Денешна дата
19/06/2019

ПЕЛЕНИЦА – ОД АТРАКТИВНО МЕСТО ЗА ИЗЛЕТ ДО ЗАБРАНЕТА ЗОНА: КОЈ ЌЕ СНОСИ ОДГОВОРНОСТ ЗА КАНЦЕРОГЕНАТА ДЕПОНИЈА?

  • Децата не смеат да се во близина на нешто што може да им наштети, а веќе се дадени инструкции да се избегнува Пеленица
  • Забраната ќе трае сé до утврдување на мерките и активностите за спречување на загадувањето на околината од депонираниот отпад
  • Акумулацијата на линдан во човековиот организам може да доведе до рак на црниот дроб и дојката

 

Пишува: Ивана Рамаданова

 

Ниту еден посетител на убавото излетничко место Пеленица не помислил дека зад сликата на прекрасната природа се крие дива депонија, многу опасна за здравјето на луѓето. Овој предел кај Драчево, со околу 12 километри оддалеченост од Скопје и се граничи со патот кон Долно Количани,  важи за едно од најпосакуваните каде основните и средните училишта традиционално ги носат децата на излет.

Сега, со одлука на Министерството за образование, Пеленица стана забранета зона за сите екскурзии за ученици кои со години се организираат токму на таа локација. Министерството информира дека ваквата одлука ја има донесено по добиената информација дека на местото има депониран отпад, кој е штетен по здравјето на луѓето. Станува збор за линдан, кој е пестицид чија употреба е забранета уште во 2009 година заради фактот што предизвикува рак на црниот дроб и дојката.

 

 

АТАНАСОВ: ОПАСНАТА ДЕПОНИЈА ДАТИРА ОД 1976 ГОДИНА, ЗА ЖАЛ СЕГА СЕ ПРЕВЗЕМААТ МЕРКИ

 

Според заменик-министерот, Петар Атанасов, децата не смеат да се во близина на нешто што може да им наштети. Тој додава дека веќе се дадени инструкции да се избегнува Пеленица и да внимаваат каде се организираат излети.

“Владата веднаш презеде соодветни дејства преку надлежните институции. Конкретно Министерството за образование и наука по добиен допис односно насока за постапување од страна на Министерството за животна средина, ги извести училиштата и општините како нивни основачи, да не организираат екскурзии или друг тип на активности во тоа и во близина на тоа место – Пеленица”, вели Атанасов.

Во меѓувреме, како што истакна Атанасов, местото ќе се огради и ќе се прават соодветни испитувања за утврдување на информациите и отстранување на тој отпад.

“Важно е дека МОН ги извести училиштата да не ги носат децата на екскурзија таму. За жал, ова е информација која дури сега се појавува во јавноста, за работа која била направена во 1970-те години. Верувам дека било која друга претходна владина гарнитура доколку во нејзино време ова било обелоденето, во интерес на граѓаните кои живеат во тој дел од градот, во интерес на учениците, ќе постапеше како што и ние сега постапуваме”, додаде заменик-министерот за образование Атанасов.

 

ЌЕ СЕ ЗАБРАНИ ПРИСТАПОТ ДО ЗОНАТА

 

Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, во изјавата за Инбокс7 истакна дека забраната ќе трае сé до утврдување на мерките и активностите за спречување на загадувањето на околината од депонираниот отпад.

“Заради основано сомнение, во рамките на имплементација на проектот “Отстранување на техничките и економски бариери за започнување на активности за чистење на локациите контаминирани со алфа, бета и гама  хексахлороциклохексан – HCH (линдан) во ОХИС“,  дека на  локацијата Пеленица – Рупа, општина Кисела Вода, може да има количина на HCH-отпадна паста во челични буриња од 200 литри, кои се складирани на локацијата во 1976 година, во количина од 8000 тони, истото би предизвикало штетни последици за животната средина, животот и здравјето на луѓето”, истакна Макрадули.

Според него, од горенаведените причини, се забранува движењето на неовластени лица на локацијата во месноста Пеленица.

“За таа цел, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ја огради локацијата со непровидна ограда во висина од 2,5 m и ќе постави табла со натпис „Забранет пристап за неовластени лица“, изјави Макрадули.

 

НЕВЛАДИНИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ – ДЕПОНИЈАТА Е ВИСОКО КАНЦЕРОГЕНА

 

Александра Бујароска од Фронт 21/42 смета дека депонијата на некогашниот хемиски гигант во кругот на фабриката, како и таа во пеленица, се едни од високо-ризичните еколошки жешки точки во Македонија.

