Денешна дата
21/03/2019

ИЗВЕШТАЈОТ ЗА „СКОПЈЕ 2014“ СОДДРЖИ ТЕШКИ ПРЕКРШУВАЊА НА ЗАКОНИТЕ, ВЛАДАТА СЕ ВАДИ НА СЛОЖЕНОСТА НА ПРОЕКТОТ

  • Што покажаа анализите на институциите за овој прескап и контроверзен урбанистичко-скулпторски зафат? Прекршувања на закони и Устав, на уметнички, архитектонски и урбанистички стандарди, ненаменско трошење на буџетски пари, фалсификати – и „Порта Македонија“ била прикажана како скулптура.
  • Професорот Мирослав Грчев вели дека не може да и прости на оваа влада што толку лесно влегла во барокната зграда на Илинденска бб.
  • Портпаролот на владата Миле Бошњаковски вели дека „Скопје 2014“ е сложен проект, каде се преплетуваат одговорности на неколку институции.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Иако беше најавен дека ќе чини околу 80 милиони евра, за мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ биле потрошени дури 700 милиони евра. Ова скоро десеткратно зголемување поминало преку прекршување на низа закони и ненаменско трошење на пари од државната каса, за што сега се најавува соодветна постапка за сите одговорни во спроведувањето на проектот.

Овој зафат, кој го смени ликот на централниот дел на главниот град на Република Македонија, од сите аспекти е се уште под сеопфатна анализа на Работната група формирана од Министерството за култура. Оттаму за порталот „Инбокс7“ велат дека во препораките на ова тело упатени до Министерството за култура и до Владата се сугерира значителен број скулптури, фонтаната „Воинот на коњ“, Портата „Македонија“, како и недоизградениот споменик „Мајка Тереза“, кој се наоѓа во близина на плоштадот Македонија, да бидат отстранети од сегашните локации.

Од Министерството за култура, пак, за порталот велат дека врз основа на увид во целокупната документација за одлучувањето, финансирањето, изработувањето и подигањето споменици и другите објекти во елаборатите, работната група недвосмислено констатирале прекршување на редица закони. Прво законот за буџет, па законот за спроведување на буџет, потоа законите за јавни набавки, за меморијални споменици и спомен обележја, за просторно и урбанистичко планирање, како и Законот за заштита на културното наследство.

Исто така, појаснуваат од Министерството, во елаборатите се наведува и дека во сите проекти, без исклучок, имало ненаменско трошење на буџетски пари и дека работната група препорачува и  покренување соодветни постапки пред надлежните државни органи.

 

И „ПОРТА МАКЕДОНИЈА“ Е ПРИКАЖАНА КАКО СКУЛПТУРА

 

Во елаборатот за сувенирите и сувенирниците, до кој дојде „Инбокс7“, е утврдено ненаменско трошење и прекршување на Законот за буџет. Утврдено е непостоење јавен конкурс за идејни решенија и дизајн, а сувенирите главно биле нарачувани од Кина со отсуство на стручна естетска валоризација, стои во елаборатот. Во првата фаза биле набавени сувенири во износ од 19 милиони 982 илјади денари, а во втората фаза од 24 милиони 996 илјади денари.

Вкупно се изградени 39 скулптури. Работната група утврдила дека скулптурите „Бикот“, „Шмизлата“, „Маските“ и останатите 32 кои беа поставени во централното градско подрачје во 2009 и 2010 година биле подигнати со прекршување на уметничките, архитектонските и урбанистичките стандарди. Тие биле незаконски поставувани преку процедура за урбана опрема која исто така не била исполнета. Згора, и „Порта Македонија“ била прикажана како скулптура.

Во елаборатот на работната група на министерството за култура се препорачува Општина Центар да ги поништи решенијата што ги издавала за поставување на скулптурите. Од Музејот на современа уметност кој има склучениот договор со бившиот владин состав за чување и одржување на скулптурите, е побарано да ги преоцени нивните уметнички вредности .

Во елаборатот за споменикот „Филип Втори“ се вели дека, како и во случајот со подигањето на споменикот на „Воинот на коњ“, односно „Александар Македонски“, се прекршени одредби од уставот и Законот за меморијални споменици и спомен обележја. Во елаборатот се наведува и дека е прекршен Законот за буџет, направена е злоупотреба на службената должност, а прекршени се и повеќе закони во врска со локацијата. И за овој споменик се предлага негово отстранување.

 

СЕ КОНСТАТИРА И УПАД ВО ИДЕНТИТЕТСКИКОТ КОРПУС НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

 

Во анализата за формирањето и конципирањето на „Музејот на ВМРО“,  работната група утврдила голем број  незаконитости и стручни неправилности.

