Денешна дата
23/10/2019

ПОЛИТИКА И(ЛИ) БИЗНИС: МАКЕДОНИЈА СО 60 ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ, 6 НОВИ РЕГИСТРИРАНИ САМО ВО ПОСЛЕДНАТА ГОДИНА

  • Во Република Македонија има над 60 политички партии
  • Сите се во некаква коалиција, само албанските ДУИ, ДПА и БЕСА ги добиле своите пратеници самостојно
  • Малите партии служат за „поголеми“ коалиции, но и за збунување на граѓаните

 

Пишува: Александар Тодески

 

Над 60 политички партии и ниту една „трета опција“. Вака накратко може да се искоментира македонската политичка сцена. Дел од партиите се активни за време на изборите, кога треба да се направи забуна на граѓаните со имиња слични до најголемите партии. Други, речиси секојдневно се обидуваат со соопштенија да се наметнат на граѓаните, кои секогаш избираат помеѓу двете најголеми партии и нивните коалиции.

Во моментов во Собранието има над 20 политички партии. Сите се во некаква коалиција, само албанските ДУИ, ДПА и БЕСА ги добиле своите пратеници самостојно. Коалицијата на СДСМ со себе ги има ЛДП, НСДП, ДОМ, ПЕИ, ПДТ, ПОПГМ, ПЦЕР и неколку независни пратеници кои на нивната листа дојдоа од невладиниот сектор. Со ВМРО-ДПМНЕ на изборите пратенички места СПМ, ГРОМ, ПДТ, СРМ, АВАЗ и ДПСМ. Откако официјално отидоа во опозиција, Амди Бајрам најави дека Сојзуот на ромите (СРМ) ќе ја поддржува владејачката коалиција. Алијансата за Албанците на изборите излезе како заедничка платформа на тогашната ДР-ДПА на Зијадин Села, НДП и Унитети, но подоцна оваа коалиција се расцепи, па Села си го задржа правото неговата партија да се преименува во Алијанса за Албанците.

 

Во Република Македонија има над 60 политички партии. Многу партии има и во земјите од регионот. Но, ова не случај во европските земји како Франција и Германија.

СЕКОЈ „НАЛУТЕН СОПАРТИЕЦ“ ОТВАРА ПАРТИЈА

 

Партиските членства секогаш се полни со незадоволни членови од високото раководство. Примери има многу, како незадоволството речиси секогаш завршува со „ривалска“ партија, која подоцна одвај опстојува на политичката сцена. Така се формирани АПМ, НСДП, ЛП, ФРОДЕМ, ОМ, но и десетина партии кои пред себе го носат името ВМРО.

Минатата година, на политичката сцена се појавуваат нови политички партии, зад кои стојат ликови кои претходно имале учество во најголемите партии. Пратеничката Солза Грчева, која од СДСМ беше избркана зошто заедно со уште две пратенички не го почитуваше бојкотот на Собранието во 2014 година, ја основа партијата „Глас за Македонија“. Институтот за доблесна и вредносна политика „Интегра“ минатата година премина во конзервативна политичка партија, на чие чело е Љупчо Ристовски. Во оваа партија член е и Зоран Ивановски, кој беше кандидат за пратеник на СДСМ од САД. Како иницијативи за партии, кои се уште собираат потписи се појавија „Родина“ и „Трета партија“.

Во јавноста излезе уште една политичка партија, „Граѓанско Демократската Унија“ на чие чело е Петар Колев. Минатата година се појави и партијата на каратистот Јорго Огненовски наречена „Демократи“, како и партијата „Бошњачки демократски сојуз, чиј претседател е Мунир Колашинац.

Поранешниот пратеник Исмет Рамадани смета дека има премногу политички партии, а сето тоа се сведува на лични интереси на оние кои ги формираат.

„Јас мислам дека има премногу политички партии, затоа што во последните 10 години луѓето се навикнаа да формираат партија за бидат дел од некој караван, зошто големите партии ги ставаат како вагони и добиваат по некој лични интереси. Тоа е лоша појава затоа што тие мали партии го потоа ја губат смислата“, вели Рамадани за Инбокс7.

