Денешна дата
26/05/2019

СИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВА

  • Кој се ја мерка фотелјата во претседателската вила на Водно? Кој има амбиции да го наследи актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов на петтите по ред претседателски избори во Македонија?
  • Кој би можел да биде главниот адут на СДСМ а кој ќе биде предложен од ВМРО-ДПМНЕ?
  • Дали има повеќе шанси консензуален кандидат или пак кандидатот кој ќе биде избран преку јавен оглас и колку партиските филтри можат да го најдат кандидатот со личен интегритет и кредибилитет да биде вистински татко на нацијата? Дали на директни избори или во Собрание?

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Изборите за новиот шеф на државата треба да се одржат напролет, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека ќе ги распише изборите на почетокот на февруари.

Претстојните претседателски избори, што треба да се одржат напролет, паднаа во сенка на финализација на усвојување на уставните измени. Сепак, „зад сцената“ партиите ги прават подготовките со кого ќе истрчаат како кандидат за претстојните петти по ред избори за шеф на државата.

Иако во јавноста веќе се калкулира со неколку имиња, ниту владејачката СДСМ ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ не кажуваат кој за нив е најголемиот адут во трката за новиот татко на нацијата. Единствено премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, рече дека тој посакува консензуален кандидат, додека Христијан Мицковски објави јавен повик за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори и дека очекува победа.

Партиите на етничките Албанци, пак, прават слика, кој за нив би бил прифатлив консензуален кандидат, за, како што велат од ДУИ, да не им се случи повторно Иванов.

СДСМ консензуалниот кандидат најверојатно ќе го бара во Стево Пендаровски, Денко Малески, Никола Димитров, а се споменуваат и Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски.

 

Таа се оценува дека има поддршка внатре во партијата за да биде предложена за кандидат, при што би била прва жена претседател на Македонија.

РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА – ПРВА ЖЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛ

Шекеринска одбегна да одговори дали е можно таа да биде претседателски кандидат, нагласувајќи дека има други приоритети.

„Во фокусот на владините функционери единствено се и треба да бидат уставните измени и стратешката определба на државата без да ја трошат енергијата за други прашања како што се претседателските избори“ изјави Шекеринска.

Таа се оценува дека има поддршка внатре во партијата за да биде предложена за кандидат, при што би била прва жена претседател на Македонија. Истата се смета како прифатлива за останатите партнери од владината коалиција, особено од Албанскиот блок, но не е меѓу најпосакуваните кандидати за нив.

Во ист тон е изјавата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој исто така рече дека во моментов нивните активности се фокусирани на финализирање на уставните измени како обврска од Преспанскиот договор, а потоа ќе размислуваат кого ќе го кандидираат за претседателската трка.

 

Можеби е последен момент сите парти да размислат за другиот модел: избор на претседателот во парламентот, со двотретинско мнозинство, со Бадинтер и со се друго што треба.-Денко Малески

ДЕНКО МАЛЕВСКИ НАЈСЕРИОЗЕН КОНЦЕНСУАЛЕН КАНДИДАТ

Низ партискиот филтер најверојатно ќе поминат и актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров и професорите Денко Малески и Стево Пендаровски.

Според анкетите, Пендаровски ужива најголема поддршка кај албанскиот електорат во разлика со другите можни кандидати. Токму тој му беше противкандидат на Ѓорге Иванов на претходните избори и неизвесно е дали повторно ќе истрча на претседателската трка.

Досега како најсериозен консензуален кандидат се споменува професорот Денко Малески, кој беше првиот министер за надворешни работи на независна Македонија.

Малески неодамна, во интервју за ТВ Клан Македонија, изјави: „Тоа е товар, околу кој вреди човек сериозно да размисли и веројатно да постави некакви услови за таков ангажман“.

За него пред извесно време лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека може да биде прифатливо решение.

 

ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ИЗБЕРЕ МЕЃУ ЃОРЧЕВ, МИЛОШОВСКИ, ТРАЈАНОВСКИ…

ВМРО-ДПМНЕ и за овие избори објави јавен повик за кандидатура за претседателските избори. Иако во јавноста почна да се шпекулира со неколку имиња, партиски извори велат дека досега се уште никој не се јавил на повикот на опозициската партија и дека е многу веројатно дека ќе се калкулира до последен момент кој ќе поднесе кандидатура.

Засега како потенцијални кандидати се форсираат имињата на професорите Саво Климовски, Гордана Силјановска и Тања Каракамишева, а од партиските кадри се споменуваат Трајко Славевски, Влатко Ѓорчев, Антонио Милошоски, Коце Трајановски како и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски.

Ѓорчев за деновите на новогодишните и божикните празници како да ја започна трката по гласови.

Тој заедно со семејството за Бадник беше пред Соборниот храм каде имаше средби со присутните граѓани, а потоа и од неколку градови, како што се Тетово, Гостивар, Маврово, Валандово, Струмица и други испраќаше пораки за мир и благосостојба.

Милошоски не сака да говори за тоа дали ќе влезе во партиската трка за кандидат за претседател, вели дека има време до 31 јануари до кога трае огласот и се уште размислува дали ќе се пријави.

Во игра е и професорот Јове Кекеновски, кој се пријави за кандидатурата на ВМРО-ДПМНЕ на претходните избори, но изборот тогаш повторно падна на Иванов. За Инбокс7 вели дека сега ќе размисли добро дали ќе се јави на огласот.