Констатирани се неправилности и прекршувања на повеќе закони и тоа: Закон за буџет и Закон за спроведување на буџет, Закон за музејска дејност, Закон за заштита на културното наследство, генералните принципи и стандарди на современата музеологија како и упад во идентитетскикот корпус на македонскиот народ и идеолошка обоеност на музејот како целина и фаворизирање на партиски митови. Дополнително, музејот инсистира на восочни фигури во поставката што го вулгаризира и навредува професионализмот во музеологијата“, оценува работната група.

Меѓу препораките се вели дека „Музејот на ВМРО“ треба да се избрише од листата на заштитено културно наследство, вклучувајќи ја и „Порта Македонија“ која е во состав на музејот. Исто така, се предлага преименување на музејот за да се избегаат асоцијациите со активна политичка партија кај нас.

Се предлага и промена во постојаната поставка во делови кои се спротивни на историските вистини, што не ги претставуваат најзначајните моменти од македонската борба за државност и самостојност. А поради индиции за можни финансиски неправилности при изградба на музејот се препорачува натамошно испитување на евентуалните криминални постапки.

 

НЕРЕГУЛАРНОСТИ И ЗА СПОМЕНИЦИТЕ НА „ГЕМИЏИИТЕ“, „ЦАР САМОИЛ“ И „ДИМИТРИЈА ЧУПОВСКИ“

 

Прекршување на повеќе закони и ненаменско трошење средства, утврдила работната група при Министерството за култура во елаборатите за споменици на „Гемиџиите“, „Цар Самоил“ и „Димитрија Чуповски“. Во сите елаборати недвосмислено е констатирано прекршување на редица закони – за буџет, за спроведување на буџет, за меморијални споменици и спомен обележја. Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за заштита на културно наследство. Во трите елаборати без исклучок работната група препорачува мерка – отстранување на споменикот и враќање на локацијата во првобитна состојба како и покренување соодветни постапки пред надлежните државни органи.

Досега е постапено единствено по препораките на споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето кој е отстранет, а како што се наведува и во препораките местото е доведено во првобитна состојба.

Во елаборатот од работната група беше утврдено дека немало градежно решение за негово поставување по што општина Центар му наложи на Град Скопје неодложно и итно да го отстрани споменикот.

Во образложението се наведува дека е подигнат со две одлуки на Советот на град Скопје на седница одржана на 14 јули 2014 а пред Врховниот суд беше поставен ноќта помеѓу 6 и 7 септември 2014 година. Споменикот на Ќосето беше поставено по одлуката за примање донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Во елаборатот се вели дека, со овие одлуки на град Скопје, недвосмислено се дерогираат надлежностите на Собранието во одлучувањето за одбележување на настани и личности. Понатаму, се наведува дека поради фактот што Законот предвидува одлучувањето за спомениците да биде и со мнозинство од заедниците што не се мнозинство градот Скопје ги заобиколил и дерогирал не само надлежностите на Собранието туку и бадентеровото одлучување.

„Споменикот е подигнат со постапка при која е направен тежок фалсификат со локација во изводот од ДУП за судска палата. Направени се три тешки прекршувања на Законот за меморијални споменици и спомен обележја, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење, поради што споменикот на Ќосето се стекна со статус на бесправна градба и треба да ги сноси последиците што законот ги пропишува за бесправни градби“, се наведува во образлжението.

На прашањето на „Инбокс7“, дали ќе се постапи по препораките и за другите објекти кои наведени во секој елаборат поединечно, од Министерството за култура велат дека тоа ќе зависи од тоа какви се одлуки за ова ќе донесе Владата.

 

ВЛАДАТА ИЗГУБЕНА ВО СЛОЖЕНОСТА НА ПРОЕКТОТ

 

Побаравме одговор и од Владата за тоа какви одлуки се донесени и какви мерки ќе бидат преземени согласно дадените препораки на Работната група, дали ќе има отстранување и на други споменици или објекти од Скопје 2014 и колку од нив затекнати во фаза на градење се стопирани, а кои и натаму ќе продолжат да се градат.

Портпаролот Миле Бошњаковски со одговор дека се работи за сложен процес, затоа што во нивната поединечна реализација учествувале различни државни органи и институции на централно и локално ниво, кои користеле различни процеси, пристапи и начини на меѓусебна соработка при спроведувањето и дека поради тоа се создала комплицирана ситуација на меѓусебно преплетување на одговорностите и надлежностите.

Досега ефектуирање на препораките од сите доставени елаборати имаше за споменикот на „Андон Лазов Јанев Ќосето“ кој беше во надлежност на општина Центар и Град Скопје. Исто така и стопирањето на гломазниот споменичен комплекс „Мајка Тереза“, кој што Министерството за култура го „наследи“ од Субрата Рој. Потоа, Град Скопје се откажа од изградбата на Панорамското тркало, а се откажа и обновата на Скупи и изградба на амфитеатар од травертин за 9000 посетители, што ќе ја нарушеше целосно автентичноста на овој значаен археолошки локалитет. Во Археолошкиот музеј во тек е процес на реконцептуализација на музејската поставка што беше обременета со восочни фигури, несоодветни сликарски платна и други неавтентичен музејски материјал. Исто така општина Центар ги стопираше училишните посети на идеологизираната поставка во Музејот на македонската револуционерна борба, чекор што ќе го следат и други општини додека не стане вистински музеј што ќе ги запази сите стандарди“,  вели Бошњаковски.

