Денешна дата
06/10/2022

А МОЖЕЛО И ТАКА  

Пишува: Александар Кржаловски

 

Во два од минатите написи („Брексит или не“ и „Британските паралели“) се осврнав на сличностите и разликите меѓу Британскиот излез од Европската унија (попознат како Брексит), со патот на нашиот Преспански договор со Грција, особено во референдумите и гласањето во парламентот (во британскиот случај за Договорот со ЕУ за излез на Британија од заедницата, а во нашиот случај за уставните измени).

Во меѓувреме, минатата недела се случи и гласањето во Британскиот парламент, па има што да се спореди и трет пат. И претходните два написи а и овој се со цел да научиме нешто од нивната многу подолга традиција на парламентарна демократија. Британскиот парламент во неговата актуелна форма постои од 1707 година, односно од формирањето на Унијата на Велика Британија, со спојувањето на тогашните парламенти на Англија и Шкотска. Основите пак на парламентарната демократија во Британија датираат уште од 1215 година, од времето на создавањето на Магна Карта (Повелбата за основните права) и нешто подоцна, 1265 година, создавањето на Парламентот на Англија со двата дома (Lords и Commons) како што е и сега.

Гласањето во Британскиот парламент, за разлика од нашето (каде со 81 глас, само 1 повеќе од потребните 2/3 се донесоа на уставните измени), не помина според очекувањата и желбите на тамошната Влада и премиерката Тереза Меј. Имено, од 650 членови на Парламентот (Долниот дом), гласаа 634 и од нив само 202 беа „за“ предлогот на Владата, додека 432 беа „против“, со што Договорот со ЕУ за излез на Британија од Унијата не беше усвоен. Со други зборови, пратениците и порачаа на Владата дека договорот не е доволно добар и дека требало повеќе да се потрудат (и добијат) во преговорите со Европската унија (т.е. преостанатите 27 земји членки).

Се разбира и во Британија како и кај нас, Владата, односно владејачката коалиција има мнозинство во Парламентот – Конзервативната партија на премиерката Тереза Меј има 317 пратеници, а помалиот партнер Демократската Унионистичка Партија од Северна Ирска има уште 10, па би требало да се очекува дека премиерката лесно би го „поминала“ договорот, но тоа не се случи. Впрочем, веднаш потоа опозицијата побара гласање за доверба на Владата и при тоа мнозинството се потврди (19 пратеници повеќе гласаа „за“ доверба на Владата), односно владејачката коалиција не дозволи пад на Владата на Меј, иако при гласањето на Договорот за Брегзит го доживеа најтешкиот пораз во парламентарната историја на државата. Но при тоа гласање, дури 118 пратеници од нејзината Конзервативна партија гласаа „против“ Договорот. Секако, најголем дел од тие што гласаа „за“ Договорот, доаѓаат од нејзината партија (196 од 202), а интересно, „за“ гласаа и 3 пратеници од опозициската Лабуристичка (Работничка) партија, како и 3 независни пратеници.

Патем, никој од пратениците не беше исклучен од својата партија заради начинот на кој гласаше за договорот (не дека е тоа непознат механизам и таму, но исклучувањата од партијата или оставките од партијата на самите пратеници се случуваат за сосема други работи – како корупција, истраги за неетичко или криминално однесување или пак идеолошки несогласувања за релативно конкретни работи и случаи, а не и заради тоа кој како гласал за одредено прашање)!

Зошто е ова така и што можеме да научиме од Британската парламентарна демократија? Според мене, двете клучни разлики се интегритетот (или со други зборови – слободата да се размислува и одлучува со својата глава) и одговорноста (директната врска со гласачите/избирачите) на пратениците во Британија.

