Денешна дата
21/03/2019

ЖИВОТОТ ПРОДОЛЖУВА

Пишува: Александар Кржаловски

 

Поминаа и Новогодишните и Божиќните празници и животот продолжува понатаму!

Кај нас, со бурна недела – финалето на постапката за уставните измени, која се очекува да финишира до крајот на неделата. Се очекува тие измени и да бидат изгласани со потребното (двотретинско) мнозинство од најмалку 80 пратеници. Ова и заради искуството од почетокот на процесот, односно седницата на 19 октомври, кога гласањето се одлагаше се додека владејачкото мнозинство не беше сигурно дека има обезбедено 80 гласови „за“. Веројатно и сега ќе биде така – гласање ќе нема, се додека не е извесно дека ќе го има потребниот број пратеници кои ќе го стиснат зеленото копче! Додуша, малку ќе е покомплицирано овој пат, бидејќи за секој од амандманите (засега 4) треба да се гласа посебно.

 

Сепак, премиерот Заев изјави дека засега може да смета на 76 сигурни гласови, а ова беше пред неговата средба со Беса (односно со Билал Касами), како и се уште неодржаната средба со Алијансата за Албанците (Зијадин Села). Според ова, би можело да се претпостави дека тука „се кријат“ се уште непотврдените гласови, а од друга страна се смета на поддршката на осумте (седум од нив веќе поранешни) пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа „за“ на 19 октомври. Ова е поткрепено и со „чудниот крај“ на собраниската година, со донесувањето на закон за амнестија и брзо-потезен процес потоа за негово спроведување (барем нема да може ЕУ да продолжи со најконстантната критика „добри ви се законите, само спроведувањето не чини“, а може и ќе не пофали колку брзо и добро сме го спровеле овој закон, во својот нареден извештај за Македонија во април). Со тоа стана јасно зошто тие осум и токму осум гласале така тогаш… и зошто пак би гласале „за“ уставните измени и оваа недела. Стана јасно која е цената за овие гласови, или гледано поинаку – како некои го замислиле помирувањето. Или како што пред да се случи ова зајадливо искоментирав: додека за време на референдумската кампања, некои од поддржувачите на Преспанскиот договор велеа „ако не сте за Договорот, не сте за ЕУ и НАТО“, така сега истото ќе се сведе на фразата „ако не сте за амнестија, не сте за ЕУ и НАТО“.

 

Шегата на страна, ова со амнестијата, после референдумот, е веќе и втората горка пилула што нашето општество (треба да) ја проголта. И доколку за референдумот се јасни бројките – само околу 33,7% од гласачите (според избирачкиот список) или нешто под 30% од сите граѓани на Република Македонија, дале поддршка за Преспанскиот договор, нејасно е уште за колку е опадната поддршката после амнестијата. Според анкетата на МЦМС од почетокот на декември, дури 67% (или точно 2/3) од испитаниците, биле против било каква амнестија. Меѓу нив, по над 80% од симпатизерите на СДСМ и од етничките Албанци. Дали, според простата математика од ваквите податоци, може да се заклучи дека реалната поддршка за Преспанскиот договор сега е и под 10% (1/3 од оние што го поддржале договорот на референдумот)? Можеби не, но веројатно оваа проценка не е далеку од реалната состојба меѓу граѓаните. И додека целата „борба“ за спроведување на Договорот се сведува на оваа недела и собирањето на 2/3 (т.е. 67%, односно 80) од сите 120 пратеници, се чини дека посакуваната и реалната поддршка се повеќе се оддалечуваат. И за жал, тоа порано или подоцна ќе се манифестира.

 

Но, прашање е дали и двете досегашни горки пилули ќе се доволни, или „терапијата“ ќе продолжи со понатамошни отстапки, компромиси и некакви договори (тајни или како се во државава – не толку тајни). Овој пат во смисла на испоставените барања од БЕСА (и можеби некои дополнителни од Алијансата), меѓу другото и за бришење на одредницата „македонско“ од описот на државјанството (во пасошите и другите релевантни документи), според некои толкувања на овие барања – само за етничките Албанци, а според други – кај сите граѓани. Да не испадне после ова да биде ситуацијата „терапијата успешна, пациентот – мртов“.

 

Но, да не велам пак „шала на страна“, кога веќе и тоа преминува во „црн хумор“, да видиме кои се опциите за неделава пред нас:

  • Владата да ги прифати барањата на Беса/Алијансата, со што би ги добила нивните гласови, но ризикува губење на други (особено од тие осум од опозицијата, кои веќе и се изјаснија дека овие барања се во спротивност со нивните заложби и веќе поднесени/усогласени амандмани);
  • Владата да ги отфрли тие барања (ризикувајќи ги тие гласови), но:
    • Беса/Алијанса сепак гласаат за уставните измени (заради логиката на која се надева и Владата – дека е ова најважно за членството во НАТО, па никој од етничките Албанци во Собранието не би смеел да не гласа “за“ (а можеби за возврат, добиваат други „бенефиции“ за тие гласови);
    • Владата обезбедува дополнителна поддршка од пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Секако има и други опции и меѓу-решенија, па како што добрите практики или и правила на медијација/преговарање советуваат – треба да се согледаат најмалку седум опции пред да се пристапи кон решавање на ситуацијата.

Како и да е, исходот ќе се знае многу бргу – можеби уште денеска, а според сите најави, секако до крајот на оваа недела, со завршното гласање за уставните промени. Дали со уште некоја горка пилула или не, сеедно, претпоставувам ќе се протурка Преспанскиот договор и завршат сите обврски на Македонија.

Кој знае, можеби ќе е за арно… нели за тоа сето ова и се прави.

Животот секако ќе продолжи и нема да ни биде многу различен и со и без тоа.

Нека ни е со среќа и неделава и годинава пред нас!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.