Денешна дата
19/04/2019

СКИ-ЦЕНТРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СО КАТАСТРОФАЛНА ПОСЕТЕНОСТ: ЗОШТО ДРЖАВАТА НЕ ГИ ДАВА ПОД КОНЦЕСИЈА?

  • Додека ски центрите во регионот се со над 200 илјади туристи во сезона, во Македонија се крадат кабли од топовите за вештачки снег
  • Иако ски-центрите на Македонија имаат поевтини карти од Србија и Бугарија, повеќето од македонските граѓани одлучуваат да скијаат на стазите во Банско и Копаоник
  • Од Попова Шапка бараат решение за проблемите, Министерството за економија уште смислува како ќе постапува

 

Пишува: Александар Тодески

Долгите колони на возила, заглавени во хаосот кој настанува заради недоволниот паркинг простор, е првата глетка на која наидуваат туристите на влезот на секоја зимска туристичка дестинација во земјава. Чекањето ред не застанува тука – долги редици на скијачи скоро секој ден чекаат повеќе од половина час за да се качат на ски-лифтовите, за потоа да уживаат во скијањето. Често се случува жичарите привремено да не работат заради дефект, што создава дополнителна нервоза кај скијачите кои платиле дневна карта за да ги користат тие услуги.

Соочени со ваква слика, но и со недоволно атрактивните хотелски понуди, граѓаните на Македонија се повеќе се одлучуваат зимскиот одмор да го поминат надвор од земјата. Најчестиот избор е Бугарија, бидејќи нејзините ски-центри нудат далеку подобри услови отколку нашите.

Маврово, Попова Шапка, Крушево, Пелистер, Кожуф, Пониква, Нижо Поле и Галичица се вбројуваат во листата на центри, кои имаат капацитет да го развиваат зимскиот туризам во Македонија. Освен Маврово, останатите или функционираат со тешкотии, или пак се затворени.

Инбокс7 анализираше која е разликата помеѓу ски-центрите во Македонија и оние во Бугарија и Србија, кои се најпосакувани дестинации за македонските туристи во последните години.

 

НАЈЕВТИНО СКИЈАЊЕ, НО ВО ЛОШИ УСЛОВИ

 

Скијачите од Македонија не ги избираат Бугарија и Србија поради поевтини билети. Бугарските сезонски билети се двојно поскапи отколку оние во Македонија, но двојно се подобри условите во Банско и српскиот ски-центар Копаоник. Понудите за сместување се исто така попривлечни.

Ако во ски-центарот Маврово дневна карта изнесува 1.100 денари или во Попова Шапка – 900 денари, во Копаоник истата изнесува 1.500 денари, а во Банско пак, 2.000 денари. Сезонската ски карта во Попова Шапка изнесува 9500 денари, во Маврово 9.990 денари, во Копаоник 32.000 денари, додека пак во Банско сезонска ски карта ќе ве чини 47.000 денари.

Инбокс7 побара информации од ски-центрите во Македонија, Бугарија и Србија колку посетители имале во зимската сезона 2017/2018.

Од Банско не известија дека минатата сезона ги посетиле 220.000 туристи од 60 различни земји, додека пак пресек за досегашниот број на туристи во оваа сезона се уште немаат.

Србија за своите ски центри има отворено јавно претпријатие „Скијалишта на Србија“. Од таму за Инбокс7 велат дека на нивниот најпосетуван ски-центар, Копаоник минатата зимска сезона имало 235 илјади продадени карти, а за 127 дена, колку што траела сезоната, јавното претпријатие заработило 1.417.670 евра.

Одговор за тоа колку туристи ги посетиле нашите ски центри побаравме од Министерството за економија, кое е надлежно за туризмот во Македонија, но до објавување на текстот, не одговорија на нашите прашања.

Инбокс7 направи краток приказ преку статистиките на Државниот завод за статистика, колку туристи ги посетиле источниот и полошкиот регион, во кои се наоѓаат ски центрите Пониква, Маврово и Попова Шапка.

Според информациите, вкупно домашни и странски туристи во периодот од октомври месец 2017 година до март 2018 година, источниот регион, каде што се наоѓа Пониква го посетиле речиси 15 илјади туристи, додека пак полошкиот, каде што се наоѓаат Маврово и Попова Шапка го посетиле 19.584 туристи.

Разликата, според информациите од Државниот завод за статистика не е голема од минатите, до оваа сезона. Во сезоната 2016/2017, во источниот регион имало 13.327 туристи, а во полошкиот регион неполни 17 илјади туристи. Во зимската сезона 2015/2016, во источниот регион имало 12.744 туристи, додека пак во полошкиот 14.451 турист.

Ова резултира со состојба во која Македонија, од најпосакувана ски-дестинација во регионот, да се претвори во најмалку атрактивна за туристите. Експертите велат дека одговорноста е кај владата и апелираат – ако државните фирми не се способни да стопанисуваат со овие центри, тогаш истите треба да се даваат под концесија на реномирани фирми кои имаат искуство во овој бизнис.

 

ПРОТЕСТИ НА ПОПОВА ШАПКА, НАДЛЕЖНИТЕ СЕ УШТЕ ПРАВАТ СТРАТЕГИИ

 

Граѓанските активисти од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ и жителите на Тетово на 12 јануари го кренаа својот глас за спас на Попова Шапка. Тие половина час го блокираа патот кон ски центарот и ги соопштија своите барања, но го повикаа и премиерот Зоран Заев да ја посети Шапка и самиот тој да ги види проблемите со кои се соочуваат посетителите.

