Денешна дата
18/08/2019

Медиумска писменост и едукација – најефикасен начин во борбата со лажните вести

  • Лажните вести земаат се поголем замав во интернет просторот
  • Експертите сметаат дека медиумската писменост во Македонија е неопходна за граѓаните да се научат како да ги разликуваат вистинските од лажните вести
  • Медиумите – моќно оружје во борбата против корупцијата

 

Пишува: Александар Тодески

 

Лажните вести се феноменот со кој се бори буквално целиот свет. Не ја изоставија ни Македонија, а како што пред две години разоткрија светските медиуми, таа е жариштето од која доаѓаа лажните вести за кои се вели дека му помогнале на американскиот претседател Доналд Трамп да извојува победа на претседателските избори.

Но, прашањето се отвара како една мала земја како нашата би можела да се справи со овие вести, кои секојдневно ги наоѓаме на социјалните мрежи, но и на целиот интернет простор. На оваа тема се разговараше и на трибината организирана од Инбокс 7, на која говореа луѓето кои се најповикани на оваа тема.

Медиумска писменост од мали нозе – можност најлесно да се приметат лажните вести

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска-Недиќ смета дека проблемот не е толкав колку што излега. Според неа, треба да се едуцираат граѓаните со цел да ги разликува лажните од вистинските вести. Бачовска-Недиќ додава дека во 2013 година се барало да не се споменуваат интернет порталите во законот за медиуми, затоа што тоа бил единствениот простор каде можеше слободно да се критикува тогашната власт.

-Сметам дека медиумската писменост треба да се имплементира од петгодишна возраст. Преку неформално образование треба да се учат и младите. Невладиниот сектор мора будно да следи и да реагира, но и луѓето мора да знаат како да ги препознаат лажните вести, рече професорката Бачовска-Недиќ.

Главниот и одговорен уредник на студентското радио при Универзитетот Гоце Делчев – Штип, Игор Стојанов смета дека лажните вести се искреирана реалност и дека она од што треба да се плашиме е организирана пропаганда. Тој нагласи дека е против регулација на интернет медиумите. Стојанов вели дека разговарал со лицата од Велес кои креираа лажни вести за време на изборите во САД, а кои му рекле дека веќе не ги работат тие портали.

-Маркетингот околу 60% е на Фејсбук и Гугл, па тие имаат апсолутна контрола кој и како ќе се рекламира. Разговарав со момците од Велес и тие ме известија дека им ги прекинале рекламите. Тие имаа и други портали, за здрава храна, за познати лица, но веќе немаат реклами на ниту еден од нивните портали, рече новинарот Игор Стојанов.

Еден од доајените на македонското новинарство и сопственик на порталот „Исток Прес“, Иван Бојаџиски смета дека лажните вести се трагедија и не им се гледа крајот. Вели, кога ќе праша дел од оние кои креираат лажни вести зошто го прават тоа, тие му одговарале дека тоа се бара и тоа се чита.

-Не гледам одбрана од лажните вести. Засега, сите лесно преминуваме преку тоа, ама казна нема, рече на дебатата новинарот Бојаџиски.

Според Тони Михаилов од Здружението на новинари, највиновни за манипулациите во порталите се политичките партии.

-Во најмала рака треба да има регулација задолжително да има импресум, за да се знае кој ги дава информациите, но и кој може и треба да се тужи, смета Михаилов.

Лажните вести за кликови наспроти вестите со точни и проверени информации

Весна Коловска е долгогодишен уредник на Канал 77, актуелна главна и одговорна уредничка на Македонски Медиа Сервис (ММС). Таа вели дека секојдневно се борат со овие лажни вести.

