Денешна дата
14/12/2019

ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА

Пишува: Трифун Костовски 

 

Една од клучните одлики на секое демократско општество е децентрализацијата. Според степенот на децентрализацијата, всушност, се мери и степенот на демократските капацитети на тоа општество.

Токму затоа, почитувани читатели, денес сакам да се осврнам на оваа важна тема. Децентрализацијата, всушност, значи пренесување на ингеренциите, моќта, и финансиските импликации од централно на локално ниво.

Претпоставувавм дека многумина паметат дека јас бев Градоначалник на Скопје во периодот од 2005 до 2009 година, и со сето мое стекнато искуство, можам да се сметам за компетентен да проговорам за местото и улогата  на локалната самоуправа како и за важноста на самиот процес на децентрализација. Во оваа прилика, не би сакал да влегувам подлабоко во прашањата околу изведувањето на територијалната поделба по општини во Република Македонија, која се одвиваше во 2004 година, а јас бев против начинот на кој таа се одвиваше, а и до ден денешен не сум го променил мислењето. Моето мислење е дека нужно постојат правила на кој начин треба ефикасно да се организира локалната самопуправа и општините. Повеќе од јасно е дека потребите и проблемите не се исти во урбаните и руралните средини.

За жал, компромисите кои што се направени не се за да ги задоволат потребите на сите граѓани според нивните граѓански права, туку заради одредени етнички приоритети. Последиците од територијалната поделба кои се одвиваа не според граѓанските туку според етничките принципи, ги чувствувавме до ден денешен и тие на некој начин го блокираат суштествениот процес на децентрализација.

Во современите демократии постојат сериозни стратегии за распределбата на моќта, на ингеренциите, а со самото тоа и за распределбата на буџетите од централно на локално ниво. Сето ова се имплементира низ постојан и отворен дијалог.

Во Македонија децентрализацијата почнува во 2005 година. Во тој период локалната самоуправа добива големи ингеренции. Но, парадоксално, никогаш суштински не се случи фискалната децентрализација, бидејќи централната власт никогаш до крај не се откажа од моќта со која ги контролира средствата кои таа ги доделува на локалната власт. Говориме за апсурди.

На пример, градоначалниците имаат ингеренции да го организираат образованието  а средствата ги добиваат со блок дотации до страна на централната власт.

Истоштувачко и штетно е ваквото играње миженка-криенка, тврдејќи дека само на ниво на флоскули сме го започнале процесот на децентрализација, иако, погледнато потемелно и покритички во функционирањето на централната и локалната власт, несомнено ќе заклучиме дека во суштината на нештата лежи партиската подобност на градоначалниците, отколку желбата за децентрализација и демократизација на општеството и локалната самоуправа.

Сакам да ги потсетам граѓаните на град Скопје и вас, драги мои читатели, дека во мојот градоначалнички мандат приходите кои се остваруваа од главните ставки, во духот на начините на кои се финансира локалната самоуправа во прогресивните развиени земји, градот имаше од персоналниот данок 0,03% и од ДДВ 0,02%. Говориме за вкупни приходи кои што се наплатени од централната власт по овие две ставки во самиот Град Скопје.

Но, мораме да имаме на увид дека во развиените земји персоналниот данок се влева во локалната каса со минимум 90%, а ДДВто се влева во висина од 50%, остварени на територијата на општината. Односно, персоналниот данок мора да биде наменет за изградба на инфраструктурни добра во местата каде што даночниот обврзник живее и работи.

Кои се придобивките од целосно изведена децентрализација?

Пред сѐ, граѓаните ќе имаат полесен увид во приходите на својата општина и нивното трошење, што го задоволува основниот демократски принцип за граѓанска партиципативност. Второ, граѓанинот може да иницира одредени приоритети кои треба да бидат изградени во самата општина. И трето, можеби најважно, редно е даноќниот обврзник еднаш да се праша кој и како ги троши и се ползува со моите пари. Само на тој начин може да се има одговорност и отчетност.

За жал реалноста во Македонија е многу лоша. Скоро и да не постои општина која не е презадолжена. Во ваков контекст, се разбира, доминира дилемата – дали локалната власт, односно општините, ја копираат централната власт, односно, дали се нејзина сенка. Бидејќи од кога паметам, од периодот на осамостојувањето на Македонија, постојано ни недостигаа средства и постојано се задолжуваме на централно ниво.

Почитувани читатели, мора да бидеме свесни дека децентрализацијата е едно од клучните прашања кои ќе се отворат при преговорите со Европската унија. Се прашувам до кога ќе имаат трпение да не подучуваат развиените демократски општетсва, наместо самите да бидеме мудри и ефикасни и да ги користиме нивните искуства за наша добробит. Дека сме палави ние граѓаните во република Македонија, не верувам, ама дека умееме, особено оние кои се во политичките елити, многу вешто да ги користиме општетсвените средства за лукративни цели и партикуларни интереси, во тоа сум длабоко убеден.

Прашувам, до кога вака?

Ќе ви дадам еден пример кој можеби ќе ви звучи апсурдно, но е вистинит. Во мојот градоначалнички мандат бев единствениот кој наследи долг во градската каса во висина од 60% од годишниот буџет. За две години успеав долгот да го санирам, а токму заради тоа градот успеа да го добие својот прв ББ кредитен рејтинг на стабилност од страна на реномираната агенција Стандард и Пурс. Градоначалничката функција ја оставив со санирани јавни препријатија, отпочнати сериозни проекти кои за жал не можеа да видат виделина бидејќи еден мандат е многу краток период за реализирање на капитални инвестиции, како што е на пример воведување на транвајска линија.

Заминав од функцијата со околу 8 милиони евра на сметката на Град Скопје, и со подмирени обврски како према изведувачите, надворешните партнери, така и према јавните претпријатија кои беа во ингеренција на Град Скопје.

Од сето погоре кажано, би сакал да извлечам јасна порака. Почитувани градоначалници, пуштете си ги нозете, толку колку што ви е долга чергата и однесувајте се према буџетот на општината исто како што се однесувате према домашниот буџет.

Очекувам од актуелната власт процесот на децентрализација да се забрза, бидејќи актуелниот премиер беше претходно градоначалник во три мандати,  убеден сум дека многу му е јасно што треба да прави, како би си помогнал најпрво себеси, а уште повеќе на граѓаните на Република Македонија.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.