Денешна дата
12/12/2019

АФЕРИ СЕ РЕДАТ – ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ УШТЕ БЕЗ РЕЗУЛТАТИ

  • Неколку афери стојат пред новиот Јавен обвинител, Љубомир Јовевски, како – доделувањето на грантови од страна на Фонд за иновации, тендерите на Кочо Анѓушев, тендерот со реагенси на Венко Филипче, возилата на Илми Селами…   
  • Од ОЈО велат дека последен е случајот со бегството на Груевски, отворен во ноември минатата година.
  • Експертите оценуваат дека истрагите на обвинителството наликуваат на фрлено камче во вода кое создава само мали бранови.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Од добивање на тендери од страна на фирми блиски до власта, сомнителни јавни набавки па се до доделување од државни фондови за луѓе блиски до партиите на власт. И новата влада на Македонија ја тресеа коруптивни афери, за кои јавноста се уште нема слушнато дека надлежните институции имаат постапено согласно законските обврски.

Во изминатите десет години, период кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ бе носители на власта, слични афери често завршуваа во медиумите кои ги откриле, без соодветна акција од страна на обвинителството. Кон крајот на 2017 година Собранието го изгласа новиот Јавен обвинител, Љубомир Јовевски, кој дојде на местото на Марко Зврлевски. Од тогаш се случија неколку афери, како доделувањето на грантови од страна на Фонд за иновации, тендерите на Кочо Анѓушев,  тендерот со реагенси на Венко Филипче, возилата на Илми Селами

Дали Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал го слушаат и гласот на јавноста? Предмети наречени „по допрен глас“ обвинителите отвораат и кога медиумите објавуваат за скандали, незаконитости, криминали или пак ги пренесуваат од здруженија или граѓани.

 

ПОСЛЕДЕН СЛУЧАЈ – БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ

По повеќекратните ургенции од страна на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, надлежните служби на Република Албанија ги обезбедија побараните докази кои треба да бидат преземени од наша страна. Во меѓувреме се прибираат и анализираат и други докази, а се сослушуваат и сведоци во насока на расчистување на случајот. – OJO

Инбокс7 побара одговор од обвинителствата колку тие во моментов имаат отворено предмети и каков е исходот од досегашната истрага. Од овие институции нагласуваат дека последен е случајот со бегството на Груевски, отворен во ноември минатата година. Освен овој, се води истрага и за скандалот на функционерот на ДУИ кој ја удри полицајката што сакаше да го казни за погрешно паркирање, надоместоците на членовите на Антикорупциската комисија, планинарската несреќа на Кајмакчалан во која загинаа две лица…Ова се само неколкуте предмети кои се отворени по допрен глас од страна на Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал. Според нив, голем дел од постапките отворени по институтот „допрен глас“ се уште се во истражна фаза.

Во ноември по допрен глас се оформи и предметот на бегството на Н.Г. поради постоење на основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија. Во обвинителството се одвиваат секојдневни активности поврзани со оваа предистражна постапка. По повеќекратните ургенции од страна на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, надлежните служби на Република Албанија ги обезбедија побараните докази кои треба да бидат преземени од наша страна. Во меѓувреме се прибираат и анализираат и други докази, а се сослушуваат и сведоци во насока на расчистување на случајот“, велат од обвинителството.

 

ЗАГАДУВАЊЕТО СЕ УШТЕ СЕ ИСТРАЖУВА, ЗДРАВСТВОТО СО НАЈМНОГУ ПРЕДМЕТИ

 

Истрагата за загадувањето за која и до денеска пишуваат медиумите дека е предизвикано од горење токсични материи во депонијата Дрисла и по една година се уште е актуелно.

Основното јавно обвинителство оформила предмет уште во јануари минатата година – загадување на животната средина и природата од член 218 од Кривичниот законик. Уште тогаш наведе дека се прават проверки дали се почитувале прописите кога во печката се горел медицински отпад.

Во насока на утврдување на фактите, беа побарани информации од Државниот инспекторат за животна средина за изршените контроли над рабаотењето на депонијата. Надлежниот јавен обвинител продолжува со проверките во насока на утврдување на фактите во предметот“, тврдат од ОЈО.

Најмногу предмети отворени по допрен глас Обвинителството, минатата година има поведено за незаконитости од областа на здравството. Случајот кој на јавноста и е добро познат за тендерите во Министерството за здравство беше доволна причина за обвинителите да започнат истрага. Набргу потоа Министерството го поништи тендерот.

Заради постоење на индициии за повредз на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство се оформи предмет што се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени уставнови без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари“, велат од Обвинителството.

За други проневери во здравството се води и постапка по допрен глас за сомнение за постоење незаконитости во работата на една приватна болница.

Обвинителите отвориле предистражна постапка за злоупотреба на склучен договор за кардиоваскуларни работи со Фондот за здравствено осигурување при извршени лекарски интервенции на срце и крвни садови. Постојат индиции, велат од ОЈО дека дел од наплатените интервенции се фиктивно извршени од страна на болницата, како и дека за ист пациент и за ист вид интервенција се вршени по неколку наплати од Фондот.

Случајот со доделување концесии за центрите за дијализа но и зголемената цена за хемодијализен третман се исто така предмет на истрага по допрен глас. Обвинителите посочуваат дека следејќи ги реакциите на Здружението за бубрежно болни но и написите на одредени медиуми оцениле дека постои основ на сомнение што треба да се провери. Во овој случај вмешан е Ристо Новачевски, кумот на екс премиерот Груевски, кој е сопственик на фирмата Диамед кој го доби тендерот за дијализа.

