Денешна дата
23/01/2019

МАКЕДОНИЈА ГО БАРА СО МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА, ВОЛФГАНГ ГАМПЕР СЛОБОДНО ШЕТА НИЗ АВСТРИЈА

  • Освен меѓународната потерница, Волфганг Гампер и Никола Груевски ги спојува непријавеното финансирање на кампањата.
  • Во Македонија се заборави дека уште еден бегалец од правдата ја напушти државата иако судот му го одзема пасошот.
  • „Секјуриком“ со секој нов државен тендер си ги зголемувала сумите иако работеле ист број на работници.

 

Пишуваат: Александар Тодески и Ивана Рамаданова

 

Додека во Собранието се водат војни за амнестии и спасување на поголем дел од обвинетите бивши функционери и актуелни пратеници, низ судските лавиринити мирно минува случајот за австриската фирма „Секјуриком“, кој го отвори обвинителството по случај спроведен од Финансовата полиција.

Но, што се е вплетканo во случајот за овој гигант од кој скромно преживуваа илјадници луѓе низ целата Македонија? Инбокс7 го истражуваше подемот и падот, но и сите корупциски врски на сопственикот на фирмата, Волфганг Гампер и сите влади досега.

 

КАКО “СЕКЈУРИКОМ“ ВЛЕЗЕ ВО ТЕНДЕРСКИТЕ ПОСТАПКИ?

 

Гампер со „Секјуриком“ влезе во Македонија „случајно“ во 2002 година, баш во периодот кога Љубчо Георгиевски одлучи да ја растерети Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), со што 500 вработени да влезат во приватна фирма во која би ги имале истите бенефити како да се под државна капа.

На 27. март 2002 година, во Службениот весник на Република Македонија се објавува Законот за јавни набавки кој го изгласале пратениците, а на истиот ден стапува на сила. Во тој период се менува и одлуката за основање на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), со кои измени истата веќе не смее да вработува хигиеничари, дактилографи, обезбедување и лица за тековно одржување. Со ова, фирмата на Гампер станува неуништлива, бидејќи е единствена на пазарот која ги нуди сите овие услуги. Шест месеци подоцна, на 15. Септември, се потпишува десетгодишен договор помеѓу СОЗР и „Секјуриком“. Тој договор трае до 2012 година, кога веќе на чело на државата е политичкиот наследник на Георгиевски, Никола Груевски.

Груевски пак, во 2011 година, кога “Секјуриком“ му покрива дел од предизборните трошоци, повторно ја менува одлуката за основање на СОЗР со што го враќа овластувањето на службата да вработува кадри кои веќе се пополнети од “Секјуриком“. Но, наместо да нема нов договор бидејќи Службата вработува лица за тие работни места, во 2012 година СОЗР сепак  потпишува нов договор со „Секјуриком“.

 

 

ГАМПЕР СЛОБОДЕН ВО АВСТРИЈА, ВО МАКЕДОНИЈА СЕ МЕНУВА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК

 

Сопственикот на „Секјуриком“ речиси и да не се појавуваше во јавноста, иако неговата фирма од сите страни беше посочувана како една од многуте кои не работат законски. Сепак, неговото име одекна во јавноста кога Финансовата полиција објави дека заедно со екс-директорот на Службата за општи и заеднички работи, Васе Доневски се обвинети за злоупотреба на службената положба, со што направиле криминал тежок 11 милиони евра. За Доневски судот одреди мерка притвор, а за Волфганг Гампер само одземање на пасошот. Но газдата од Австрија и без пасош избега од Македонија.

Со Гампер успеавме да стапиме во контакт преку социјалните мрежи, но не беше многу расположен да зборува за случајот. На нашите прашања каде е и дали ќе се врати во Македонија, тој кратко одговори дека не е виновен за тоа што го гонат и дека од претходната власт не зел ниту едно евро.

Во моментите кога во Собранието се бараат начини како да се менува членот 353 од Кривичниот законик, со кој од вина би се ослободиле поранешни функционери, на придобивка се надева и Гампер за кој би се изменила и казната доколку судски биде докажана, бидејќи и тој се товари по истиот член.

Сопственикот на „Секјуриком“ Гампер во моментов се бара со меѓународна потерница, но сепак тој не крие дека слободно шета низ Австрија. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) не известија дека за него е распишана меѓународна потерница неколку дена откако тој избега од државата.

„За лицето Гампер Волфганг од татко Фридрих, мајка Хедвиг роден 01.08.1945 година во Виена – Австрија, каде и живее на 31.8.2018 година е распишана меѓународна потерница. За потерницата веднаш е известен Интерпол. Гампер се бара со наредба КО бр.30/18 издадена од ОЈО- ГОКК Скопје под сомнение за сторено кривично дело по член „353“ од КЗ на РМ“, велат од МВР.

Прашања испративме и до Министерството за правда, но до објавување на текстот не добивме одговор дали за него е побарана екстрадиција, бидејќи не ги почитувал мерките за претпазливост определени од Судот и не е присутен за судските рочишта.

 

“СЕКЈУРИКОМ“ ИМ ДОЛЖИ И НА ВРАБОТЕНИТЕ

 

Фирмата на Гампер со месеци не ги исплаќаше вработените и ги оставаше без здравствено осигурување. На овој проблем следеа и неколку протести кои беа запирани со бројни ветувања за исплата, но во меѓувреме, Судот одлучи да ги блокира сметките на фирмата. Сепак, пред два месеца, падна договор да се одмрзнат сметките единствено за исплата на плати.

