Денешна дата
13/12/2019

УЛТИМАТУМ ЗА ДВОЈНИ ИЗБОРИ: АЛИБИ ЗА СПАС НА МИЦКОВСКИ ИЛИ ВОВЕД ВО НОВА ПОЛИТИЧКА КРИЗА

  • Христијан Мицкоски ултимативно бара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските
  • Зоран Заев му одговара – вредно е за размислување, но Бујар Османи од ДУИ вели дека не е време за избори
  • Еврокомесарот Јоханес Хан порачува – фокусирајте се на реформите, а аналитичарите алармираат за нова политичка криза

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Или предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, или бојкот на ВМРО-ДПМНЕ не само на изборите туку и на сите институции. Ова е последното условување на најголемата опозициска партија упатено до владејачката СДСМ, кое го отвора прашањето за можна нова политичка криза.

Ваквиот развој на настаните доаѓа откако СДСМ се погласно размислува  да ја прифати фрлената ракавица од ВМРО-ДПМНЕ за измерување на силите на предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со претседателските.

 

Не бараме избори затоа што сакаме безусловно ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт, туку бараме избори за Македонија да престане да губи. – Христијан Мицсковски

УЛТИМАТУМ ИЛИ АЛИБИ 

 

По изгласувањето на уставните измени, Христијан Мицкоски побара заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори.

„Не бараме избори затоа што сакаме безусловно ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт, туку бараме избори за Македонија да престане да губи, а Зоран Заев и групата околу него конечно да ја напуштат политичката сцена во Република Македонија“, рече Мицкоски.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, пред заминување на одмор во Германија, рече дека иако земјава ја чека многу работа сепак сериозно ќе го разгледаат барањето. „Мојот став го знаете. Македонија треба да го искористи ова пред се за економија, реформи, да го средиме нашиот систем и да бидеме нормална земја. Сите знаат, знам и јас и господинот Мицкоски, тоа што го бара моли бога да не се случи. Но бара првиот човек на опозицијата. Затоа сериозно ќе размислиме и ќе го отвориме најбрзо во највисоките органи на СДСМ, следуваат претседателски избори и е вредно за размислување како прашање.“

Ваквиот став практично го повторија и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и за надворешни работи, Никола Димитров.

Но, против идејата за предвремени избори се изјасни вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и покрај тоа што, како што рече, ДУИ би имала далеку подобри избори од претходните.

„Сега прашањето за ЕУ и НАТО треба да се заокружи. Сметам дека сега целата политичка енергија треба да се фокусира на членството во НАТО и ЕУ и на имплементација 2019 да биде година на економијата“, изјави Османи.

 

ХАН: ВИ ТРЕБА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО, А НЕ ИЗБОРИ

 

Еврокомесарот, Јоханес Хан, порача дека сега не е време за предвремени избори, туку за фокусирање на обврските од реформите. Во интервју за МИА вели дека не се согласува со ставот дека сега е добар момент за предвремени избори, затоа што, како што посочува нема многу време до следниот извештај на Европската Комисија.

Земјата треба да го искористи овој многу позитивен момент создаден од Преспанскиот договор затоа што нашата цел е да се добие одлуката на лето и навистина да се отворат првите поглавја до крајот на годината. И ова може да се постигне само ако сите навистина се ангажирани да го направат потребниот напредок. Сега кога прашањето за името е на добар пат да биде решено благодарние на одлучноста на лидерите и одговорното однесување на пратениците кои гласаа за договорот, напорите треба да се фокусираат на реформите, посебно на владеењето на правото“, нагласи Хан.

Напорите треба да се фокусираат на реформите, посебно на владеењето на правото. – Јоханес Хан

Но, политичките аналитичари се поделени во размислувањата дали нивното одржување ќе има реперкусии во државава во смисла на продолжување на реформите за да се фати приклучок на започнување преговори со ЕУ и дали бојкотот би можел да ја втурне земјава во политичка криза.

Политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу, вели дека на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ова му е обид да најде начин да ги избегне најавите што му ги праќаат од неговата партијата дека доколку ги изгуби претседателските избори мора да си замине од позициата прв човек на партијата.