Да почнеме од второто, бидејќи е системско прашање и се однесува на изборниот модел. Имено, во Британија се применува мнозински систем (или како што кај нив се нарекува first-past-the-post, односно избран е првиот што ќе добие мнозинство гласови, поточно кандидатот со најмногу гласови). При тоа, целата територија на државата е поделена на 650 изборни единици и точно се знае кој пратеник во кое место е избран. Најчесто и самите пратеници потекнуваат до тоа место, а со оглед на традицијата и праксата на ре-избор (многу од нив се пратеници во повеќе мандати, а на последните избори во 2017 година, над 80% ги задржаа своите пратенички места, односно беа ре-избрани во своите средини), тие во голема мерка и лично ги познаваат своите гласачи (ова и со оглед што просечната големина на изборните единици таму е околу 70,000 лица, од кои на гласање излегуваат 35-40 илјади, а за победничкиот кандидат гласаат меѓу 10 и 20 илјади од нив).

На овој начин, врската на пратениците со нивните конституенти (луѓето од изборната единица од која се избрани, а особено оние кои гласале и уште повеќе тие со чии гласови се и избрани) е многу директна и овозможува редовни и чести консултации во подготовката за гласањето во Парламентот, како и дополнителни/специфични консултации по потреба кога се работи за важни или контроверзни прашања. Исто така и мотивацијата да се следи и слуша што мислат избирачите, бидејќи ре-изборот (пак) зависи од нив, па така – претставувањето е посоодветно, односно пратениците навистина ги претставуваат граѓаните кои ги избрале нив и тоа е примарно, а членството во партијата доаѓа како секундарно. Кај нас, за жал, нема ваква директна врска, се случува пратениците да бидат кандидирани и во изборни единици со кои немаат никаква врска, а и да се од таму – не е јасно (со оглед на тоа што имаме само 6 единици со по околу 300,000 гласачи) кого претставуваат, па така лојалноста е примарно кон партијата која и ги предложила за кандидати на своите изборни листи.

Втората работа е интегритетот, односно примената на уставното право и начело на гласање според сопственото убедување, или како што наведов погоре – иако можеби малку грубо звучи – размислување и одлучување со сопствената глава. Како што се покажа во британскиот случај, пратениците ја имаат, ја чувствуваат и применуваат таа слобода – бидејќи тие се избраниците на граѓаните (или „на народот“ како што нашите политичари повеќе милуваат да кажуваат) и тие меѓу другото имаат должност да ја држат Владата одговорна! Тоа и се случи, со гласањето против Договорот за Брегзит, кога пратениците и порачаа на Владата дека не била доволно одговорна, не направила доволно добар договор со ЕУ, односно не ги одбранила во доволна мерка интересите на Британија. При тоа, и дадоа рок од три дена да подготви План Б и истиот да се расправа од пратениците (тоа се случува оваа недела).

За разлика од тоа, кај нас најчесто се гласа како што ќе рече партијата (важи и за власта и за опозицијата), па веќе никој не се исчудува на квалификациите дека Парламентот е само гласачка машинерија на владејачката партија/коалиција. Ретки се истапите на поедини пратеници кои ги предизвикуваат позициите на својата партија, а уште поретки гласањата „против“. Во та смисла, во јавноста никој не се запраша зошто баш сите до еден пратеници од владејачката коалиција гласаа „за“ Преспанскиот договор. Имаше додуша прашања и отворени повици до пратениците од опозицијата да се премислат и тие да гласаат „за“, а видовме што им се случи на тие што се решија на таков чекор во октомври – веднаш (7 од 8) беа исклучени од партијата веќе следниот ден. Во меѓувреме, пак во тие три месеци од почетокот на процесот за уставни измени (19 октомври) до нивното изгласување (11 јануари) само еден пратеник реши да го промени мислењето (пратеник од опозициската коалиција гласаше „за“ Договорот).

Имаме уште многу да учиме од понапредните демократии, а и многу леб да јадеме за ги стигнеме, па вреди да се размисли за потребните чекори да се стигне таму. Промената на изборниот модел би требало да е полесна (иако во сегашната констелација на партиски односи и со ваков начин на размислување и однесување, не изгледа многу изведлива), а за второто – тоа е во главите на оние кои се кандидираат (или се согласуваат да бидат кандидирани) за пратеници, нивната етика, морал и основни човечки вредности.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.