Во септември годинава, кога Службата за општи и заеднички работи распиша нови тендери за чистење, тековно одржување и обезбедување на државните објекти, кои досега беа во еден тендер и под дифолд паѓаа кај единствената фимра која го овозможуваше сето тоа заедно – „Секјуриком“, се потпиша анекс на договорот, бидејќи истиот истекуваше на 31. август.

Но, како што дознава Инбокс7, „Секјуриком“ воопшто не добила финансии од СОЗР за сработеното за тој месец.

Од Службата, според нашите информации, единствено објаснување зошто не ја исплатиле фирмата за анекс-договорот било дека фирмата немала некаква лиценца, иако од таму знаеле дека вработените секојдневно доаѓале на работа, како и дека одмрзнатите сметки во делот за плати се единствено за нивна исплата.

Испративме прашања до „Секјуриком“ за тоа колку плати должат на вработените, но одговор не добивме.

Од СОЗР пак, по неколку дена молк за тоа дали за септември месец ја исплатиле фирмата „Секјуриком“, не упатија одговор да бараме преку писарницата на службата бидејќи, според нив, прашањата биле од финансиски карактер, иако секогаш претходно овој одговор го давало лицето за пристап до информации од јавен карактер.

 

ДОБИВАЛА ТЕНДЕРИ А НЕ ПЛАЌАЛА КИРИЈА

 

Инбокс7 истражуваше колку „Секјуриком“ добивала државни пари во првиот и последниот договор со СОЗР. Според документите до кој дојдовме, се работи за истиот број на вработени, но со далеку поголеми примања за фирмата.

Додека „Секјуриком“ ги добиваше државните тендери, не плаќаше кирија на државните институции во кои работеа вработените, ниту пак плаќаше за хартија, принтер и останатиот материјал кој вработените го користеа.

Во 2002 година, Австриската компанија за прв пат влегува во државните институции. Тогаш, приходите на фирмата биле 221,509 евра месечно за сите понудени услуги, а веќе во 2015 година за истите услуги со истиот број на вработени и истите месечни примања на вработените, се доаѓа до сума од 298,050 евра месечно.

Според договорот од 2015 година, на сметката на „Секјуриком“ легнувале 91,746 евра месечно за хигиена. Во десетгодишниот договор потпишан во 2002 година, овие средства биле драстично помали, односно 68,228 евра месечно.

Услугите за ПП заштита кои државните институции ги добивале од фирмата во 2002 година ги чинеле даночните обврзници 57,519 евра месечно. Со договорот од 2015 година, оваа сума изнесувала 62,983 евра месечно.

Фирмата на Гампер во првиот договор со СОЗР имала побарувања од 50,207 евра месечно за тековно одржување. Во 2015 година, овие средства ги наплатиле за 12,000 евра повеќе, односно 62,983 евра месечно.

Единствено се намалиле сумите за управување со ТТ централите и дактилографски услуги. За ТТ централите, фирмата од 2002 до 2012 година добивала 2,024 евра месечно, а од 2015 до септември 2018 година добивала по 3,644 евра месечно.

За дактилографски услуги, сумата според договорот од 2002 година била 38,531 евро месечно, додека пак со договорот од 2015 година, оваа сума се смалила на 23,030 евра. Причина за овој пад во сумите, наместо раст како за речиси сите други услуги, се должи на драстично намалениот број на дактилографи во институциите кои до септември беа ангажирани од „Секјуриком“.

 

ПОВРЗАНОСТА НА ВОЛФГАНГ ГАМПЕР СО НИКОЛА ГРУЕВСКИ

 

Волфганг Гампер и Никола Груевски не ги спојуваат само сликите во Интерпол под кои пишува „меѓународна потерница“. Двајцата бегалци од правдата со одземен пасош долги години соработувале, а ги издадоа нивните трансакции и прислушуваните разговори.

Во најобемниот случај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Титаник“ може да се види и една длабока бизнис соработка.

Фирмата која минатата година исплати 2.000 денари К15 со образложение дека претрпувале финансиски кризи и дека сепак одлучиле да го дадат тој „бонус“, не била толку скржава кога се работело за предизборните кампањи на Никола Груевски.

Според обвинението на СЈО, „Секјуриком“, заедно со уште неколку фирми, за време на предизборната кампања во 2011 година платиле за подлоги за компјутерски глувчиња, подметачи за чаши, но и за услуги за бина, звучници и рефлектори во вкупен износ од 3.120.770 денари, сума која три фирми ја поделиле, но со тоа избегнале да се пријават како донатори на ВМРО-ДПМНЕ.

Трудовиот инспекторат низ годините добивал низа пријави за незаконското работење на „Секјуриком“, но не е преземено ништо по ниту една пријава, иако вработените кои пријавувале, пријавувале со докази.

Дел од нив одлучија своите приказни да ги раскажат за Инбокс7 сега, а велат дека досега молчеле за да го задржат работното место.

„Колку повеќе пријавувавме во Трудовиот инспекторат, толку повеќе добивавме притисок од надредените. Фирмата не работеше целосно законски уште од почетокот, но подоцна почнаа и доцнењата на плати, некогаш и по неколку месеци. Сепак, никогаш не се отвори постапка за нашите поплаки, бидејќи беа врзани со претходната власт“, ни изјави еден поранешен шеф од внатрешноста на Македонија.

Според исказите на вработените, во „Секјуриком“ најмногу биле злоупотребувани хигиеничарките, кои за минимална плата чистеле и на неколку локации дневно.

Фирмата на Волфганг Гампер во јули ја напушти зградата лоцирана на една од најатрактивните места во центарот на градот, местото наречено „Мал ринг“. Во моментов се наоѓаат на локација во Кисела Вода, кај „Чешма“, но преземените вработени не знаат точно каде е, па немаат каде да го искажат револтот за неисплатената плата за одработениот месец.