Денешна дата
24/02/2020

Политичката криза штетна за евроинтеграциите

Враќањето на собраниските мандати на опозициската СДСМ дефинитивно ќе остави дамка врз следниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија и негативно ќе влијае врз евроинтеграциите, прогнозираат аналитичарите

Со вчерашното потпишување на изјави на нотар од кандидатите за пратеници на СДСМ, стана извесно дека ќе се реализираат најавите за неприфаќање на освоените пратенички мандати.

Официјализирана е „комплицираната постизборна ситуација за Македонија“, како што ја опиша еврокомесарот за проширување, Штефан Фуле, која според аналитичарите ќе станува се позаплеткана и ќе влијае врз евроинтеграциите, кои и онака беа во застој.

stefan fule

Штефан Фуле

Иако се различни оценките за тоа дали политичката криза ќе има било какво влијание врз престојниот самит на НАТО кој ќе се одржи во септември во Лондон, аналитичарите се согласни дека бојкотот на СДСМ дефинитивно ќе биде забележан во извештајот на Европската Kомисија за Македонија.

Професор Мерсел Биљали оценува дека откажувањето на мандатите од страна на СДСМ е само врв на лошата ситуација во општеството, нефункционирањето на институциите, состојбата со медиумите, криминалот и корупцијата.

„Бојкотот е врв на сè што значи труло општество. Тој ќе влијае врз извештаите и влезот во НАТО, но ние и без ова ќе имавме лош извештај од ЕК, бидејќи досега се претставуваше една лажна слика во надеж дека оваа гарнитура ќе го реши името, па затоа се прогледуваше низ прсти. Имаме повеќе од политичка криза и не е само прашање каков извештај ќе добиеме, туку како ќе го надминеме сето ова во државата“, вели Биљали за „Инбокс7“.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека со бојкотот на опозицијата, земјата влегува во институционална криза и иако Собранието ќе може нормално да функционира, сепак, „цело е кога има се“.

„Одлуката на СДСМ да не ги признае мандатите ќе има сериозни и долгорочни последици и по угледот на државата на меѓународен план и директно на процесот на евроинтегрирање“, смета Никовски.

Според него, препораката за членство во Европската унија не мора да биде доведена во прашање, но една од главните поенти на извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ секако ќе биде поврзана со бојкотот и со кризата низ која земјата поминува.

Бојкотот на институциите секогаш многу негативно се доживува од Европската Унија, смета аналитичарот Алајдин Демири. Случувањата во Украина, смета тој, ги прават поповолни условите за влез во НАТО за Македонија.

 

„На престојниот самит на НАТО се менуваат состојбите, случувањата во Украина отвараат пошироки врати за Македонија и за зачленување во НАТО преку ред, па можна е поголема толеранција и поголема попустливост“, додава тој.

За разлика од Демири, пак, универзитетскиот професор Никола Дујовски смета дека следниот самит на НАТО во однос на Македонија нема да се промени ништо.

„Ние очекуваме покана за членство, а таа ќе ја добиеме кога ќе го решиме проблемот со името. На овој самит не верувам дека ќе бидеме на дневен ред“, вели тој.

Сепак, Дујовски нагласува дека новонастанатата политичка криза и бојкотот на СДСМ сигурно ќе остави забелешки во извештајот на Европската комисија.

„Сигурно ќе биде нотирано дека македонскиот парламент работи без опозиција и ќе остави дамка врз извештајот. Собранието ќе функционира, но ќе се носат еднострани одлуки и ќе останеме без  второто мислење. Се предлагаат чудни закони, опозицијата ни треба за да ни ги каже недостатоците и тие сосема коректно го правеа тоа во изминатите осум години“, смета Дујовски.

САД и ЕУ порачаа дека тие ја споделуваат оценката на ОБСЕ дека биле спроведени ефикасни избори, но и дека е потребно корегирање на сите регистрирани неправилности, особено во делот на разграничување на државата и партијата.

Ги повикуваме сите лидери на политичките партии конструктивно да се ангажираат во реформите кои ќе го унапредат процесот на евро-атлантската интеграција, ЕУ и САД остануваат партнери на замјата во тие напори“, се вели во заедничкото соопштение на амбасадите на ЕУ и САД во Скопје.

Опозициската СДСМ последен пат во февруари минатата година најавуваше враќање на мандатите на пратениците, по политичката криза која настана со 24 декември.

СДСМ и тогашниот лидер Бранко Црвенковски одреден период го бојкотираа Собранието. Иако најавија бојкот на локалните избори кои се одржаа лани, по разговорите со европските лидери, меѓу кои и еврокомесарот Штефан Филе, сепак, се согласија да учествуваат на изборите.