Денешна дата
23/01/2019
Затоа, двотретинско и Бадинтерово мнозинство, правни инструменти кои ќе елиминираат пратеничко партиски блокади и, толку. Ете претседател на држава. - Зоран Иванов

ПРАВО – ПРАВДА & КАША – ПОПАРА

Крикот ќе се загуби во далечините без повратно ехо до креаторите на актуелниот политички амбиент кои од оваа мала надежна земја повторно направија каша попара.

Нема друго. И овај пат ќе си подзамижиме и, како лажичка рибино масло без шеќер, ќе си го голтнеме и овој невкус.

 

Пишува: Зоран Иванов

 

„Не во наше име“ – крикнаа поголема група уметници шаренореволуционери и дваесеттина граѓанските организации со бројно активно и во соборувањето на режимот мошне ангажирано членство и напишаа:

„Амнеситирате, го менувате законикот за да ги ослободите виновниците. А ние останавнме со раце полни кривични и прекршочни. Но ако, решени сме да ни се суди, и ако сме виновни што целиот свој уметнички потенцијал го вложивме во уривање на една грозоморна диктатура и ќе си лежиме во затвор наместо амнестираите. Шарените се тука, уморни и разочарани. Десет години од нашите животи посветивме по улици, тротоари, плоштади. Протестиравме, се боревме и сонувавме за промени заедно“.

Со амнестиите и со штелување на законите во насока на ослободување од обвиненија на виновните, македонската демократка јавност зовре. Слоганот „нема правда нема мир“ е фрлен на буниште. Амнестирачките случувања како во блендер ги измиксаа политиката и правото. Пак страдаше правдата. Политичарите си се пазарат, си се парват на триипол, не го фермаат граѓанството, ја  игнорираат нивната изборна доверба. Демократи, реални проевропски граѓани, шарените, интелектуалци, новинари, аналитичари, реагираат емотивно, со нагласени дози разочарувања, горчини, бес.

Власта со сесрдна асистенција на опозицијата ја уби државата. Се релативизираат обвиненија, се прекинуваат судења, шверцерски се менуваат закони, криминалци се промовираат во херои. Што ќе излезе, каква правна помија, можеме да претпоставиме. Општеството е во морален колапс. СДСМ и ВМРО и ДУИ го погребаа правниот поредок. Барем уште тоа малку што остана од него. Во дил за Преспанскиот договор. За бонус од уште грст гласови за уставните промени. Класична изнуда, рекет за Северна Република Македонија.

Видливо, се`е ова една голема партија покер во која добива македоонската држава и во која губи македонското општетсво. Земјава се најде на патот на заокружување на еден безбедносен геополитички пакет. Спорот за името беше реалната пречка. На нашите  меѓународни коалициски партнерти им пукнна фолмот и си дојода по своето. Кога не умеевме самите, макар и по вакви каша попара случувања, сепак на крајот ќе ни годи да не поттурнат. Сето во името на повисоката цел – членството во НАТО и една тронка уште надеж за Европската унија и нејзините вредности.

Додека контроверзната политичка амнестија и криминалци пушта на слобода, борците фрлачи боја, на фарбачите на режимот, уште им стојат прекршочни и кривични. Особено меѓу нив разочарувања, летаргија, дефетизам. Цената е превисока но, еве, било нужно да се плати. Се случува помирување но не како манифестација на човекољубие, добрина, разбирање, сочувство, лојалност. Туку како плод на брутални постапки на компромитирање на правото и правните институции со меѓусебни уцени, остапки, компромиси.

Новата полчитика гарнитура која во власта слета на крилјта на граѓанскиот отпор против режимот, ги оддува сите слогани на Шарената револуција. По којзнае кој пат политиката им ја свитка кичмата на обвинителствата и на судовите и забразди нови лузни кои македонското општество ќе треба долго да ги зацелува. И, како и обично, како и многупати досега, очајот на јавноста, на бројните правдољубиви демократи интелктуалци, уметници, невладини активисти, независни и самосвесни граѓани, ќе исчезне зад хоризонтот. Крикот ќе се загуби во далечините без повратно ехо до креаторите на актуелниот политички амбиент кои од оваа мала надежна земја повторно направија каша попара.

Но, еве пак, ако е тоа нужниот влог за успешен историски исчекор, за конечно позабрзано интегрирање како услов за посреќна заедница, добро. Ај да видиме како натаму. Како натаму како интегрирана држава во НАТО и како натаму со европските процеси. Сега се случува повторно уште една цела генерација, преку макијавелистички методи да е жртва за повисоки државните цели.

Цената за нашата двиполдецениска неспособност да си се справуваме со глупостите што самите си ги создаваме и досега сме ја плаќале. Ќе си ја платиме и сега. Па белким ќе тргне на поарно. Белим за побројна уставна поткрерпа ќе се соберат посакуваните стотина гласови парламентано мнозинство за новото уставно име на државата. Меѓупартиските договори за неправните случување се насочени кон политичка математика која на Северна Македонија треба да и даде историски консенсуален легитимитет. Макар и преку притисоци, уцени,  обвиненија, притвори, ослободувања. Тоа е цехот преку кој со дебело собраниско мнозинство ќе треба да се покрие скромниот референдумски скор.

На уставните измени треба на зеленото копче или со крената рака да се навлечат и досегашните пратеници контраши на неопходните компромиси содржани во Преспанскиот договор. Историски е потребно на овој чин да му се обезбеди најширок можен меѓупартиски договор. Северна Република Македонија да биде утврдено со подршка од максимално можен број пратеници од сите политички субјекти. Од сите без исклучок, вклучително и од бојкотирачката популистичка политика на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што оваа партија на референдумот за македонските евроатлантски интеграции не го направи пред три месеци, со амнестирачкото „помирување“,  ќе треба, овој јануари и ќе го стори тоа во Собранието.

Со амнестијата, со намеснските помирувања, власта ги загуби своите борбени подржувачи. Сега, во времево по нато интеграцијата и`останува да се надмине себеси. Да се потсети дека е на власт благодарјќи на вербата и борбата на граѓаните и да ги засука ракавите. Да расчисти со неспособните и корумпираните, длабоко и без компромиси да засече за реформите, да инсталира способни, самостојни и авторитетни институции и да ја врати довертбата на широкото активно граѓанско движење од времето на Шарената револуција.

Политиката не е бајка. Неправди се случуваат. Кај нас пречесто. Последнава со амнестиите е посебно неморална, брутална, насаилна, болна. Но ниту имаме друг избор ниту пак друга извесна алтернатива. Оттука, не ни останува друго освен да се преправаме дека доброволно сме си се поттуриле на уште една лоботмија, на уште една колективна амнезија со надеж за поперспективна македонска биднина.

Нема друго. И овај пат ќе си подзамижиме и, како лажичка рибино масло без шеќер, ќе си го голтнеме и овој невкус.