Денешна дата
21/03/2019

УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ – НАПРЕДОК НА ДРЖАВАТА ИЛИ ПРЕДАВСТВО

  • Што ќе донесат и што се очекува по усвојувањето на уставните измени?
  • Безбедност и економски развој или губење на националниот идентитет?
  • Политичарите, експертската јавност и граѓаните поделени во нивните ставови

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Пред финалното гласање на уставните измени страстите се вжештија и кај политичарите и кај граѓаните. Според едни, со промената на името Македонија прави голем исчекор напред кон членство во НАТО кое ќе донесе безбедност и економски развој, додека според други – власта прави големо предавство, а со менувањето на името се губи идентитетот на државата и граѓаните.

Иако во Собранието почна пленарната седница за усвојување на амандманите со кои се вршат измени во Уставот согласно Преспанскиот договор, во јавноста остануваат отворени прашањата за тоа што ќе донесат овие измени во наредниот период.

Сигурна и брза евроатлантска интеграција, напредок во економијата, безбедноста и други сфери на општественото живеење или тоа ќе биде само една промена на името на државава и губење на македонскиот идентитет?

На овие прашања се поделени голем број од граѓаните.

 

ЗАЕВ: ИЗМЕНИТЕ ИМААТ ИСКЛУЧИТЕЛНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ИДНИНАТА

 

Ако македонскиот парламент не донесе одлука, тогаш веројатно тоа ќе има влијание и врз економијата и ќе мора одговорност да се носи во државата. – Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев изјави дека ова е процес кој има исклучително значење за иднината на Македонија и е поврзано со интеграциите на НАТО и ЕУ и влијание врз економијата.

„Влијание имало во сите земји што станале членки на НАТО и ЕУ, ќе има влијание и кај нас. Ако македонскиот парламент донесе позитивна одлука и тоа како треба да бидеме паметни и да ги собереме економските плодови од ваквите одлуки. Ако македонскиот парламент не донесе одлука, тогаш веројатно тоа ќе има влијание и врз економијата и ќе мора одговорност да се носи во државата“, изјави Заев.

Пред пратениците се вкупно 10 амандмани на предлог амандманите за измена на Уставот – 6 на Алијансата за Албанците, 3 на БЕСА на Билал Касами и еден на независната група на пратеници произлезена од ВМРО-ДПМНЕ.

Амандманите се усвојуваат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Се очекува целата расправа да трае не повеќе од десет дена од причина што пратеникот во текот на претресот по амандман на текстот на предлогот на амандман на Уставот може да говори само еднаш во траење од 10 минути. Координаторот на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група може да говори само еднаш во траење од 15 минути. Претставникот на предлагачот може да говори само еднаш во траење од пет минути.

Откако ќе заврши претресот, за донесување на уставните амандмани потребно е да гласаат две третини од пратениците, или најмалку 80 од нив.

 

 

На референдумот Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот, тоа го прави на криминален начин преку користење на судството и обвинителството, преку механизми за уцена на пратениците да гласаат. – Христијан Мицковски

МИЦКОСКИ ИЗЛЕГУВА НА ПРОТЕСТ ПРЕД СОБРАНИЕ

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕХристијан Мицкоски пред Собранието на самата пауза за седницата на уставните измени даде изјава во која истакна дека измените се прават преку пазарења, драконски уцени и дека за таа цел има масовна злоупотреба на обвинителството и судството. Најави дека ќе се приклучи на протестите пред Собранието.

„На референдумот Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот, тоа го прави на криминален начин преку користење на судството и обвинителството, преку механизми за уцена на пратениците да гласаат. Кај дел од пратениците гласањето е по уцена, а не по убедување и волја. Сите добро знаат за заткулисните игри, уцени и закани кои се одвиваа јавно. Отпорот е она што ние преостанува. Имам да им порачам на граѓаните, јас како еден од вас, ќе го користам демократското право, мирно и достоинствено да протестирам и пркосам за она што се случува денес и ќе се случува следните денови“, порача Мицковски.

 

ШТО ПО УСВОЈУВАЊЕТО НА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ?

 

Експертите поделени – едни сметаат дека Македонија добива многу на економски и безбедносен план, додека други велат дека ова е само губење на идентитетот на државата и граѓаните.

До година веројатно никој нема да го спомнува како некоја историска грешка, туку со време работите ќе тргнат во наша полза.-Нано Ружин

Пратениците и Владата немаат мандат да гласаат за промена на името на државата. – Тања Каракамишева

Професорот Нано Ружин вели дека со донесувањето на уставните измени кои се дел од Преспанскиот договор, Македонија добива многу. Со тие промени не се губи идентитетот ниту на државата ниту на граѓаните, туку само се дефинира нашата реалност, вели тој.

„Потребно е само време да се прифати и јас мислам дека до година веројатно никој нема да го спомнува како некоја историска грешка, туку со време работите ќе тргнат во наша полза. Прво нема да бидеме повеќе ФИРОМ како што не нарекуваа во другите земји, туку Република Северна Македонија, со што изразот Македонија е задржан. Од особено значење се бенефитите што ќе ги имаме со развивање на добрососедството, а со тоа добиваме големи лобисти во НАТО и ЕУ. Македонија години наназад беше извор на разни геополитички предизвици, но со придонесот кон регионалната безбедност и членството во НАТО се отвораат перспективи за економски напредок“, оценува Ружин.

Но со ова не се согласува професорката Тања Каракамишева. На својот Фејсбук профил таа напиша дека со промената на името се менува и нашиот идентитет, а пратениците кои ќе гласаат за уставните промени ги нарече предавници.

„Промената на името на државата е промена на нејзината лична карта, промена на нејзиниот и наш идентитет, ништење на целата досегашна историја, вредности, идеја, борба, со новото државно име се создава сосема нова држава од почеток, без никаков континуитет. Се ништи целата досегашна битка за Македонија, се гази врз коските на нашите претци, знајни и незнајни јунаци. Пратениците и Владата немаат мандат да гласаат за промена на името на државата. Ниту една институција во државата нема надлежност да менува име. Името не е устав, името е државата“, пишува Каракамишева.

По донесувањето на уставните промени, кои се во финална фаза во Собранието ќе се заокружат обврските од Преспанскиот договор од македонска страна. Потоа остануваат уште да бидат завршени и обврските од грчка страна и со ратификацијата на договорот во Скопје и Атина, ќе бидат отстранети пречките за членството на Македонија во НАТО алијансата.