Денешна дата
21/03/2019

НЕМА ДЕМОКРАТСКА ДРЖАВА СО ТОТАЛИТАРНИ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ

Во македонските партии царува молкот и во нив се уште нема ниту „д“ од внатрешно партиски демократии

Пишува: Зоран Иванов

Македонија влегува во завршната етапа да зачекори, за почеток барем да застане на прагот од подотворената врата на друштвото на водечките демократски земји. Клубот НАТО е првата дестинација, ЕУ е натамошниот извесен од. Зборот е за шансата  македонската држава и воопшто македонското општество да ги почуствуваат демократските вредности. До нас и особено до политичките партии е дали ќе останеме со балканските навики и практики или ќе си ги менуваме во духот на европските.

Државите се предводени и уредувани од политичките партии откако по изборите победниците ќе се ги запоседнат позициите, институциите, буџетот. Ќе бидат ли тие управувани демократски или пак согласно партиските тоталитарни манири не е само теорија и потребна дебата. Состојбата во државата е во директна зависност од состојбите во партиите. Транзицијата на демократска преобразба на политичките партии кај нас не е ниту почната. Важно „демократски“ и “демократска“ си ги бетонирале во своите имиња и тука им почнува и тука им завршува партиската демократија. Во нивните внатрешно партиски уредувања, во нивната партиска  практика, се уште само малку има од демократско. Целото партиско уредување им е концентрирано кај и околу лидерот и сѐ се сведува на неговите управувачки манири.

Во овие речиси три децении плурален политички живот, многубројни се примерите афирмирани членови, главно високи партиски функционери, поради издвоени критички тонови кои не кореспондираат со тие на партискиот врв, да бидат изолирани од нивните претходни влијателни позиции до степен на нивно исклучувања од матичната партија. Од тие причини македонската практика е преполна со случки на раслојување на партиите, на фисија од матицата и на формирање нови партиски субјекти. Основата на нетолерантност без исклучок е поради отсуство на слободен, на отворен партиски амбиент за нови идеи, за поинакви решенија и поради несогласувања и јавни критики спрема одредени потези на лидерот и неговите молчеливи подржувачи. Суровата партиска бирократска машинерија почнува да меле и толку од тоа демократското содржано во името на партијата.

Во нашата куса плурална историја имаше иницијативи за скицирање некакви статутарни демократизирања како на пример за внатрешно партиски фракции. Но, сите такви обиди завршија со партиски подвојувања. Рекордери се во ВМРО-ДПМНЕ. Од неа се изродија шест, седум на Голубовски, на Георгиевски, на Стојменов, на Змејковски, ВМРО-ДП, ВМРО-НП, ВМРО-Вистинска, ВМРО ваква, онаква, а еве следуваа и исклучувања на реформистите. Кај СДСМ групата на Петковски прерасна во НСДП па потоа од неа се случи уште по некоја маргинална. Нови партии се изродија и од ЛП како ЛДП, па ДОМ и уште една две кои брзо исчезнаа во преголемата партиска гужва. Идентично и кај партиите на албанските гласачи. Од иницијалната ПДП, Џафери и Тачи ја направија ДПА, па од неа се одвои Села со Алијансата, пред тоа се роди и НДП и уште неколкумина пребегани си регистрираа свои партиски субјекти. Со слични искуства е и ДУИ со Острени и со уште некои индивидуи и така со ред.

Сето главно како реакции на лидерските монополи и на нивните заштитници од редот на хиерархиските опкружувања. Во македонските партии царува молкот и во нив се уште нема ниту „д“ од внатрешно партиски демократии. Уште наликуваат на мистични масонски ложи. Широкото членство е изолирано од било какви влијанија во градењето на дневни партиски политики. Тие, како и кадровските комбинаторики се кројат зад партиската железна завеса. Лидерот е босот, султанот, поглавицата. За неговото „хаук“ само се шепоти, но таму јавно никој ни да зуцне.

Македонските партии се дел од семејствата на ним идеолошки идентичните европски групации. Но, видливо, од своите продемократски западни партнери, досега уште ништо не научиле. Ниту пак по нешто си присвоиле од тамошните партиски практики. Ништо не „украле“ од нивните статути каде што се посочени демократските партиски концепти. Особено не одредби кои дефинираат и фракциски модели и отворени и транспарентни партиски изборни процеси. И очигледно ништо од моралните принципи и методите за контроли врз своите партиски челници инсталирани на државните позиции. Секако, сето погоре е само внатрешно прашање на секоја од нашите политички партии. Општиот проблем е што кога се на власт тие со државата управуваат на идентичен начин, со истите тоталитарни манири како што тоа го прават и во своите партии.

И при практикувањето на власта, нивното владеење главно го одразува партискиот менталитет. Сега само пресликан во управувањето со државата и со нејзините ресурси. На нетранспарентен начин водат политики без јавни вреднувања. Од партиските штабови се диктираат кадровски решенија, се местат вработувања, се покрива секоја пора каде што се движат буџетски пари. Последицата од таквите контролирани внатрешно партиски уредувања е што наместо институционална и натаму егзистира партиска држава. Ваквите практики диктирани од најмоќните политички партии, земјава со години ја држат вкопана  на најниската скала на европската вредносни стандарди.

Внатрешно партиската демократија е примарен постулат за остварување на прокламациите за демократска држава. Таа особено е нужна зашто е елементарен контролен фактор за забрзано европеизирање на Република Македонија. Внатрешно партиската транспарентност е најсилниот заштитен механизам од злоупотреби на јавните ресурси од страна на партиските носители на јавните функции. Партиската демократија е условот за непристрасно функционирање на државата, на правните и на сите други нејзини институции.

Јавни постапки, слободни дебати , отворени изборни листи, транспарентни номинации, тајни гласања, па и статутарни фракциски етаблирања, се посакувани еволуирања во насока на нужното проевропско демократизирање на македонските политички партии. Три децении искуство од типот „како ќе каже и кого ќе одбере лидерот“, би било полезно што побргу да е минато.

Па, додека нашите политички партии не си инсталираат и не си практикуваат вистинска функционална демократија, дотогаш ќе нема надеж ниту за чекор до демократски спастрена држава.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.