдени или скапуваат во магацините, покажа истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија

Теодора Цветковска,

Љубица Иванова и

Ѓургица Бојчовска

 

Скоро половина од компјутерите доделени на училиштата како дел од проектот „Компјутер за секое дете„ се нефункционални, украдени или скапуваат во магацините на образовните институции во државава. Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија дојде до фрапантни податоци за состојбата со училишните компјутери кои наместо да ги образуваат децата, се претворија во декор или завршија во електронски отпад. Ова го покажа истражувањето кое го реализираше СКУП во изминатите пет месеци, а со кое беа опфатени основните и средните училишта во државава. СКУП испрати барања по слободен пристап до информации од јавен карактер до сите училишта, а одговори добивме од над 50 отсто од основните училишта, или 152 основни и од 23 средни училишта.

Проектот “Компјутер за секое дете“ е една од најголемите инвестиции во областа на образованието. Пред десет години беа обезбедени 17.818 персонални компјутери, 98.710 ЛЦД-монитори, 98.710 тестатури и глувчиња и 80.892 тин-клиенти за основните и средните училишта во Република Македонија. Но, наместо да создадат „вундер кид„ генерација која ќе биде во чекор со светските трендови, компјутерите се претворија во “багаж” на менаџерите во училиштата кои сега бараат начин како да се ослободат од нив. Главната причина е што голем дел од нив се украдени, оштетени или пак се чуваат во училници и магацини во училиштата, а директорите мака мачат што да прават со нив. Не ретко и оние кои се во функција работат со недостатоци или пак не се вклучуваат бидејќи не постојат услови за тоа, па како такви скапуваат во подрумите.

„Имаме пет компјутери во функција, но по нешто фали на секој од нив. Екранот го потпираме со ранец, маус земавме од друг нефункционален компјутер. Фактички, кога ке се спојат деловите од сите овие пет компјутери може да добиеме еден нормален компјутер“, раскажува една од наставничките во скопско основно училиште.

Нашето истражување покажа дека особено поради лошото одржување и отсуство на редовно и систематско сервисирање на опремата, бројот на компјутери во македонските училишта од ден на ден е се помал. Некаде немаат ниту еден компјутер.

„Нема ниту еден компјутер од проектот Компјутер за секое дете кој е во исправна состојба. Односно сите се наоѓаат во подрумските простории како електронски отпад. Воедно, ние бараме начин како да се ослободиме од него, вели Фросина Трисковска од Средното училиште во Битола „Д-р Јован Калаузи“. Според последниот Конкурс за упис во средните училишта во Република Македонија, ова училиште брои 306 ученици во 9 паралелки. Компјутери немаат ниту во училиштето Коста Рацин.

Милена Атанасоска Манасиева – новинар во „Факултети.мк“, која ја следешe реализацијата на „Компјутер за секое дете“, за СКУП оценува:

„Проектот „компјутер за секое дете“ од самиот почеток беше погрешно имплементиран. Од оваа дистанца се чини дека немаше никаква подготовка за тоа, без доволно сознанија за тоа колку училишната инфрастуруктура е развиена за да се воведе оваа новина. Теренот не се подготви. Затоа во многу училишта компјутерите останаа во подрумите, неотпакувани“.

 

 

Резултатите покажаа дека кражба на компјутерите и компјутерската опрема е еден од проблемите со кој се соочуваат училиштата. Вкупно 15 компјутери биле украдени од две средни училишта, 464 компјутери се украдени од вкупно 11 основни училишта.

 

 

 

Почна амбициозно, заврши неславно: Компјутери во магацините, наместо во рацете на децата

 

 

Проектот “Компјутер за секое дете” почна во 2007-ма година и е надграден во 2009-та година, а имаше за цел да овозможи олеснување во учењето на децата и надградување на нивното знаење како и што е објаснето во Националната Стратегија за развој на е содржини 2010/2015.  Првичните изјави во јавноста беа дека проектот  чини  21 милиони евра  но сумите се зголемуваа од година во година со нови набавки на компјутери, кои освен на учениците беа доделени и на наставниците. Јавноста не ја дозна конечната официјална бројка за тоа колку конечно чини проектот “Компјутер за секое дете” со сите трошоци околу неговата реализација.

Средното училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка добило 120 компјутери како дел од проектот „Компјутер за секое дете“. Но, од нив во училници се распоредени само 20 компјутери. „Училиштето обезбеди поквалитетна и посовремена настава со ИКТ опрема, со набавка на 11 смарт табли и 12 телевизори кои се поврзани со интернет“, се пофалија од училиштето.

И во Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани користат само мал дел од компјутерите. Од 418 донирани компјутери во функција се само 78. „Причината за намалување на бројот на функционални компјутери се честите кражби кои се случуваа, како и насилното влегување во училишните простории. Исто така, имаме и голем дел на компјутери кои се неисправни, со изгорени процесори, матични плочи, кои од финансиска гледна точка не сме во состојба да ги поправиме и пуштиме во употреба“, велат од училиштето.

Во Средното училиште „Арсени Јовков“ од Скопје им биле донирани 186 компјутери во 2009 година. Од нив, во функција се само 22. Сите други се или украдени или оштетени.