„Сметам дека цела опозиција треба да се обедини и да застане зад еден препознатлив кандидат инаку, шансите за победа се многу мали. Јас ќе оценам дали треба или не треба да се јавам на огласот, но додека не видам сплотеност и ако не се застане цврсто, мислам дека нема потреба да се кандидирам. Ќе видиме, рано е уште, се премислувам дали треба воопшто да се влегува во игра под вакви услови како што е сега во партијата“, вели Кекеновски.

 

ТРИФУН КОСТОВСКИ – ПОДГОТВЕН ДА ЈА ВОДИ ДРЖАВАТА АКО ОД НЕГО БИДЕ ПОБАРАНО

Со амбиции за наследник на Иванов е и поранешниот градоначалник на град Скопје и бизнисмен Трифун Костовски. Тој во интервју за Инбокс7 вели дека ќе стане претседателски кандидат доколку партиите го побараат.

Уморен сум да некому се нудам. Немам намера да се кандидирам да бидам како самостоен кандидат. Ако им требам – тука сум. – Трифун Костовски

„Гледав анализи на телевизија каков кандидат граѓаните би преферирале од аспект на чесност, човечност, политичка, национална и верска припадност и под тие карактеристики без лажна скромност се препознавам себе. Меѓутоа, сметам дека сум уморен да некому се нудам. Немам намера да се кандидирам да бидам како самостоен кандидат. Ако им требам – тука сум, ако не им требам, со совети ќе им помогнам“, вели Костовски.

Но која од опциите – консензуален кандидат или кандидат избран на јавен оглас е подобра и би можела да даде личност со силен интегритет и кредибилитет за функцијата шеф на државата? Кој за граѓаните би бил вистинското решение да биде татко на нацијата?

Според аналитичарот Ѓунер Исмаил, потребна е натпартиска личност а не човек кој ќе ги следи партиските инструкции.

„Искуството со последниот претседател не учи дека треба да бидеме крајно претпазливи кога ќе го бираме идниот претседател. Точно е дека политичките партии ја имаат главната улога, но јас се надевам дека ќе најдат разумен и погоден кандидат за претседател на државата а не нивен претседател“, вели Исмаил.

Според него, личности со висок интегритет и кредибилитет има, но прашањето е дали партиите ќе сакаат да го препознаат и да го предложат.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ ИЗБРАН ОД ГРАЃАНИТЕ ИЛИ ОД ПРАТЕНИЦИТЕ

Освен за кандидатите кои ќе влезат во трка за петти претседател на државата, останува и дилемата околу начинот на избор – дали да биде избран на директни избори, или пак тоа да го прави Собранието.

Исмаил смета дека изборот на претседател треба да го врши Собранието, а не со непосредно гласање на граѓаните.

„Најдобро за граѓаните би било кога претседателот би се бирал во парламент. Со тоа ќе се одбегне цела една процедура која според мене е бесмислена и непотребна. Легитимитетот на претседателот останува во рамките на неговите уставни овластувања“, смета Исмаил.

За ова опција се изјасни и Денко Малески, како еден од најсериозните споменувани консензуални кандидати за претседател. Тој, во колумна за Инбокс7, напиша дека само преку избор во Собранието Македонија за прв пат би добила претседател кој ќе биде обединувачки фактор во државата.

„Не чекаат нови жестоки партиски поделби, наспроти државниот интерес кој бара да се обединиме околу конечното остварување на дамна прокламираните стратешки цели: НАТО и ЕУ. Тоа, денес, е можно само преку реализација на Преспанскиот договор. Затоа, можеби е последен момент сите парти да размислат за другиот модел: избор на претседателот во парламентот, со двотретинско мнозинство, со Бадинтер и со се друго што треба. Дури потоа да се зборува за кандидати. Зашто, нема смисла да се повторува старата игра која дава исти лоши резултати кои, во услови на длабока политичка криза, овој пат, можат да бидат фатални за државата“, напиша Малески.

За еден ваков модел е и Зоран Иванов, искусен новинар и колумнист на Инбокс7.

Затоа, двотретинско и Бадинтерово мнозинство, правни инструменти кои ќе елиминираат пратеничко партиски блокади и, толку. Ете претседател на држава. – Зоран Иванов

„Без митинзи, без спотови, без гладијаторски дуели, без уцени, без партиски местенки, без изборна комисија, без фалсификати, без приговори, без управни судови. И онака тие веќе ја делегирале својата волја кај народните пратеници. Впрочем, на досегашните непосредни избори сите претседатели мандатот од граѓаните го добиле аналогно на рејтингот на нивната политичка партија. Ниту еден исклучиво како непартиска личност и по заслуга на сопствениот авторитет и интегритет. Затоа, двотретинско и Бадинтерово мнозинство, правни инструменти кои ќе елиминираат пратеничко партиски блокади и, толку. Ете претседател на држава. Избор во Собранието – поевтино, побезболно, поконсензуално, поинтегративно. Едноставно, рационално, ефектно.“, напиша Иванов.

Дали политичките партии ќе се согласат пак да пристапат кон уставни измени, кои би го вратиле изборот на претседател во Собранието, се уште е рано да се каже. Изгласувањето на амандманите кои произлегоа од Преспанскиот договор со двотретинско мнозинство, според познавачите на приликите, може да биде мотив и за да се смени моделот за избор на претседателот.