-Ние сме сега фрлени во некој океан и се обидуваме од местото кое што го имавме како традиционален медиум етаблиран со 27 годишно искуство, во моментов развиваме нов бренд. Сето тоа го правиме бидејќи мораме да се бориме со тоа што го имаме на пазарот. Пазарот прави огромна штета на македонското новинарство бидејќи во основа ние немаме пазар, имаме ПР, компании кои плаќаат новинари кои пишуваат квалитетни текстови, а од друга страна ММС се бори со насловите од типот „Видете која е новата швалерка на премиерот“, рече Коловска.

Таа смета дека интернет новинарството е борба со луѓе кои немаат новинарство, но имаат кликови и така заработуваат.

-Секојдневно излегуваат нови сајтови, некогаш помогнати и од агрегатори, па излегуваат на површина, но на крај страда професионалното новинарство. Кога бараме реклами, автоматски не можеме бидејќи бараат кликови и прашуваат „Колку сте на пазарот“, смета главната и одговорната уредничка на ММС.

За разлика од неа, новинарот Игор Стојанов смета дека лажните вести им направиле добро на новинарите, бидејќи благодарение на нив се инвестира во квалитетните медиуми.

-Бизнис заедниците, луѓето, политичарите сфатија колку е вредно новинарството, сфатија дека треба да инвестираат во добро новинарство. Тоа се случи во Америка, Џев Безос инвестираше од тие причини во Вашингтон пост, па го купи, инаку ќе пропаднеше весникот. Тој инвестираше од тие причини само да направи добро новинарство, рече Стојанов.

Корупцијата и новинарството

Моќта на медиумите и нивното значење наспроти корупцијата е темата на која коментираше Розета Трајан, генерален секретар во Државната комисија за спречување на корупција. Според неа, најголем партнер во борбата против корупцијата се новинарите и граѓанските активисти.

-Не толку одамна се покажа дека јавноста, новинарите и медиумите се будното око во нашето општество и открија голем корупциски скандал во самата антикорупциска комисија. За жал, низ годините антикорупциската комисија низ годините поради големите суети на тие кои биле на врвот на менаџметот одлучувале да објавуваат селективни информации и со тоа јавноста да не биде известена, а од друга страна да не ја направи институцијата одговорна и транспарентна што по дефиниција треба да биде, вели Трајан.

Според неа, доволен мотив за отворање постапка е натпис во некој медиум, а потоа Државната комисија за спречување на корупција да истражува дали е тоа така.

-Има една аномалија, бидејќи по престанокот на функцијата ДКСК нема увид во состојбата на поранешните функционери. Но, секој кој е истражувач кога прави сторија потребно му е да има историја на одредено лице. Често пати во минатото беше селективно одлучувало како да се толкува која информација иако во законот се знае што точно е информација од јавен карактер, додава Розета Трајан.

 

Јавниот сервис наместо кадровско јадро е застанат во времето

Присутните на дебатата не го исклучија од вина ниту јавниот сервис. Според нив, Македонската радио-телевизија е застаната во времето и не нуди ништо ново, а со тоа е и еден од најголемите виновници за состојбите во медиумите.

-Главна одлика на земјите по промената е јавниот сервис. Кај нас 27 години не се подигна јавниот сервис. Тој треба да биде кадровско јадро, но ние 27 години не ја подигнавме МРТ, вели порфесорката Јасна Бачовска – Недиќ.

Новинарот Игор Стојанов пак, нагласи дека во источниот дел на Македонија нема ниту еден дописник за јавниот сервис.

-Македонската радио-телевизија има 800 вработени, но нема ниту еден дописник од источна Македонија. Имаат околу 70 возила, но во источна Македонија нема ниту едно возило. Граѓаните плаќаат, но не добиваат известувач од нивниот предел. Слична е ситуацијата и во Македонската информативна агенција (МИА), вели Стојанов.

Според говорниците, Здружението на новинари на Македонија ќе треба да се залага овој проблем да се реши што поскоро. Иако за дел од нив не треба да има целосна контрола над интернет медиумите, некакво регулирање мора да постои, со цел да се намали бројот на ширачите на лажни вести.