Ние го бараме следното: Премиерот да ги задржи ветувањата дека: Попова Шапка ќе му се превземе на ЕЛЕМ , и ЕЛЕМ не треба да спреми стази каде што ќе се скијаат пензионери, изјава која премиерот го даде пред граѓаните во Референдумската кампања во дом на Култура Тетово. – Иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“

Од таму се прашуваат како најатрактивната локација во Југославија остана во најлоша состојба и со најмалку туристи. Велат, од капацитет за 110 километри стази, во функција се само 12 километри.

„Ние го бараме следното: Премиерот да ги задржи ветувањата дека: Попова Шапка ќе му се превземе на ЕЛЕМ , и ЕЛЕМ не треба да спреми стази каде што ќе се скијаат пензионери, изјава која премиерот го даде пред граѓаните во Референдумската кампања во дом на Култура Тетово. Владата веднаш треба да ја разгледа можноста за најавување на меѓународен оглас за да побара концесионер. Изградбата на жичарата Тетово – Попова Шапка со сите потребни елементи, инфраструктура и паркинг простор соодветен за посетителите. Контроли на изведувачката фирма за шестоседниот ски лифт која на граѓаните им кошташе 9,5 милиони евра и уште не е довршено и дупката која се отвори за резервоар за акумулирање на вода за производство на вештачки снег, се бара санксионирање за истите. Детален урбанистички план кој толку многу мандати се ветува, но не е реализиран. Обврска на Општина Тетово, план кој е основен за отварање на потенцијалот за инвестирање од страна на странските инвеститори и развој на истата“, велат од иницијативата.

Министерот за економија, Крешник Бектеши на прес конференција најави дека се разгледува можноста за јавно-приватно партнерство.

„Многу сме заинтересирани ски центарот Попова Шапка да биде функционален и од зголемувањето на бројот на туристи придобивки да имаат државата и Општина Тетово. Во владата веќе формиравме работна група што моментално детално работи да види во каква состојба е ски центарот, вклучувајќи ги и хотелите, што не се во функција“, рече Бектеши.

Помеѓу прашањата кои ги испративме до Министерството за економија беше и тоа што одлучиле за Попова Шапка, но одговор не добивме.

 

ПОНИКВА ПРОПАЃА, ОПШТИНИТЕ НЕ ПРЕЗЕМААТ ОДГОВОРНОСТ

 

Градоначалниците на општините Кочани и Пробиштип, Николчо Илијев и Драган Анастасов одлучиле дека треба да се затвори Меѓуопштинското претпријатие „Пониква“, кое беше формирано за да стопанисува со истоимениот ски центар, но никогаш не профункционира. Во јуни 2018 година, општините одлучуваат да го затворат ова претпријатие, но истото е се уште во ликвидација поради неплатена радио-дифузна такса.

Од Општина Пробиштип за Инбокс7 велат дека одлуката која ја донеле советниците за ликвидација ја испратиле до Општина Кочани, чија администрација треба да ја доврши постапката и додаваат дека тие немаат повеќе информации.

Одржувањето на опремата паднала во рацете на Пробиштип, но сепак од петте топови за снег кои ги добија како подарок, на четири им се украдени каблите, а во едната има дефект на цевките од инсталацијата.

Од Општина Кочани појаснуваат дека ликвидацијата на заедничкото претпријатие „Пониква“ доаѓа откако тоа функционира од 2013 година, а до сега немало ниту една трансакција.

„Имавме распишано тендер за издавање на опремата под концесија, но никој не се пријави, претпоставуваме поради високата цена, којашто произлегува од високата проценат вредонст на опремата. Во моментов општина Пробиштип ја одржува опремата, но истата не е ставена во функција“, велат од општината.

Од Општина Кочани појаснуваат дека ликвидацијата на заедничкото претпријатие „Пониква“ доаѓа откако тоа функционира од 2013 година, а до сега немало ниту една трансакција.

„Поради тоа што овој правен субјект никогаш немал деловна активност и трансакција, Советот на Општина Кочани во јуни 2018 година донесе Одлука за престанување со работа и спроведување на ликвидација на ова Меѓуопштинското претпријатие. На идната седница на Советот, што се очекува да се одржи на крајот на јануари 2019 г., на дневен ред пред Советот треба да се најде одлуката за бришење на ЗЈП „Пониква“ од Трговскиот регистар. По донесувањето на оваа одлука следниот чекор треба да биде разрешување на ликвидаторот. Според правните служби процедурата за ликвидација е на половина од нејзиното завршување“, велат од Општина Кочани.

И покрај постоењето на ова заедничко јавно претпријатие „Пониква“, поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски на 13 октомври 2015 година ги дава под закуп само ски лифтовите. Закупец е фирмата „Еурокомерц“ од Кочани, а според десетгодишниот договор, фирмата и плаќа на општината 7.750 денари месечно.

„Согласно договорот, закупецот има повеќе обврски и должности во врска со функционирањето на ски-лифтовите, меѓу кои: тој е должен во услови на секоја зимска сезона да ги стави во функционална состојба и да ги користи двата ски-лифта инсталирани на Пониква Кочани; должен е да обезбеди нивно безбедно и непречено функционирање; во текот на употребата задолжително да врши прегледи на одделни елементи и склопови на ски-лифтовите, да презема мерки потребни заштитни мерки и работи во поглед на редовното одржување на ски-лифтовите, да обезбеди потребни услови за безбедност на лицата кои се наоѓаат на ски-лифтот, како и на лицата кои се наоѓаат во заштитниот појас на ски-лифтот. Што се однесува до функционирањето на Пониква како спортско-рекреативен центар во целина, годинава е отворен Инфо-центарот „Пониква“, проширен е просторот за паркирање, рехабилитирани се 11 км од патот Пониква – Кочани, поставени се јавни тоалети“, објаснуваат од општината.