Денешна дата
19/04/2019
Надлежен јавен обвинител од Управата за јавни приходи го прибави конечниот извештај за извршената ревизија за исплата на плати и други надоместоци на вработените во Државната комисија за спречување на корупцијата.

НОВИОТ ЗАКОН НЕ ДОНЕСЕ ОПТИМИЗАМ, ПОЛИТИКАТА НЕМА ДА ГИ ТРГНЕ КАНЏИТЕ ОД ДКСК  

  • Собранието во трка да ги стигне роковите за формирање Антикорупциска комисија пред претстојните претседателски избори. За прв пат изборот ќе биде јавен преку телевизиски пренос.
  • Членовите на Комисијата ќе треба да исполнат построги критериуми од досега, но ќе имаат и поголеми овластувања во борбата со корупцијата.
  • Експертската јавност не се оптимисти дека новиот закон ќе донесе ефикасно справување со корупцијата и дека политичарите ќе се откажат од влијание и контрола врз работата на Комисијата.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Уште само 20-ина дена остануваат да се комплетира новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), откако претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека изборите за новиот шеф на државата ќе ги распише на 8 февруари.

Ова Антикорупциска комисија е парализирана веќе десет месеци откако во март минатата годинава, пет членови си поднесоа оставки по информацијата за нивните патни трошоци што ја обелодени порталот „Сакам да кажам“. Сега во Комисијата има само двајца антикорупционери, Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски. За нив, оваа информација не влијаеше да ја напуштат Антикорупциската комисија.

Законот за спречување на корупција беше донесен оваа недела откако владејачкото мнозинство и опозицијата постигнаа договор, со кој власта на СДСМ прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Според Законот, кој беше изгласан во Собранието со потребното двотретинско мнозинство, кандидатите ќе треба да се пријават на оглас кој ќе трае 10 дена, а нивната селекција ќе ја прави посебна комисија. Изборот потоа ќе биде направен по спроведување на јавно интервју на кандидатите, кое ќе биде директно пренесено на телевизија. Кандидатите ќе бидат интервјуирани од претставници на МАНУ, Интеруниверзитетска конференција, невладини организации, здруженија на новинари и фондации.

 

Многу се кратки роковите и затоа претседателот на Собранието треба да го одреди тајмингот како ќе оди целата процедура на распишување на огласот и рокот за доставување на кандидатурите. – Илија Димовски

НОВИ ЧЛЕНОВИ ПО НОВИОТ ЗАКОН

 

Засега е извесно дека поранешниот член на Лустрациска комисија Чедомир Дамјановски ќе се пријави на огласот. За Инбокс7 тој ја потврди ваквата информација.

Да, ќе се пријавам на огласот за член на Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи мислам дека ги исполнувам условите. Не сум член на партија и се чувствувам доволно способен и искусен за таа работа. Очекувам дека ќе биде избрана професионална и непартиска комисија и затоа се охрабрувам да конкурирам“, вели Дамјановски.

На претходниот оглас, кој беше објавен според стариот закон, се пријавија 39 кандидати меѓу кои, покрај Дамјановски, беа и неколку адвокати, поранешен јавен обвинител и судии. Но, овој оглас набргу беше поништен откако меѓународната заедница препорача да се донесе нов закон и потоа да се изберат новите членови.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, во интервју за Тв Телма, рече дека е потребно што поскоро да се формира и да почне со работа Антикорупциската комисија бидејќи таа е многу важна во овој момент.

Новиот закон за Антикорупциска комисија ќе донесе малку свеж воздух во борбата против корупцијата, затоа што оваа Комисија е многу важна, таа треба да ја добие моќта и овластувањата кои и следуваат, треба да добие ресурси, експерти кои ќе се бават со имотот на политичарите и да истражат доколку некои политичари се побогати од тоа што реално заработуваат“, изјави Жбогар.

 

ЏАФЕРИ ТРЕБА ДА ГО ОДРЕДИ ТЕМПОТО НА ПРОЦЕДУРИТЕ

 

Министерката за правда, Рената Дескоска, образложи дека е донесен квалитетен европски закон кој им дава зголемени надлежности на антикорупционерите.

Владата предложи закон што се темели на следните основи. Силна државна комисија за спречување корупција со зголемени надлежности и ефикасни механизми за спроведување на надлежностите. Комисијата ќе врши контрола на финансирањето на политички партии, која ќе биде превентивна врз основа на годишен план, но и по поднесена пријава. Граѓаните имаат право врз основа на општ член да пратат иницијатива и доколку е основана Комисијата по службена должност почнува постапка за контрола на финансирањето“, појасни Дескоска.

