Денешна дата
17/08/2019

СЛУЧАЈ „ТАЛИР“: ШТО УСПЕАЛА ДА ПРОДАДЕ ВМРО-ДПМНЕ ПРЕД ДА И БИДЕ ЗАМРЗНАТ ИМОТОТ?

  • Замрзнувањето на имотот спречило партијата да продаде уште еден стан, откако претходно продадоа во Кисела Вода
  • Под лупа на СЈО била и фирмата „Бетон“, но нејзиниот имот не е замрзнат
  • Во септември 2016 година партијата броела 93 имотни листови, а сега се замрзнати 69

 

Пишува: Александар Тодески

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не може да раководи со целокупниот имот кој е во нивна сопственост, а кој во моментов брои над 30 илјади метри квадратни, бидејќи Специјалното јавно обвинителство (СЈО) побара замрзнување на имотот токму кога лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, најави дека е можно продавање на нивниот дел од палатата.

Опозицијата во своја сопственост го има само предниот дел на палатата, со посебен влез. Другата страна на палатата е на име на фирмата „Бетон“ и таму до сега требаше да биде изграден луксузен хотел. Целиот објект е под лупата на СЈО, но бидејќи нема индиции дека „Бетон“ ќе го продаде својот дел од палатата, тој не е замрзнат.

 

Миле Јанакиевски е обвинет дека заедно со неговите сопартијци, откако ги примале парите во кеш, организирале преку уплатници и имиња на нивни членови, биле уплатени на сметката на партијата.

СЈО ПОБАРА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ИМОТОТ ПРЕД ВМРО-ДПМНЕ ДА ПРОДАДЕ УШТЕ ЕДЕН СТАН

Имотот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го објави случајот „Талир“, кој е впишан на две обвиненија и брои 70 имотни листови. Сега, партијата има еден помалку, односно 69 имотни листови, бидејќи пред СЈО да побара замрзнување на имотот, тие имаа еден стан повеќе, оној во Кисела Вода, кој го продадоа за околу 100 илјади евра.

Но, Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија уште во април 2016-та година открива дека ВМРО-ДПМНЕ поседува имот во скоро сите општини во земјава. Во септември истата година, СКУП го објави истражувањето каде открива дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ поседува 93 имотни листови во кои е запишана вкупна површина поголема од 33.000 метри квадратни. Ова, според Центарот, ја прави партијата една од најбогатите и најимотните партии во Европа.

Дали ова значи дека партијата успеала да се „ослободи“ од вкупно 24 имотни листови пред да му биде замрзнат целокупниот имот?  

Инбокс7 дознава партијата ги имала подготвено сите документи за продажба на уште еден стан, иако биле свесни дека целиот имот е вклучени во обвинението за „Талир“. Но, судот навреме го прифатил предлогот на СЈО за замрзнување на имотот.

Прашања за тоа кој точно стан се работи испративме до СЈО, Кривичниот суд и ВМРО-ДПМНЕ, но одговор нема од ниту една страна.

Од СЈО за Инбокс7 велат дека за станот кој беше на име на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, а кој партијата го продаде, се обезбедени материјали за доказната постапка, но истиот не е замрзнат бидејќи сега има друг сопственик.

СО ПАРИ ОД „БЕТОН“ ВМРО-ДПМНЕ КУПИЛА НЕДВИЖЕН ИМОТ ВО 26 ОПШТИНИ

 

Според обвинението, во фирмите одел и Кирил Божиновски каде како противуслуга за добиените јавни набавки и реализиран профит барал од нив да даваат пари, а готовината ја ставал на располагање на Груевски и партијата.

За палатата „Христо Татарчев“, во која дел е и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, има големи сомненија за коруптивни зделки. Од СЈО при однесување на обвинението ги обелоденија сомнителните трансакции помеѓу фирмата „Бетон“ на Минчо Јорданов и опозициската партија за изградбата на палатата.

Иако „Бетон“ е вклучена во едното обвинение за „Талир“, од СЈО велат дека за фирмата не побарале замрзнување на имотот, бидејќи нема индиции дека сакаат да го продадат својот дел од палатата „Христо Татарчев“, кој до сега требаше да стане луксузен хотел.

Од обвинителството појаснија дека првообвинетиот Никола Груевски, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ во времето кога се градеше палатата, е обвинет дека спротивно на Законот за финансирање на политичките партии, обезбедил за ВМРО-ДПМНЕ да бидат извршени услуги од фирмата „Бетон“, иако во време на давањето услуги правното лице имало склучен договор за доделување на јавни набавки.