“Над 20.000 тони опасни материи, како линдан и жива, несоодветно се складирани во кругот на фабриката и поради тоа континуирано истекуваат во околната почва, подземните води и индиректно во храната која се одгледува во околината на Охис и наводнува со загадената вода. Освен во околината на самата некогашна фабрика количества линдан се депонирани и на помали околни депонии. Линданот е високо канцероген елемент. Акумулацијата на линдан во човековиот организам може да доведе до рак на црниот дроб и дојката. Млеко на мајка изложена на високи концентрации на линдан може да биде причина за деформитети кај новороденчето“, вели Бујароска.

Затоа, според неа, е неопходно веднаш да се преземат мерки за отстранување.

“Секако прв чекор претставува идентификувањето и оградувањето на ваквите депонии. Но многу поважно е решавањето на тој опасниот отпад што поскоро. Со самото оградување не е постигната целта на заштита на здравјето на граѓаните затоа што според Институтот за хемија при Природно –математичкиот факултет во Скопје, линданот преку ветрот се разнесува во воздухот – односно се врзува со ПМ честичките и се разнесува насекаде во градот Скопје”, додаде Бујароска.

Од Коалицијата О2, пак, информираат дека и покрај тоа што за депонијата со отровот линдан кај Пеленица се знае уште од 2008 година, дури годинава надлежните институции преземаат мерки.

“Покрај двете депонии со линдан во кругот на фабриката ОХИС, дури сега надлежните органи најавија некакви мерки, па општината и Владата ќе почнат со некакви активности за санирање на штетите и од оваа илегална депонија. Кој ќе одговара за ова? За вакво загрозување на животот и здравјето на граѓаните, пред сè на децата, најмалку што треба да се поднесе е правна и морална одговорност. Затоа прашуваме дали ќе проработи совеста и ќе има ли одговорност на одговорните, а пасивни функционери од сегашната власт, која со сигурност знае повеќе од една година за оваа депонија, но и претходните функционери кои со сигурност знаеле за ова уште од 2008 година. Бараме одговорност за непреземање акција да се идентификува, огради, анализира и отстрани опасниот отпад, да се спречат последиците по здравјето на луѓето во целиот изминат период”, велат од Коалицијата О2.

 

ЗОШТО ЛИНДАНОТ Е ОПАСЕН?

 

Линданот е пестицид чија употреба е забранета уште во 2009 година, а депониите со овој канцероген отпад во дворот на фабриката ОХИС го загадуваат воздухот и подземните води во скопскиот регион. Линданот е токсичен, ставен е во групата на канцерогени супстанции.

Официјални податоци за депонијата во Пеленица има во првиот Локален еколошки акциски план (ЛЕАП) за Кисела Вода од 2008 година, каде стои дека локалното население се жали на непријатна миризба на линдан и дека големи количини на хемиски отпад со голема токсичност се складирани, за повторно да се објават и во вториот ЛЕАП од 2016 година.

„Зошто ништо не е преземено до сега кога барем 10 години официјално има податок кој вели дека големи количини на хемиски отпад со голема токсичност бил складиран на оваа локална депонија во метални буриња плитко закопани под земја и не се знае дали е излеан и претставува закана за подземните води и поширокиот регион? Уште тогаш се бараше да се извршат темелни истражувања, проценка на ризикот и мерки за санација. 10 години се поминати од ова барање. Информацијата е долго присутна за оваа депонија на линдан кај Драчево. Не е од денес и не е од минатиот понделник. Се знаело, ама не се делувало“, велат од О2.

Минатиот понеделник од Владата информираа дека за илегалната депонија на линдан е формирана комисија која ќе ја утврди веродостојноста на информациите. Истиот ден Владата потпиша меморандум со Норвешка и УНОПС за формирање на заеднички фонд за чистење на двете депонии со линдан од кругот на Охис.

Сите досегашни истражувања и студии укажуваат дека на тој потег освен големо количество жива, со години скопјани ги труе линданот, кој бил користен како инсектицид со широк обем на дејствување кај семенскиот материјал, за третирање на почвата, прскање, заштита на дрвата и дрвената граѓа и против ектопаразити кај животните и луѓето.

Депонијата на ОХИС е создадена од средината на седумдесеттите години, кога употребата на линданот била забранета. Дотогашното производство од 13.000 тони е оставено на отворено, без претходна подготовка на подлогата. Оставено е на земја! Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја. Па сега таму опстојува депонија со над 30.000 тони екстремно опасен отпад!

Бидејќи нема долна подлога на локацијата, загадени се подземните води. Нема заштитна горна подлога, па истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Линданот се сврзува со ПМ10-честичките, а се разнесува и насекаде по почвите.