 

Во декември минатата година, Либерлано-демократската партија (ЛДП) имаше конгрес каде беше реизбран Горан Милевски за лидер. Но по реизборот, од редовите на пратеничката група на ЛДП излезе Никица Корубин, која сега делува како независен пратеник, но со владејачкото мнозинство.

МАЛИ ПАРТИИ – ПОДЕЛЕНО ЧЛЕНСТВО

Речиси секогаш кога малите партии имаат конгрес, се случуваат превирања во партијата, посебно кога се бира нов лидер. Во декември минатата година, Либерлано-демократската партија (ЛДП) имаше конгрес каде беше реизбран Горан Милевски за лидер. Но по реизборот, од редовите на пратеничката група на ЛДП излезе Никица Корубин, која сега делува како независен пратеник, но со владејачкото мнозинство. Таа најави дека ќе делува како фракција и обвини дека лидерот ја води партијата недемократски.

Милевски во интервју за Инбокс7 рече дека не би сакал да ги коментира изјавите на Корубин и дека секој си одговара за своите постапки.

„Делегатите јасно се изјаснија на кој му ја даваат довербата. Не можам да зборувам за недемократичност во ЛДП кога пратениците се избрале на најдемократски начин. Прв пат во ЛДП се бираа на тајно гласање од страна на Централниот одбор и врз основа на таа демократичност, што сум ја овозможил, колешката стана пратеничка во Собранието и не може сега преку ноќ да е нешто недемократско. Со самото тоа што во ЛДП имаше три кандидати за претседател и тајно гласање укажува дека демократскиот капацитет на оваа партија е голем. Јас доколку изгубев ќе останев во партијата и сесрдно ќе ги подржував политиките кои што ќе се изнесеа и немам комплекс од таа работа“, рече Милевски.

Во февруари 2016 година се појави и „Левица“, како партија која произлезе од членови на движењата „Ленка“ и „Солидарност“. Но и нивната сплотеност не траеше долго, па така партијата пред изборите во декември 2016 година си доби фракција која го обвини претседателството дека соработува со сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па затоа не прифатило да ги трча изборите на заедничка листа со СДСМ.

 

ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА – МОЖНОСТ ЗА СИТЕ ПАРТИИ

 

Во име на демократијата и за поголема разноликост на политичката сцена, бројот на потребни потписи за основање на политичка партија е илјада. Но, во последниот период се добива впечаток дека бројот на партии не расте за граѓаните да имаат поголем избор, туку за секој кој сака да се проба во политиката да има избор за понатамошна коалиција и било каква државна работа во иднина.

Јас мислам дека има друго нешто, големите партии ги помагаат овие иницијативи со нивно членство за да го соберат бројот на потписници со тоа што ги условуваат да бидат дел од таа коалиција. – Исмет Рамадани

Поранешниот пратеник Исмет Рамадани вели дека и покрај малиот број на потписи кој е потребен за формирање, големите партии даваат од нивното членство, но со ултиматум таа мала партија да влезе во нивната коалиција. Според него, ова би се спречило доколку Македонија има само една изборна единица.

„Јас мислам дека има друго нешто, големите партии ги помагаат овие иницијативи со нивно членство за да го соберат бројот на потписници со тоа што ги условуваат да бидат дел од таа коалиција. Мислам дека проблемот е во тоа што не успеавме да имаме една изборна единица на цела држава. Тогаш уште при формирање, малите партии би имале амбиција дека ќе имаат доволен број гласови од целата држава за да имаат пратеник. Со една изборна единица би се решил и овој проблем, односно би имале доволен број на партии“, вели Рамадани.

И покрај тоа што ветувањето за една изборна единица беше дадена од власта, Собранието се уште не расправа за оваа промена, ниту пак големите партии покажуваат расположение за да се гласа ова ветување.

Македонската политичка сцена би броела многу повеќе партии, но оние кои пробале, а не успеале да привлечат поголемо членството немале долг век. Неактивни политички партии, кои во минатото постоеле во Македонија има осумдесет и една.