БИРН во 2017 година објави дека од фирмата „Бетон“ на име на партијата се префрлени 2 милиони евра, бидејќи наместо договорените 43 проценти од објектот, ВМРО-ДПМНЕ добила 37 проценти.

ВМРО-ДПМНЕ прибавиле значителна имотна корист во висина од 132.573.582,00 денари, а од кои финансиски средства е купуван недвижен имот за правното лице политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, пишува во обвинението за „Талир“.

Партијата од овие пари купувала недвижен имот во Берово, Велес, Струмица, Кавадарци, по три недвижнини во Тарини и Делчево, по две во Кисела Вода и Новаци, недвижен имот во Виница, Радовиш, Штип, Охрид, Печево, Демир Хисар, Пробиштип, Лозово, Кочани, Струга, Нов Дојран, Неготино, Петровец, Гевгелија, Богданци, Градско, Каменица и Теарце.


КЕШ ОД ПРИВАТНИТЕ ФИРМИ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ПАРТИЈАТА

 

Од обвинителството појаснија дека првообвинетиот Никола Груевски, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ во времето кога се градеше палатата, е обвинет дека спротивно на Законот за финансирање на политичките партии, обезбедил за ВМРО-ДПМНЕ да бидат извршени услуги од фирмата „Бетон“, иако во време на давањето услуги правното лице имало склучен договор за доделување на јавни набавки.

Случајот „Талир“, освен Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска, која призна вина, во судски процес ја носи и самата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во обвинението исто така е наведено и дека спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, ВМРО-ДПМНЕ прибавувало финансии од фирми кои добивале државни тендери, а парите биле исплаќани во кеш.

Во фирмите оделе Божиновски и Јанакиески и како противуслуга за добиените јавни набавки и реализиран профит барале од нив да даваат пари, а готовината ја ставале на располагање на Груевски и партијата.

На овој начин ВМРО-ДПМНЕ се збогатила со најмалку 283.432.656 денари.

За ова, обвинети се Груевски, Божиновски, Јанакиески и Чингаровска, бидејќи откако ги примале парите во кеш, организирале преку уплатници и имиња на нивни членови, парите да се внесуваат на сметката на партијата.

Откако медиумите објавија дека ќе почне судењето за „Талир“, последнообвинетата Елизабета Чингаровска, која се товареше за перење пари, не дочека случајот да влезе во судница и таму да ја признае вината. Таа, како што известија од СЈО, признала вина веднаш и затоа добила условна казна.

Во Кривичниот суд, пак, обвинението падна во рацете на судијата Осман Шабани. Од судот рекоа дека кога Шабани ќе закаже судење, истото ќе биде објавено на нивната веб страница.

 

Случајот Талир е чиста политичка конструкција, која нема врска со правото, туку со политиката на Заев за уцени и притисоци. Случајот Талир е директен доказ дека СЈО и Кацарска судството се само неми извршители на наредбите на Заев и СДСМ кои имаат за цел да ја зацрнат и уништат државата. – Игор Јанушев

ОД ПАРТИЈАТА РЕАГИРААТ ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА ПОЛИТИЧКА КОНСТРУКЦИЈА

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште во 2017 година реагираше за случајот „Талир“ и преку соопштенија до јавноста тврдеше дека целиот имот на партијата е законски стекнат.

Откако лидерот на партијата, Христијан Мицкоски на едно телевизиско интервју најави дека е можно да го продадат својот дел од палатата „Христо Татарчев“, СЈО експресно побара замрзнување на имотот, кое го бара втор пат, но сега беше прифатено.

Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, на прес-конференција и целиот случај го нарече „уште еден обид за груб политички притисок за брутално замолчување на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Случајот Талир е чиста политичка конструкција, која нема врска со правото, туку со политиката на Заев за уцени и притисоци. Случајот Талир е директен доказ дека СЈО и Кацарска судството се само неми извршители на наредбите на Заев и СДСМ кои имаат за цел да ја зацрнат и уништат државата. Кацарска судството е под целосна контрола на власта и се користи за политички притисок против опозиционото делување на ВМРО-ДПМНЕ. Замрзнувањето на партискиот имот како и прогонот на десетици илјади членови на партијата е показател дека власта не сака опозиција, дека власта не сака некој да се спротивставува на нејзините антидржавни политики и и пречи секој елемент со државотворна македонска определба на политичката сцена“, рече Јанушев на прес конференцијата.

Инбокс7 испрати неколку прашања до прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и тоа како ја коментираат одлуката на Чингаровска да признае вина, но до објавување на текстот одговор не добивме.