Денешна дата
24/03/2019

Слобода од страв

пишува : Денко Малески

 

„Да се биде Македонец најпрвин е света работа, а потоа проклетство и немир… Македонецот се крева над неправдите и го пушта својот крик за своите права. Северна не е моја татковина… Не е на народот. Наша е само Македонија, така и ќе остане…“, предавство, ечи од таборот на македонските националисти, како ехо на грчкиот национализам. Се слушаат и закани: „…Убијците на мојата мајка(Македонија) имаат име и презиме. Се колнам во крвта моја македонска, пред целата македонска јавност…“дека ќе се одмаздам.  Да нема дилеми: ова е автентичниот глас на македонскиот национализам кој, како и секој друг национализам, е заканувачки. Во екстремни ситуации, заканувачки не само кон поединци, туку и кон мирот во државата или меѓу државите. Историјата е полна со примери дека национализмот и војната се синоними. Токму тука е разликата помеѓу националистите и оние кои никому не се закануваат, залагајќи се за слобода на изразувањето и за правото на постоење на целиот спектар политички опции кои ги почитуваат принципите на плуралистичката демократија. Овие вториве, „плуралистите“, да ги наречеме, знаат дека живеат во мир и демократија затоа што секој има право да си ги изрази и да се бори за своите политички гледишта. Затоа, иако со ништо од кажаното не се согласувам, имено, дека „да се биде Македонец е света работа“, дека чувствувам некакво „проклетство“ и некаков „немир“, дека „Северна не е моја татковина“, дека „се колнам во крвта моја македонска“ дека ќе се одмаздам, сепак, застанувам зад слободата на говорот. Зашто, признавам, ова може да бидат и искрени зборови обични огорчени луѓе, жртви на националистичката индоктринација, кои само кажуваат што им лежи на срце. Ним треба да им се помогне, да им се објасни дека минатото не може да се промени, но дека сегашноста и иднината е во нивни раце. Но, кога се во прашање политичари и интелектуалци, не заборавам дека ова може да бидат и зборови на националистички демагози, исти како на оние кои ги потпалија огновите на крвавите етнички војни во југословенската федерација. Никогаш, имено, не заборавам дека војните во Југославија почнаа со неумерената националистичка реторика на тогашните политичари и интелигенцијата. Од устите на националистите, зборовите се стркалаа на улиците и стадионите, претворајќи се во вистински куршуми и бомби.

Повторувам, опасната лексика е веќе чуена и, самата по себе, е речит сведок зошто проблемот со Грција не можевме порано да го решиме со компромис, а кога го решивме, цената беше поголема.  Нашиот ултранационализам, значи, е жив и здрав, што е и нормално во една балканска, па и секоја друга, демократија. А, сепак, нешто е сменето.  Сменето е тоа што нема веќе страв од таквата заканувачка реторика која не решава апсолутно ништо, но затоа, со децении, ги парализираше политичките опоненти кои можеби беа спремни и за поинакви политики. Политики во полза на безбедноста и благосостојбата на обичниот човек. Зашто, паметам  времиња и ситуации кога луѓе од врвот на македонската политика се повлекуваа пред националистичките вербални тиради. Подоцна, македонските националисти, лесно освоениот простор слободно го исполнија со античка грчка содржина, свртувајќи ја не само Грција, туку и светот против нас. Значи, нема веќе страв од македонскиот национализам ( а, нема гледам и од грчкиот во Грција), но сменето е и тоа што неговите корени не се веќе всадени во државната политика на нашата земја ( и на Грција). Ова, од корен ќе ја измени македонската националистичка партија: таа, со време, ќе стане само една од многуте партии, без монопол врз свеста на нацијата, за чиј единствен бранител се претставуваше.

Размислувам: можеше да биде и поинаку ако не се плашевме и не му удоволувавме толку на тој македонски национализам. Но, што да се прави? Распадот на комунистичката идеологија во Русија и Источна Европа, како и на нашата варијанта наречена самоуправен социјализам, заедно со федерацијата која што не штитеше, не остави само со кохезивната моќ на македонскиот национализам. Стравот за опстанокот на младата нација и држава, стравот за нашиот „плиток идентитет“, направи и разумни луѓе да замижат пред фалсификатите на историјата, што, пак, ги охрабри фалсификаторите да ја нурнат државата во длабочините на античката грчка историја, од кои едвај изронивме живи. Рационалниот ум вели дека можеше поинаку да ги решиме и домашните и меѓународните ситуации, но, во реалниот живот денес, „можеше“ не значи ништо. Можеби некаква лична сатисфакција за некој кој навреме предупредил, но, за општеството пропуштените прилики се пропуштени прилики, а временските секвенци кои поминале, не можат да се вратат. Значи, постои само она што е. Но она што постои сега е многу вредно: стравот и паразилирачкиот ефект на двата ултранационализми, грчкиот и македонскиот, е минато. Една нова генерација политичари од двете страни на границата се исправи во достоинство и со силна поддршка на САД и на ЕУ, дојде до компромис. И во двата случаи, без страв од сопствените национализми, за што требаше да поминат без малку триесет години. Ете, во тоа е разликата меѓу некогаш и сега.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.