Денешна дата
23/01/2019

ЧЛЕНКА НА СОНК СИ ЈА ПЛАТИЛА „БЕСПЛАТНАТА“ ПРАВНА ПОМОШ ЗОШТО СЕ ОТКАЖАЛА ОД ЖАЛБА НА АПЕЛАЦИЈА

  • Професорка во средно училиште, наместо решение, добила фактура од речиси 22.000 денари за адвокатски услуги од адвокат кој нуди бесплатна правна помош за СОНК
  • Адвокатот Ванчо Шехтански вели: Кога странката ќе ја повлече тужбата, си ги сноси последиците
  • Јаким Неделковски го крие од јавноста договорот со кој ексклузивно право да ги брани членовите има Шехтански

 

Пишува: Александар Тодески

 

Иако со стаж од пет години како професор во СОУ „Кочо Рацин“ во Свети Николе, Лепа Арсова не добива решение за работен однос на неопределено време. Тогаш, таа дознава дека Синдикатот за наука, образование и култура (СОНК), во кој е член од 2014 година, нуди бесплатна правна помош за вработените во градинки, основни и средни училишта кои не им се продолжени договорите, па одлучува да ја искористи оваа можност и да го тужи училиштето.

 

Сепак, наместо да се суди со бесплатна правна помош, на Арсова и стигнува фактура за наплата на 21.840 денари од адвокатот Ванчо Шехтански, со кого СОНК има склучено договор кој пак никако не даваат да го види јавноста.

 

 

 

 

СУДЕЊЕТО КРАТКО, ОДГОВОРОТ НЕГАТИВЕН

Лепа Арсова

Лепа Арсова раскажува дека кога ги поднела доказите кај адвокатот Ванчо Шехтански, тој по увидот и рекол дека сигурно ќе го добие случајот бидејќи имала пет години договори на определено време со училиштето. Ова внело доверба кај Арсова дека набрзо ќе добие договор на неопределено време.

„Потпишав полномошно за да ме застапува Шехтански, па платив само за судската такса и потоа се чекаше рочиште. На првото рочиште го прати неговиот помошник, а на второто рочиште дојде самиот Шехтански. Тој не се залагаше нешто многу, не ги изнесе сите докази со кои требаше сигурно да го добијам решението и две недели подоцна моето барање за решение се одби“, вели Арсова за Инбокс7.

Пресудата, вели таа, се одбила бидејќи од еден до друг договор поминуваат некогаш и по една до две недели, па судот заклучил дека нема 60 месеци работен стаж во училиштето.

Со адвокатот Шехтански разговарале за предметот да се испрати до Апелациониот суд, но како што тврди Арсова, таа побарала од него да не го прави тоа веднаш, со цел да собере сведоци од училиштето кои би биле дополнителен доказ дека таа работи пет години.

„Тој без моја согласност си ја пушти жалбата до апелација бидејќи требало да оди на одмор. Тој ми рече дека ако ја повлечам тужбата ќе ги сносам трошоците, на што јас го потсетив дека се работи за бесплатна правна помош од СОНК. Во септември ми стигнува фактура од 21.840 денари, само на мене од сите други кои поднесуваа тужба преку оваа бесплатна правна помош. На почетокот на декември ми стигна известувањето од нотар дека присилно ќе ми наплатат преку извршител. Го известив и Јаким Неделковски, им испратив и официјално писмо за да ми го дадат договорот со Шехтански, но не сакаа да ми го дадат договорот“, истакнува Арсова.

 

ШЕХТАНСКИ ВЕЛИ ДЕКА АРСОВА ЈА ПОВЛЕКЛА ТУЖБАТА ЗА ДА ДОБИЕ НОВ ДОГОВОР ВО УЧИЛИШТЕТО

 

Го контактиравме и адвокатот Ванчо Шехтански, кој прво рече дека не е точно, за неколку секунди потоа да рече дека странката си плаќа кога ќе се откаже од жалбата кон апелација.

Според него, Арсова ја повлекла жалбата и за возврат добила договор во училиштето.

„Кога странката ќе ја повлече тужбата, тогаш ќе си ги сноси последиците. Таа го повлекла случајот за да си добие договор со училиштето“, вели адвокатот Шехтански.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, одби да зборува за случајот. Кратко ни изјави дека истражува за што се работи и ги разгледува одговорите кои ги добил и од Арсова и од адвокатот Ванчо Шехтански.

 

СОНК ГО КРИЕ ДОГОВОРОТ СО ШЕХТАНСКИ

СОНК и Шехтански имаат потпишано договор, но никој не знае ниту кога е потпишан, ниту зошто тој адвокат го има ексклузивното право да врши адвокатски услуги за сите членови на Синдикатот.

Од Неделковски го побаравме договорот со адвокатот Ванчо Шехтански, но и го прашавме зошто баш тој адвокат нуди бесплатна правна помош на членовите, а не адвокати од повеќе градови, како што е случајот во други синдикати.

„Кој ќе ги застапува членовите е ексклузивно право на советот на СОНК да одлучи со кого ќе работи. Договорот е интерен документ и јас не би давал повеќе изјави ниту за тоа, ниту за случајот“, рече за Инбокс7 претседателот на СОНК, Јаким Неделковски.

Инбокс7 не го доби договорот за со него да се запознае јавноста, но истиот не го добила ниту Лепа Арсова, иако преку официјално писмо го побарала истиот.

Другите синдикати имаат поинаква пракса кога станува збор за застапување на нивните членови во судски постапки. Независниот синдикат на полицијата (НСП), за разлика од СОНК, има соработка со 29 адвокати, кои се јавно објавени на нивната веб страница. Претседателот на НСП, Гоце Делчев Тодев вели дека членовите докажуваат со членските карти, а потоа сами си бираат кој адвокат ќе ја поднесе тужбата.

„Секој член сам си го бира адвокатот, не им го бира Гоце. Адвокатот е бесплатен бидејќи од сите тие предмети адвокатот си прави побарување од институцијата или личноста за наплата. Ако не е сигурен за случајот, му кажува на клиентот и потоа сами си одлучуваат како понатаму“, објаснува Делчев Тодев.