Сомненијата укажуваат дека постапката е спроведена на нетранспарентен начин какко и за одлуката за зголемување на цената од 4.855 денари на 5.400 денари за третман на хронична бубрежна инсуфициенција. Предистражната постапка е во тек, во меѓувреме донесена е наредба за истрага против едно лице. По спроведени низа активности од страна на обвинителството беше утврдено дека правното лице-концесионер на центрите за дијализа е отуѓено. Финансиските средства од продажбата во износ од 8.281.000 евра биле префрлени на сметка во Монако. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се обрати до властите во оваа земја со барање за нивно замрзнување. Во постапката се вклучи и обвинител од Монако“, велат од ОЈО.

Постапка е отворена и за случајот со доделувањето грантови за кое исто така јавноста крена „голема прашина“. Во ова беа вмешани актуелни функционери, кои набргу потоа се откажаа од грантовите.

По објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување на грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој, ОЈО за гонење организиран криминал и корупција оформи предмет и за овој случај. Предметот е во предистражна постапка, сослушани се околу 80 стручни лица. По прибраната материјална документација, надлежниот обвинител издаде наредба за прибирање информации од стручните лица што постапувале во јавниот повик“, информираат од ОЈО.

 

СЕ ЧЕКА ИСХОД ЗА НЕКОЛКУ ПРЕДМЕТИ

Надлежен јавен обвинител од Управата за јавни приходи го прибави конечниот извештај за извршената ревизија за исплата на плати и други надоместоци на вработените во Државната комисија за спречување на корупцијата.

И скандалот со патните трошоци на членовите на Антикорупциската комисија е предмет кој Обвинителството го отвори по допрен глас откако медиумите го открија незаконското трошење на пари од буџетот. Иако постојат документи за незаконски исплати случајот и по една година уште нема исход.

Надлежен јавен обвинител од Управата за јавни приходи го прибави конечниот извештај за извршената ревизија за исплата на плати и други надоместоци на вработените во Државната комисија за спречување на корупцијата. Врз основа на наводите во извештајот, се прибираат искази од лица, меѓу кои и од двајца поранешни членови на Комисијата за кои постојат основи за сомневања дека извршиле незаконска наплата на надоместоци“, велат од ОЈО.

По допрен глас обвинителството го отвори и случајот кога функционер на ДУИ тепаше полицајка која сакаше да го казни поради непрописно паркирање. Но се чини дека овој случај ќе остане во фиоките, со оглед на тоа што веднаш по настанот таа даде изјава пред министерот дека самата се удрила, а обвинителството чека МВР да и достави пријава за прекршочна постапка.

Се уште се води и истрагата за трагедијата на Кајмакчалан од грчка страна, во кој загинаа момче и девојка. Откако медиумите пишуваа а и во јавноста имаше остри реакции околу организаторот на планинарската тура Обвинителството по допрен глас оформи предмет за причините за несреќата по што сослуша и повеќе сведоци и лица кои би можеле да имаат информации за трагичниот настан. Од Обвинителството било побарано да бидат разгледани нови докази, а по преземањето на сите потребни истражни дејства, обвинителите велат дека ќе биде донесена и одлука.

 

БРЗА РАЗРЕШНИЦА НА ПРЕДМЕТОТ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА ШТИТЕНИЧКА ОД ДОМ ЗА ДЕЦА

 

Разрешница има случајот по допрен глас со штитеничката од Заводот за згрижување деца со воспитно социјални проблеми кој беше покренат во февруари минатата година, а во мај беше проширена истрагата и врз две други лица,

Во јули беше поднесен обвинителен акт против три лица за сторено кривично дело трговија со дете. Предметот има и судска завршница – едно лица е осудено на казна затвор во траење од 13 години, а другите две од 12 години“, информира обвинителството.

 

За жал во минатото имаше многу случаи отворени по допрен глас па дури и со материјални докази. Но тие многу долго траеја и се тоа оди на штета на обвинителството, бидејќи се губат многу материјални и вербални траги. – Владимир Пивоваров

ИСТРАГИТЕ – ФРЛЕНО КАМЧЕ ВО ВОДА ЗА ДА СОЗДАДЕ МАЛИ БРАНОВИ

Со оглед на фактот што дел од отворените истраги по допрен глас датираат од пред една година, експертите велат дека тие наликуваат на фрлено камче во вода кое создава само мали бранови.

Професорот Владимир Пивоваров укажува дека ваквите случаи и во минатото се покажало дека предолго траат и затоа треба со да се работи поекспедитивно.

За жал во минатото имаше многу случаи отворени по допрен глас па дури и со материјални докази. Но тие многу долго траеја и се тоа оди на штета на обвинителството, бидејќи се губат многу материјални и вербални траги“, потенцира Пивоваров.

Тој смета дека набргу ќе има исход и предметот кој обвинителството за организиран криминал го води со бегството на Груевски.

Апсолутно мора случајот да излезе на виделина . Ние сме годинава под скрининг од Европската комисија од што зависи почнување на преговорите. Ако сме ефикасни и експедитивни ќе добиеме добра оценка дека се врати правото во Република Македонија. Обвинителката Вилма Рускоска излезе дека се при крај со истрагата во која има вклучено и меѓународни фактори“, вели Пивоваров.

Но, тој сепак посочува и на тешкотиите со кои се соочуваат обвинителствата, а тоа е недостигот од кадар, финансиските и материјалните проблеми за кои нагласува дека државата мора да смогне сили да помогне за нивно нормално функционирање.