Денешна дата
14/12/2019

Епидемијата со морбили ја зголеми недовербата во здрaвствениот систем

  • Епидемијата со морбили, причината за да се извади целата недоверба на граѓаните во здравството
  • Дали вакцините кои се увезуваат во нашата земја се со подеднаков квалитет како во европските земји и колку самиот увоз на вакцините е регуларен
  • Многу малку родители се против вакцина, а многу поголем број се збунети од различните информации што ги добиваат од здравствените професионалци, но и од социјалните мрежи и интернет-форумите

 

Пишува: Ивана Рамаданова

 

Расте епидемијата со морбили, но и недовербата на граѓаните во здравството. Веќе подолг период се провлекува прашањето и дилемата дали вакцините кои се увезуваат во нашата земја се со подеднаков квалитет како во европските земји и колку самиот увоз на вакцините е регуларен. Министерството за здравство се обидува да ја врати довербата за вакцинирањето, а со самото тоа би се вратила и довербата во ефикасноста и безбедноста на вакцините и доверба во здравствениот систем кој ги обезбедува.

 

Родителите повеќе веруваат во интернет форумите, отколку во здравството

 

Во јавноста се отвори широка дебата околу имунизацијата и нејзиното спроведување, а тоа ги подели и надлежните. Многу родители се збунети од различните информации што ги добиваат од здравствените професионалци, но и од социјалните мрежи и интернет-форумите. Во изјава за Инбокс7, Оливер Ѓоргиев ни го раскажа сопственото искуство со вакцинирањето на свјата ќерка. Тој во својата изјава тврди дека поради прераното вакцинирање, неговата ќерка ја добива дијагнозата West Syndrome (еден од најопасните видови на епилепсија кој што остава трајни последици).

“Ги примивме сите вакцини како што следуваат. Контролите кај матичен беа во ред. Последната контрола гласеше ‘колку е напредна, очекувајте да прооди многу брзо’. После втора доза на дтп имаше некои подигнувања на рацете додека спие што мислевме дека е плашење. После ова на 4.5 месеци ни стаса покана за трета доза дтп. Како млади родители верувавме слепо во македонското здравство. Го однесовме детето на вакцинација (иако според календар трета доза се прима на 6 месеци). Во рок од неколку дена престана да се смее, да не следи со поглед и да ги следи своите омилени играчки над креветчето. Почна и позачестено да плаче”, раскажува Ѓоргиев.

Раскажувајќи за лошото искуство, поради кое тој тврди дека неговата ќерка денес не оди и не зборува, Ѓоргиев вели дека денеска никој не признава дека вакцините имаат последици, дури и дека децата прерано се вакцинираат поради вработувања на нестручен кадар.

 

Уште тројца пациенти со клиничка слика на морбили, досега вакцинирани 2.925 деца

 

Oд прогласувањето на епидемијата на морбили до денес вакцинирани се вкупно 2.925 деца, соопшти Министерството за здравство.

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, хоспитализирани се уште тројца пациенти со јасна клиничка слика на морбили. Станува збор за двајца возрасни пациенти од населбите Карпош и Чаир и едно дете од Чаир, а дополнително уште двајца пациенти со полесна клиничка слика на морбили биле амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување.

Во последниот период забрзано се вакцинираат деца, што не кореспондира со сликата од претходните години. Имено, според податоците на Државниот завод за статистика, во изминативе три години повторно се забележува намален опфат на лица кои примиле МРП вакцина. Имунизацијата на деца од инфективни болести морбили во 2015 година изнесувало 88,8 проценти. Во 2016 година пак изнесувало 82,1 процент, а во 2017 година 82,6 проценти.

Анти-вакцинерите и нејасните пораки од надлежните придонеле Македонија да бележи голем пад на имунизација на деца од 12-23 месеци. Во 2010 биле имунизина дури 98 посто од овие деца, додека во 2016 година само 82 проценти.

 

Само со потврда од Детска клиника ќе може да се одложи вакцинирањето од морбили

 

Од Институтот за јавно здравје велат дека во иднина вакцинацијата на децата со МРП вакцината ќе може да се одложува само со медицински белешки дадени од стручен тим од Клиниката за детски болести.

“Тоа значи дека со потврди од матични лекари веќе родителите нема да може да се правдаат дека кај нивните деца се можни контраиндикации од МРП. Голем број дечиња се примале во градинка без оваа вакцина. Со тоа тие директно ги загрозуваат малите деца оти вакцината за прв пат се става на 13 месеци”, се вели во дописот од Институтот за јавно здравје.

Но од средината на декември 2019 година откога стартуваше епидемијата на морбили во Скопје постојано расте бројот на новозаболени. За нешто повеќе од еден месец во главниот град регистрирани се 58 случаи со мали сипаници.