Слично е и во Основното училиште „Стив Наумов“ од Скопје, каде од донираните 593 компјутери, само 40 функционираат, додека за другите немаат делови.

Во некои училишта компјутерите не се во функција поради варирање на напон во електрична енергија. Таков е примерот со Основното училиште “Димката Ангелов Габерот” од Кавадарци. Иако им биле донирани 286, училиштето сега располага со само 60 компјутери. Другите не работат поради старост, нестабилна струја и механички се оштетени.

Интересен е примерот со средното училиште АТА од Центар Жупа, кои се формирани по 2009 година кога е завршена втората транша на донирање на компјутерите. Компјутери не им се донирани, па се пожалија дека сами морале да се снаоѓаат за ИКТ наставата.

Во Средното училиште “Јосип Броз Тито” од Битола дел од опремата стои неотпакувана бидејќи не можела да биде инсталирана.

Во училиштето “Лазо Мицев-Рале” од Кавадарци велат дека им биле донирани 10 монитори и едно куќиште, но иако се исправни, тие не ги користат, поради, како што велат, “специфичноста на училиштето кое е основно музичко и балетско училиште”.

 

Мали придобивки

 

Општа е оценката дека придобивките од проектот се мали од причина што за краток временски период компјутерската техника откажала. Без редовно одржување, без сервисирање, во значителен обем таа брзо станала неупотреблива.

Јулијана Тодоровска– директор на О.У „Димитар Македонски“ од Скопје:

,,Во текот на 2009 и 2010 година имавме две донации од кои вкупно 308 работни места,значи 308 тинклиенти,со монитори,тестатури и мауси. Исто така беа донирани 141 ученички лаптоп и 32 наставнички лаптопи.Во моментот имаме на располагање 256 компјутери ,од кои106 се спакувани,бидеќи се гради нов училишен објект и тие компјутери не сме во можност да ги распоредиме, немаме доволно простор. Другите се распоредени во шест училници и се во функција.”

Законот за основно и средно образование кој ги обврзува наставниците 30 отсто од наставата да ја изведуваат на компјутер, но тоа не се применува секаде поради дотраеноста, кражбите или несодветната инфраструктура за употреба на компјутерите.

Во голем дел училишта се пожалија дека мора да импровизираат за да ги исполнат одредбите во Законот.Па така, наместо со еден компјутер да ракува еден ученик, не ретко повеќе ученици седат на еден компјутер, а онаму каде нема компјутери се прават разни комбинации за да се импровизира или пак, воопшто не се употребуваат компјутерите.

Од Министерството за образование и наука по писмен пат ни одговорија дека компјутерите се дадени на трајна употреба на училишта и дека тука престанала нивната обврска.

 

 

Анкета на СКУП: „Не ги користат, ги украдоа“

Новинарската екипа на СКУП направи анкета меѓу ученици и родители за тоа какви се нивните согледувања и сознанија со користењето на опремата во редовната настава од мега проектот на државата „Компјутер за секое дете“?

Ленче Јовановска, ученичка од IV година во СОУУД  „Димитар Влахов“ во Струмица:

Не користиме компјутери во школо. Ги користевме само една година, но децата не ги чуваат. Ги уништија уште првата година„.

Сестра на ученик од I година во  ССОУ „Моша Пијаде“ од Тетово:

Не ги користат, ги украдоа“.

Ученик од IV год. во СОУ „Никола Карев“ од Струмица:

Работиме на компјутери, но само во тие кабинети каде што има компјутери“.

Родител на ученик во СОУ „Јане Сандански“ од Струмица:

Компјутерите се користеа неколку години, но сега се тргнати од училниците. Ги има само во дел од кабинетите. Наставниците им задаваат домашни задачи за на компјутер, ама за дома“.

Ученик од VII одд во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје:

Во повеќето училници имаме компјутери но не работат.По информатика учиме Power Point и правиме проекти, во истата училница имаме и изборен предмет каде што правиме и наши игри. Но компјутерите се исправни само во кабинетот по информатика“.

Ученичка од V одд во ОУ ,,Стив Наумов” од Скопје:

„ Во наставата во петто одделение не пишуваме и не учиме на компјутер. Не користиме компјутери. Во повисoките одделениа користат“.

Родител на ученичка во V одд во  ,,Стив Наумов”од Скопје:

„Имаат компјутери во училиште, но ги користат во повисоките одделениа oд шесто и деветто одделение. Во прво, второ и трето одделение користат мини компјутер, во четврто и петто одделение не користат воопшто.
Мислам дека не се обезбедени доволен број на компјутери во однос на бројот на ученици во учичиштето. Не знам дали причините се финансиски средства или обезбедена била ограничена бројка на компјутери по училиште“.

 

Родител на ученик од VI одд во ОУ ,,Гоце Делчев”- Штип:

„Децата користат ретко компјутери по информатика и тоа 2-3 деца на еден компјуте. Значи нема доволно компјутери за секое дете. Сите компјутери се надвор од употреба“.

Оваа непосредна анкета објаснува дека во Република Македонија дури во 7 од 10 училишта, компјутери се користат импровизирано, половично, несистематски. Најчесто повеќе деца делат еден компјутер.

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)