Денешна дата
23/01/2019

Разум или емоција

пишува : Денко Малески

 

Шарл Франсоа Рене Кастел де Сен Пјер (1658 – 1743) целиот свој живот работел на подобрување на своето општество. Бескрајната верба во разумноста на човечките суштества, пак, придонела неговите современици да го сметаат за човек кој гради кули во воздух, а претседателот на француската влада, да го нарече „здодевен и вознемирувачки агитатор“.  Дури и Русо, кој длабоко го почитувал Сен Пјер, пишува: „Тој ќе беше многу мудар човек, да не беше толку апсурдно разумен“. Зборови на предупредување од големиот мислител, дека, во политиката и во општеството, „емоцијата“ има предност над „разумот“.

Внимателен да не бидам „апсурдно разумен“, секогаш ги имам на ум овие зборови. „Разумот“ или „емоцијата“, што е она што доминира во македонската политика? Генерално правило е дека во една високо  емотивна дебата, каква што секогаш е онаа околу промената на името, политиката на разумот, никаде во светот, не  била во предност во однос на политиката на емоцијата и страста. Доколку, по прашање на името, новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, водено од својот инстинкт за политички опстанок, продолжи да игра на старата карта на македонскиот национализам, ќе имаат поддршка кај многу заробеници на националните митови. Тоа што некои од раководството на партијата самите не се заробеници на тие митови, туку само прават политика од нив, е друга тема кој зборува за нивниот карактер. Но, замислете ги политичките последици од слоган како овој: Грците ни ја земаа земјата македонска, а сега, со Преспанскот договор и промената на името, и душата македонска. Долу со предавниците! Ако доволно долго го повторувате ова или нешто слично и музички го илустрирате со „ВМРОООО…ВМРОООО…“, не е потребен мозокот на гласачите, срцето ќе ја заврши работата. Итрите млади политичари тоа го знаат и одново ја почнуваат истата игра.

На оваа силна емоција тешко и се спротиставува разумот со образложение кое што почива врз рационална анализа за која, во ек на изборните кампањи, каква што ќе биде идната претседателска, на пример, и онака нема време. Како разумно да се бјасни дека без оглед колку македонските политичари, па и македонскиот народ, се спремни да чекаат на некаков поповолен компромис, албанското гласачко тело ќе се радикализира ако опцијата ЕУ и НАТО остане предолго затворена за нив, предизвикувајќи „украинизација“ на Македонија? Како да се објасни дека откога ќе се произведе таа радикална ситуација, враќање на претходната е многу тешко, зашто, како со распадот на мултинационална Југославија, пропуштени временски секвенци често не можат да се надоместат?  Како да сее објасни дека ако не помине Преспанскиот договор, било во Грција или Македонија, новиот, во најдобар случај би бил истиот, или најверојатно, многу полош за Македонците?  Или како да се објасни дека со амнестијата, власта можеби ги доби потребните гласови, но доби и жестоки непријатели кои се сега на слобода и ќе работат, со сета сила, против неа? За овие и многу други работи, имаше време да се зборува сите овие изминати месеци. Но, Македонија го нема тој умствен потенцијал и волја за таков потфат кај својата кавгаџиска интелигенција. Ете уште една причина зошто кога ќе дојдат изборите,  во изборниот хаос што настанува, срцето има предност пред главата.

Не, не мора да биде така, ниту е така во сите земји: разумот да е инфериорен во однос на емоцијата. Меѓутоа, бранејќи го уставното име, дваесет и седум години и не размислувајќи на компромис, политичарите на Македонија го стимулираа „срцето“ наспроти „главата“. Ненадејната драма предизвикана од промената на светската геополитика која ја произведе нужноста од брзо решение на „замрзнатиот конфликт“ помеѓу Македонија и Грција, ги затече политичарите и народот тотално неспремни. Особено народот чии емоции беа злоупотребувани од еден изборен циклус до друг. Имено, иако се знаеше дека сојузите постојат за да ги одбранат интересите на своите членки, па нема НАТО и ЕУ без решен спор со Грција, политичкото наддавање кој е поголем патриот не запираше со децении. Повикот од социјалдемократите народот конечно да почне да мисли со своја глава, беше премалку и предоцна за победа на референдумот. Неодговорното поведение на националистите кои одиграа една двојна игра, за на крајот да го бојкотираат референдумот, пак, го произведе молкот на голем дел од граѓаните. Причина? Веќе реков: кога станува збор за прашањето на името, нашата демократија, од 1991 па наваму, се претвори во една брутална профитерска демагогија за победа на избори. Во отсуство на способност и волја на партиите да се обединат околу иднината на нашата држава, последиците од таа децениска демагошка игра, ќе ги видиме и на претстојните претседателски избори.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.