 

Квалитетот на вакцините е најригорозно контролиран процес во фармацевтската индустрија

 

Според претседателката на Комитетот за имунизација Александра Грозданова, квалитетот и безбедноста на вакцините се едни од најригорозно контролираните процеси во фармацевтската индустрија и дека им се даваат на милиони деца на светско ниво со децении наназад. Процесот на производство на вакцините трае и по повеќе години, а земјите при набавката мораат најмалку една година претходно да ги резервираат количините за одредена вакцина.

“Присутен е постојан тренд на опаѓање на опфатот на вакцинацијата во Македонија во последните години, кој е најизразен во урбаните средини, што се должи на повеќе фактори. Покрај постоењето на антивакцинални движења кои се активни по социјалните мрежи, состојбите како генералната недоверба на населението во јавните здравствени политики, нетранспарентноста за начините на набавка и квалитетот на вакцините што се користат, влијанието на информациите добиени од непроверени и непрофесионални извори кои се лесно достапни до родителите, како и ниското ниво на здравствена едукација на општото население, имаат удел во ваквата состојба”, смета Грозданова.

Според неа, она што е најзагрижувачко се несигурноста, некомпетентноста и недоволната едукација на дел од здравствените работници за имунизацијата, што често резултира тие наместо да бидат промотори на превентивата, да бидат пропагатори на нестручни информации за имунизација.

“Ваквата состојба ги доведува родителите во дилема и голем дел од нив потпаѓаат под влијанието на социјалните медиуми преплавени со неточни информации за имунизацијата”, додава Грозданова.

 

Дури 635 кутии од МРП-вакцината со декларации со истечен рок

 

Инспекцискиот надзор утврдил дека увозникот по грешка залепил стари декларации кај дел од МРП вакцините. Залепените декларации биле од претходниот увоз, кој бил со важност до октомври 2018 година. Тие се пронајдени во здравствените домови во Крушево, Струга, Велес, Демир Хисар,  Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје. Од Министерството потенцираат дека сите дози од МРП- вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител „Глаксо Смит Клајн“ (GlaxoSmithKline)  од Белгија.

„МРП-вакцината е безбедна и произведена во Европската Унија. Има два сертификата, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија од вакцините и на секое шишенце вакцина има т.н. воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок. Направен е и вонреден инспекциски надзор од страна на МАЛМЕД во Скопје. Во текот на утрешниот ден, инспектори од МАЛМЕД ќе одат повторно на терен за да ги потврдат наодите каде што се детектирани вакцините со погрешни декларации во вакциналните пунктови во другите градови“, стои во соопштението на Министерството.

 

Можно одземање на лиценцата за работа на компанијата „Македонијалек“

 

Министерот Филипче најави дека е можно и одземање на лиценцата за работа на компанијата „Македонијалек“, која е увозник на вакцините од европскиот производител „Глаксо Смит Клајн“ и раскинување на сите договори со оваа компанија, доколку контролите покажат дека овој пропуст можел да се превенира.

Ваков пропуст сериозно ги подрива нивните напори да се врати довербата во здравствениот систем и да ги убедат граѓаните во квалитетот на вакцините во услови кога е прогласена епидемија на мали сипаници. При вонредниот надзор, утврдивме дека вакцините се со добар квалитет и со добар рок на траење од еден ист производител ‘Глаксо Смит Клајн’ од кого со години се увезувала вакцината. Кај мал број од вакцините дистрибуирани во вакциналните пунктови, поточно кај еден отсто беа најдени налепници на кои стоеше постар датум на рокот на траење, а овие налепници се однесуваат на некоја постара серија на лек“, рече Филипче.

Компанијата „Македонијалек“, која е увозник на вакцините МРП (морбили, рубеола, паротит) соопшти дека по информациите во јавноста оти вакцините кои ги увезува се со поминат рок направила внатрешна контрола, која утврдила дека сите вакцини се со важечки рок и безбедни за користење.

„Контролата покажа дека сите МРП вакцини од марката ‘Priorix’, кои нашата компанија ги дистрибуира се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови има дистрибуирано вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019“, велат од „Македонијалек“.

 

СЗО: Противниците на вакцинирање се глобална закана по здравјето

 

Светската здравствена организација (WHO) објави листа на најголемите закани по човечкото здравје во 2019 година.

Антивакцинерите, како што ги нарекуваат противниците на вакцинирање деца, се прогласени за една од најголемите опасности по човековото здравје во 2019 година, бидејќи поради нив се враќаат болести кои биле скоро целосно истребени.

Заболувањето од мали сипаници или морбили, на пример, глобално се зголемило за 30 проценти. Причините според СЗО се комплексни, а сите случаи не се поврзани со противењето на вакцинирање. Сепак, во некои земји кои биле на работ на елиминирање на болеста, таа повторно се појавила.