Денешна дата
11/12/2019

Украина и завршените избори го забрзуваат процесот за името

Во Њујорк попладнево посредникот Метју Нимиц се сретна со амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. Домашните аналитичари оценуваат дека внатрешно политичките случувања во Македонија и во Грција, но и состојбата со Украина може да влијаат врз спорот за разликите за името

За шест недели македонскиот и грчкиот претставник во спорот за разликите за името, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис два пати се сретнаа со посредникот Метју Нимиц. Попладнево во Њујорк заврши и втората средба што се случи  исто како и првата, во невообичаен термин, изборен процес,во кој сега е Грција, бидејќи месецов таму се одржуваат  локални, а идниот европски избори.

И самиот Нимиц на средбите со преставниците на двете земји  разговарал за изборните процеси и за можностите тие да влијаат врз деценискиот спор меѓу двете држави. Најави дека ќе го посети регионов летово.

„Мислам дека по изборите двете влади треба да му дадат зголемено внимание на ова прашање што трае долго време. Има силни причини за да видиме дали можеме да направиме напредок и ќе работиме на тоа ова лето“,  изјави Нимиц.

metju nimic

Тој нагласи и дека со оглед на ситуацијата во светот и зголемениот интерес за зголемување на безбедноста во светски рамки, двете Влади мора да се посветат повеќе на надминување на ова прашање, да понудат нови размислувања, нов пристап кон проблемот со кој би се дошло до решение.

 

 

 

 

По изборите-чиста ситуација

Токму овие две работи што ги спомена и Нимиц изборите во Грција и во Македонија и ситуацијата во светот, конкретно случувањата во Украина може  да влијаат врз спорот за разликите за името и да го забрзаат македонскиот прием во НАТО, оценуваат аналитичарите. Според нив, развојот на настаните  води кон  забрзување на разговорите за името.

Во однос на внатрешната политичка состојба во прилог на забрзување на разговорите оди тоа што во Македонија само што завршија претседателски и парламентарните избори, а локалните поминаа лани.  Во Грција пак, месецов и наредниот се одржуваат локалните и изборите за Европскиот парламент.  Засега нема конкретни најави дека се можни предвремени избори таму, со исклучок  на прогнозата на лидерот на главната опозициска партија  СИРИЗА, Алексис Ципрас, кој најави дека  во втората половина на 2014 година или во почетокот на 2015 година може да се очекува повторно гласање.

Поради ваквиот развој на настаните, владите на Никола Груевски и на Андонис Самарас се очекува да бидат растоварени од потребата да бркаат гласови од граѓаните што би требало да ги олесни позициите на двете земји  во разговорите за името. Решавањето на  проблемот за името, пак, се смета за крајно непопуларно во Македонија и во Грција.  Граѓаните го сметаат за патриотско прашање и поради тоа има капацитет сериозно да им ја намали популарноста на владите на ВМРО-ДПМНЕ и на Нова демократија.

Зголемен интерес за проширување на НАТО

Поранешниот амбасадор на Македонија  во НАТО, Нано Ружин е скептичен дека  Груевски и Самарас,  иако ќе бидат ослободени од притисокот кој го носат изборите, би се зафатиле со решавање на спорот. Тој тврди дека тие имаат капацитет, но дека биле свесни оти се работело за нивната политичка кариера.

Но, Ружин надеж за некаков напредок во процесот за името и атланската интеграција гледа во состојбите во Украина. Имено, тој смета дека со кризата таму всушност се сврте вниманието на меѓународните центри кон проширувањето на НАТО, а со тоа и кон балканските земји како сериозни претенденти за членство.

И Клековски се согласува дека кризата во Украина има влијание и врз политиките кон регионот. Интересот на одлучувачките сили е вратен, смета тој, додавајќи дека тој треба да биде на соодветно ниво за да се дојде до решение за спорот.

Следниот самит на НАТО ќе се одржи во септември во Велика Британија.  И заменик-генералниот секретар на алијансата, Александар Вершбоу неодамна најави дека тогаш  ќе мора да биде упатена силна порака за проширувањето на Алијансата, дури и ако ниту една земја не биде примена во членство.

 

dimeska@inbox7.mk