Владиниот портпарол уште додава дека внимателно ќе бидат разгледани елаборатите на Работната група, како и импликациите што би се создале со нивното спроведување, а потоа ќе биде донесена одлука  како ќе се постапи понатаму.

 

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ, ФИЛИП ВТОРИ И ОЛИМПИЈА НЕМА ДА СЕ УРИВААТ

 

Во јуни годинава портпаролот Бошњаковски изјави дека споменикот на „Александар Македонски“ кој во еден период беше преименуван во „Воинот на коњ“, нема да се урива, како што претходно постоеше уверување и на кое и натаму инсистира Работната група задолжена за „Скопје 2014“. Тој ќе го носи вистинското име но ќе добие и објаснување дека, согласно и договорот од Преспа, е дел од хеленскиот антички период и дел од светското културно наследство. Истото ќе важи и за спомениците на „Филип Втори“ и „Олимпија“ лоцирани од левата страна на Вардар преку Камениот мост.

 

 

ГРЧЕВ: НЕ МОЖАМ ДА И ПРОСТАМ НА ОВАА ВЛАДА ШТО ТОЛКУ ЛЕСНО ЈА ПРИФАТИ И БАРОКНАТА ЗГРАДА И ВЛЕЗЕ ВО НЕА

 

Професорот и координатор на Работната група Мирослав Грчев и покрај ваквото решение на Владата и натаму бара да се отстранат спомениците на „Александар Македонски“, „Филип Втори“, но и за повеќето скулптури и барокните фасади. Според него ставот кој се изнесува во јавност дека со тоа ќе има дополнителен трошок е незначително во однос на тоа што овие споменици и натаму ќе прават поинакви штети. За него нема ништо спорно да постојат спомениците на Х.Т. Карпош, Никола Карев, Даме Груев или Гоце Делчев, но за останатите смета дека треба да бидат отстранети. Не е задоволен од односот на власта кој овој проект, како што вели, го става на „опашката“ на приоритетите. Вели дека сето ова што се изгради со Скопје 2014, сите овие потемкинови села, се злостор за државата.

Прво не можам да и простам на оваа Влада што толку лесно ја прифати прво таа, како ја викаат „шампита“, владината зграда. Тоа може да се врати во првобитна состојба на делото наградувано и славено на мојот претходен професор Муличковски. И тоа врховно архитектонско дело сега е прекриено со одвратен кич и бесмисол архитектонски“, вели Грчев.

Тој смета дека треба да бидат реконструирани и фасадите со кои се уништени многу модерни згради, а во првобитна состојба да се вратат и оние згради кои се споменици на културата. За новоизградените објекти што во голем дел поради неквалитетот почнуваат да се распаѓаат вели дека треба да се остават со време самите да се уништат, а потоа да се одлучи што ќе се прави со нив, дали некои да се реконструираат во нормални објекти а другите дополнително да се реши што ќе се прави. Грчев е лут е на оваа власт и за тоа што оставила некои од проектите и натаму нормално да функционираат.

Сувенирниците се уште работат. За сувенирите, инаку порачувани главно од Кина се потрошени огромни суми пари на граѓаните. Но, наместо да се донесе одлука сето тоа да се уништи тие се уште стојат сместени во две простории на Музејот на современата уметност. Простории кои треба да се користат за изложбени музејски постановки, тие се магацини“, вели тој. Во однос на финансиската анализата на „Скопје 2014“ и елаборатите кои ги изработиле, профресор Грчев наведува дека во сите до еден има индикации но и факти за за криминал.

 

СЈО ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ ВОДИ ИСТРАГА ЗА ПРОЕКТОТ „СКОПЈЕ 2014“

 

Од Специјалното јавно обвинителство не сакаа да зборуваат до каде е случајот со истрагите за „Скопје 2014“ кое го водат повеќе од 2 години. Само кратко ни одговорија дека се уште е во фаза на предистрага и дека во овие моменти не можат ништо друго да обелоденат.

И Државниот завод за ревизија во неколкуте поединечни анализи на Министерството за култура, општина Центар, како и Град Скопје која имаше отворена и Наменска сметка – Култура на која беа префрлани пари од државниот буџет, констатирала низа прекршувања.

Се на се, содржините на контроверзниот, прескап и со сомнителни уметнички и естетски вредности, проект „Скопје 2014“ мириса на мегаломанство, невкус и криминал. Но новата Влада на Република Македонија, која пред граѓаните презеде обврска за ревизија од сите аспекти на неговата реализација, како да подзаборави на ветувањата. Процесот на демистификација на овој проект засега е бавен и непродуктивен.