ДКСК ќе има шест членови и еден претседател.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, претседател на собраниската Комисија за избори и именувања, вели дека целиот роковник треба да го одреди претседателот на Собранието Џафери.

Многу се кратки роковите и затоа претседателот на Собранието треба да го одреди тајмингот како ќе оди целата процедура на распишување на огласот и рокот за доставување на кандидатурите. Потоа Комисија за селекција на кандидатите, ќе ги исфилтрира оние кои ги исполнуваат критериумите, за потоа преку јавно интервју кое, за прв пат, ќе биде пренесувано на телевизија да се изберат членовите“, вели Димовски.

 

Процесите се реверзибилни и како да играме македонско оро, три напред,две назад. – Слаѓана Тасева

ДАЛИ ПОЛИТИЧАРИТЕ КОНЕЧНО ЌЕ ГИ ТРГНАТ РАЦЕТЕ ОД КОМИСИЈАТА?

 

Но, покрај ваквите изјави за професионална, силна и непристрасна Комисија, останува дилемата дали политичарите нема повторно да ги вмешаат прстите во работењето на антикорупционерите.

Експертите со голем песимизам гледаат на декларативните заложби на политичарите дека антикорупционерите ќе имаат одврзани раце во справувањето со корупцијата во земјава.

Поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева, на својот Фејсбук профил, искоментира дека не очекува подобрување на состојбите.

Процесите се реверзибилни и како да играме македонско оро, три напред,две назад. Може ќе стигнеме до Нобеловата награда, само и тоа нема да не спаси (однесе во ЕУ) ако не се справиме со корупцијата и личниот интерес. Деновиве не се добри сигналите дека ни дојде умот“, коментира Тасева.

И Ариф Муса исто така поранешен антикорупционер за Инбокс7 вели дека доколку не постои волја за справување со корупцијата попусто се носат нови закони.

Секој закон е добар и секој е силен ако се спроведува, но ако не се спроведува  во дело да функционира тогаш не правиме ништо и се ќе оди по стариот адет. Да видиме како ќе функционира овој закон особено како новите членови ќе го спроведуваат на дело законот. Апсолутно е потребно да имаат голема соработка со другите институции посебно со обвинителството за гонење на криминал и корупција. Ако тие не се во спрега да се борат со корупцијата и со апсолутно перфектен закон нема да има резултат“, вели Муса.

Тој не верува дека и оваа власт ќе се откаже од влијание и контрола врз работењето на антикорупционерите.

Гледајќи го искуството и од новата власт јас сум песимист дека воопшто нешто ќе се промени. Штом дозволуваат и им прогледуваат низ прсти на владини функционери нема ништо од бенефитот од не знам колку пати нови закони. Ако големата корупција се прави во јавните набавки и во трошењето на буџетските пари во министерствата и другите органи и агенции од функционерите и гледајќи како е сега состојба не гледам дека нешто дека ќе се подобри“, оценува Муса.

 

Гледајќи го искуството и од новата власт јас сум песимист дека воопшто нешто ќе се промени. Штом дозволуваат и им прогледуваат низ прсти на владини функционери нема ништо од бенефитот од не знам колку пати нови закони.Гледајќи го искуството и од новата власт јас сум песимист дека воопшто нешто ќе се промени. Штом дозволуваат и им прогледуваат низ прсти на владини функционери нема ништо од бенефитот од не знам колку пати нови закони. – Ариф Муса

НЕОГРАНИЧЕН ПРИСТАП ДО НАД 60 БАЗИ НА ПОДАТОЦИ

 

Во Законот се наведува дека новите антикорупционери ќе имаат пристап и увид во банкарските сметки на функционерите, но и во над 60 други бази на податоци во голем број органи и институции кои досега им беа недостапни.

Претходно мораше да се испраќа барање до институциите за да им бидат доставени одредени информации, но често пати, одговори или не добиваа или тоа беа нецелосни податоци.

Комисијата ќе има увид и во финансирањето на политичките партии, што се смета за главен извор на корупција. За предметите да не завршуваат во фиоките, предвидени се рокови во кои таа мора да постапува.

Од друга страна, членовите уште од првиот ден ќе се соочат со многу обврски бидејќи Комисијата не функционираше скоро цела година. На масата ги чекаат околу стотина предмети и тоа претставки за корупција, за судир на интереси, како и голем број анкетни листови.