Денешна дата
18/11/2019

ИСТОКОТ  НЕ  НЕ` ОТПИШУВА –  ЗАПАДОТ НЕ  НЕ` ЗАПИШУВА    

Еве и сега кога единството е најпотребно, кога се на дофат перспективите што ни се нудат со компромисите од Преспанскиот, кога сме пред интегративните врати, пак сме во антидржавна состојба. Повторно во длабоки делби со нашите канибалистички манири.

Политиката од граѓаните направи навивачки групи. На сметка на државата поттикнува подржувачи и противници на партиските елити.

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Највозрасните граѓани уште се сеќаваат на 1948-ма. На времето на Информбирото, на сталинистичката блокада врз тогашнaтa нова држава кога во тие тоталитарни околности поради поделеноста, особено поради дилемата каде да се завртат, на која страна уџум да фатат, луѓето стравувале каква судбина им носи денот. Поделеност длабока до живот или смрт.

Оттогаш минаа цели 70 години. Светот уште десетпати се испреврте и ние со него. Се хуманизиравме и колку толку се демократизиравме. Нам ни се случија или и самите инициравме случувања како во `91-вата, па во 2001-ва, па еден устав, втор устав, еден референдум, втор, трет, една политичка криза, втора, трета. Во секоја од нив и порази и победи. Порази и победи тука на овој  наш мал простор, на овие наши и единствени 25 илјади километри квадратни и во ова наша мала и сложена, многу сложена државна заедниц Македонија. Раскарани и со длабоки делби за некакви неважни историски атрибути, поради полтички придавки или географски додавки. Поделби и идеолошки и историски и меѓуетнички, па инетретнички, национални, интернационални, кавги и навивања за ваква Македонија за онаква Македонија.

Државава во ново дигитално време влезе со уште нерешени стари аналогни проблеми и со постојано продуцирање нови. Со помали и поголеми конфликти. Со стравови, ксенофобии, антагонизми. Светот брзо се движи, а ние и натаму на трибините, на периферијата, на банкините. Настрана од важните меѓународни случувања. Среќна нова 48-ма одамна е минто. Нови етапи, нови глобални стратегиски позиционирања. Македонија тргна и цели три декади интензивно сака ама и интензивно малку прави на својот прозападен пат. Преспора е во настојувањата по нови поинакви, повредни сосотојби. Истокот и Западот кај нас си најдоа терен да си ги одмеруват силите. Првиот, поради нашата неспособност навреме да стапнеме на посакуваните патеки, никако не не`отпишува. Вториот, трпеливо чека на нашата зрелост која предолго ферментира на патот на тамошните вредности.

Во таа сосотојба на држава ниту ваму ниту таму, продолжуваат нашите кошкања. Како некаква проклета вродена маана, главно поради слабите капацитети на партиските водства, постојано продуцираме нови и нови состојби на дефетизам, двојби, делби, дилеми, стравови. Политичката неумешност и дневните парцијални егоистични интереси рефлектираат стагнации, продуцираат поделбит. Тие станаа неаква наша уникатна општествена одлика. Ефектите се кавги, нетрпеливости, антагонизми. Ама и сиромаштија, невработенсот, иселувања. Политичките партии промотори на овие состојби се исцрпуваат во меѓусебни пресметки. Се одмеруваат врз тривијални, лукративни дневно политички теми. Произведуваат памфлети, креираат етикети. Создаваат патриоти и предавници. Вокабуларот на нетрпеливост стана основна комуникациска алатка за меѓупартиски пресметки но и за меѓуграѓанска комуникација.

Во игрите на поделби се впуштивме сите. Интелектуалци, проферсори, академици, уметници, новинари, дури и спортисти. Сите заедно создаваме состојби на делби кои земјава предолго ја туркаат во стагнација. Од `91-ва, од првата еуфорија за сопствена држава па наваму, практично и не паметиме едно нешто околу кое сме биле единствени. Од време навреме само по некој успех во културата и во спортот ни вбризгува по доза колективно единство. Политиката од граѓаните направи навивачки групи. На сметка на државата поттикнува подржувачи и противници на партиските елити. Создаде амбиент на рововска битка на одроди и на родољуби и произведе неподнослива ментална маглина. Општествена катаракта што ги задскрива патеките до најважните перспективни цели на државата.

 

За сето ова време регионов е исто така во конфликти, во поплитики или во подлабоки кризи. Меѓународната политичка конкуренцијата се прекршува и на линијата Исток Запад. Ние, наспроти нашите дефинирани интереси во меѓународнто позиционирање, уште не успеавме да застанеме на патот што сме го одбрале. Нерешително ѕиркаме низ подотворената врата на Западот. Никако да се втурнеме натаму. Уште никако не успеавме да го зграпчиме кормилото на сосптвеното бродче оставено на немирните регионални и глобални бранувања. Еве и сега, кога единството е најпотребно. Кога на дофат се перспективите што ни се нудат со компромисите, кога сме пред интегративните врати. И овојпат битки за нанапред и битки за наназад. Едните „патриотски“ затскриени во пазувите на минатото, другите „предавнички“ енергично отворени за иднината.

Во неединството сме уникатна нација. Со менталитет и карактер кој се одликува со неверојатна умешност меѓусебе да се обвинуваме, навредуваме, поганиме. Да  продуцираме предавници, шпиони, кодоши. Приота себеси да се промовирме за патриоти, родољуби, бранители. И особено сме вешти да минираме зафати кои од највистинските и најможните патриотски побуди создаваат рационални политики во обид земјава да се помрднеме од место. Да се поттурне во поизвесна иднина. Да се најдат решенија за блокадите, да ја подизвлечеме од безбедносните опасности. Да се  оттргнеме од нашата деценсика ментална, економска, социјална, еколошка и културна провинција. Да заминеме од оваа состојба на испревртени вредности.

Со Преспанскиот договр, со елиминирање на пречката за интегративните перспективи, со уставните интервенции, со новото име, со новата регистрација во ООН, со преиемот во Алијансата, со затворањето на Рамковниот, со договорот со Бугарија и конечно со приемот на земјава во НАТО, ете ги извесните гаранции за интегрирана, побезбедна, унитарна Македонија. За неповратно време на несаканите децениски македонски сосотојби.

Се разбира, сето ова се само претпоставки за похармонично општество. За институционална сигурност без длабоки поделби, без сурови антагонизми, без бесповодни пизми. За витешки меѓупартиски борби со реални понуди за правда и еднаквост, за економија и социјала, за побогата и похумана заедница.

Историската шанса е тука. Сега од сите нас зависи дали поради себични политички калкулации ќе решиме и натаму да стоиме на прагот на влезната интеграциска и безбедносна порта или сепак ќе им препуштиме да не`приберат внатре. Ова е време кога со помала емотивна поделеност и со посмел рационален чекор тоа можеме да го сториме. Да ги отфрлиме нашите ксенофобични ментални состојби и одважно и без страв да се соочиме со предизвиците што ни ги нудат проевропските цивилизациски  вредности.

Ова е мигот кога конечно можеме да му дозволиме на Истокот да не`отпише и да го пуштиме Западот да не`запише.

За друго вакво време – малку ќе почекаме.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.