Според него, Мицкоски веројатно знае дека ќе изгуби на изборите за шеф на државата затоа што од СДСМ ќе одат со консензуален кандидат, со што на владејачката партија шансите и се големи за победа и затоа најавува дека ќе бојкотира.

Со ова практично тој сака да одбегне да се соочи со пораз и со барањето на членството да си замине доколку изгуби и на овој начин сака да остави отворен спор. Вака ќе проба да го минира процесот со цензусот зашто за претседателски избори е потребен минимум 40 проценти гласачи. Но, од друга страна по завршувањето на мандатот на Ѓорге Иванов функцијата ќе треба да ја преземе Талат Џафери. Е тогаш ќе треба да им го објасни на своите бирачи како со неучеството на изборите придонесе Џафери да биде претседател на државата“, смета Муслиу.

 

МОЖНА ЛИ Е НОВА ПОЛИТИЧКА КРИЗА?

 

Предизвикувањето на политичка криза со најавениот бојкот на институциите, според Муслиу, повторно би го ставил Мицкоски во опасност да излезе на виделина целата негова сила и поддршка не само од граѓаните, туку и од членството. Најдобра опција за Муслиу е опозицијата да седне со власта и да се договорат да ги донесат економските и процесите од реформската агенда и потоа владејачката мнозинство ќе нема излез за да одат на предвремени избори. Во спротивно, додава тој, ќе изгубиме чекор за започнување на преговорите со ЕУ.

„Доколку планира да предизвика политичка криза, тоа нема да ни биде прв пат. Досега ги имавме многу. Но, во таков случај владејачкото мнозинство ќе продолжи да ги менаџира процесите за продолжување на реформската агенда затоа што има 81 пратеник и наесен или другата пролет ќе организира избори. Но Мицкоски ќе треба да ја покаже својата сила. Ако секој ден на улиците имаме по стотина илјади луѓе, тогаш би можел да предизвика длабока политичка криза, но ако излегуваат неколку стотина, во тој случај ќе се види колкав е неговиот капацитет“, оценува Муслиу.

 

ИЗБОРИ НАЈДОЦНА ДО 2 МАЈ

 

За спроведување на парламентарни избори, ќе мора да се почитуваат последните измени на Изборниот законик, кој предвидува формирање на техничка влада според Пржинскиот договор 100 дена пред изборите.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека ќе ги распише претседателските избори на почеток на февруари. За да се испочитуваат роковите, датумот за одржување и на можните предвремени парламентарни избори треба да биде одреден во периодот од 60 до 90 дена по распишувањето на истите. Ова би значело дека можните двојни избори би се одржале од почетокот на април до почетокот на мај.

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, го добил уверението за неговиот избор за шеф на државата на 2 мај 2014 година. Според Изборниот законик, во последните 60 дена пред истекот на мандатот треба да се одржат изборите за негов наследник, што би значело најдоцна до 2 мај годинава.

 

Аналитичарот Јован Донев, пак, вели дека нема ништо чудно опозицијата да бара предвремени избори ако е убедена дека ќе победи.

СДСМ ја погази волјата на граѓаните а покрај тоа и Уставот на Република Македонија и уставното име. Тоа е недозволиво. Ниту една демократска влада не смее да ја погази волјата на граѓаните, така што нема друг избор освен предвремени избори. СДСМ својата одлука да го смени уставното име на Република Македонија мора да ја провери на избори, затоа што ниту тоа го имаа во ниту пак имаат мандат тоа да го сторат и сега опозицијата бара верификација“, вели Донев.

Според него, најавата за бојкот нема да предизвика нова политичка криза, бидејќи, како што истакнува, ние не сме излегле од неа.

„Ние сме во сериозна политичка криза бидејќи имаме претседател на Собрание избран на начин на кој што е избран, потоа имаме Влада и Собрание кое носи закони без да се консултира со граѓаните, нив ги погази со амнестиите, со менување на  членови од Кривичниот законик. Оттука, ние не сме излегле од политичка криза“, потенцира Донев.