Денешна дата
19/04/2019

Естонија – со помалку судови до повеќе правда

За да функционира третата власт на вистински начин, според добриот пример што го проучивме од Естонија, потребни се малку нешта: политичка волја, добра организација и целосна употреба на современи комуникациско-информатички решенија вградени во системот. Тогаш злоупотребите се сведени на исклучоци, а ефикасноста на правило

 

Пишува: Искра Опетческа

 

Примерот денес, со реформираното судство во Естонија пред повеќе од десет години, покажува дека бројот на судовите и бројот на судиите не е пресуден за добар судски систем, туку добрата организација на системот и цврстата волја и на судиите и на политичарите да стигнат до ефикасен и независен судски систем.

Има и уште еден важен елемент – употребата на современата информатичко комуникациска технологија која овозможува намалување на злоупотребите и зголемување на ефикасноста.

Станува збор за земја која има нешто помалку жители од Македонија, но значително помалку судови и судии, а сепак, според ефикасноста на судството и бројот на жалби се смета за второ судство во Европа по ефикасност, од земјите членки на ЕУ.

Тоа беше причина за малку потемелно запознавање на овој судски систем, по што може да се добие попрецизна слика и компарација со судскиот систем во Македонија, кој повторно е предмет на реформи со цел да се подобри функционалност на третата власт во секој поглед.

 

Мал број судии и судови вршат голема работа

На 1.31 милиони жители Естонија има девет судови со 242 судии. Од нив четири се окружни судови како судови од прв степен и се наоѓаат во Харју (за главниот град Талин), Виру, Парну и Тарту. Тие работат на сите граѓански, кривични и прекршочни случаи. Во овие првостепени судови се вработени 153 судии. Македонија со нешто над 2 милиони жители и тоа само на хартија, бидејќи реални проценки се дека во земјата не живеат повеќе од 1,4 до 1,6 милиони луѓе,  има дури 34 судови со четири судски одделенија и околу 540 активни судии заклучно со крајот на 2017 година.

 

Единаесет години по темелните реформи Естонија има еден од наједноставните судски системи во Европа. Тој се состои од тристепена судска власт. Окружни и управни судови како првостепени судови, околиски судови како судови од втор степен и Врховниот суд како суд од трет степен. На 1.31 милиони жители Естонија има девет судови со 242 судии.

Врховниот суд е и Уставен

 

Создавањето на нов демократско-правен систем Естонија го започна во октомври 1991 година, шест месеци по прогласување на својата независност.

„Вишиот совет на Република Естонија го донесе Актот за судовите како и Актот за статусот на судиите. Наведените акти беа донесени со цел да се разрешат прашањата во врска со судската служба и функционирањето на судскиот систем. Овие акти беа основа за создавање на тристепен судски систем. Следниот важен чекор беше направен во пролетта 1992 година, кога Вишиот совет донесе одлука за судската реформа“, објаснува Реда Молиен, директорка на Националната судска управа во Литванија. Таа е дел од тимот изготвувачи на истражувањето „Мерење на напредокот на судските реформи – Клучни принципи, стандарди и практики“, објавен од Центарот за правни истражувања и анализи.

До темелната реформа во 2007 година во Естонија постоеле 16 судови од прв степен од општа надлежност, два градски судови и 14 окружни судови, но и управни судови сместени на четири локации. Поради ова постоела нерамномерна распределба на работата на судиите, како и до 250 отсто разлика во бројот на предмети што отпаѓаат на еден судија или пак, до 800 отсто разлика во времето што му е потребно на еден судија за решавање на новите предмети што му биле распределени.

Единаесет години по темелните реформи Естонија има еден од наједноставните судски системи во Европа. Тој се состои од тристепена судска власт. Окружни и управни судови како првостепени судови, околиски судови како судови од втор степен и Врховниот суд како суд од трет степен. На 1.31 милиони жители Естонија има девет судови со 242 судии. Од нив четири се окружни судови како судови од прв степен и се наоѓаат во Харју (за главниот град Талин), Виру, Парну и Тарту. Тие работат на сите граѓански, кривични и прекршочни случаи. Во овие првостепени судови се вработени 153 судии.

Управните судови како судови од прв степен сослушуваат управни прашања. Има два управни судови во Талин и Тарту со 27 судии.  И окружните и Управниот суд се поделени во 17 судски палати или како што во Македонија се нарекуваат судски одделенија.

Околиските судови се судови од втор степен. Такви има два во Талин и во Тарту и тие постапуваат по жалби против пресуди и одлуки на првостепените судови. Во околиските судови работат 43 судии.

Она што е специфично за естонскиот судски модел, што воедно го прави и еден од наједноставните, е фактот што Врховниот суд  истовремено е највисок суд со општа надлежност на Врховен управен суд, а ја извршува и функцијата на Уставен суд. Во него работат 19 судии поделени во три оддели, граѓански како најголем во кој судат седум судии, кривичниот со шест и административниот оддел со пет судии. Кога судот решава уставни прашања се формираат тимови од судии на одреден период.

 

Аналитичари ги потсетуваат судиите дека доцнат предметите

Според податоците на Здружението на судии на Естонија во 2017 година, основните судови во работа примиле 30.179 граѓански предмети, 17.071 нови кривични предмети и 7.352 прекршочни предмети. Бројот на решени предмети е речи си истиот со оној на примените. Еден судија во Естонија годишно работи на околу 1.000 предмети. Секој суд има посебни аналитичари-асистенти, чија работа е да го следат текот на предметите.  Доколку три месеци по ред не се случува никаква промена  со предметот, тие веднаш алармираат за тоа.

 

Сепак, Врховниот суд не одлучува во сите случаи, вели претседателот на Врховниот суд Приит Пикаме во промотивното видео за естонскиот судски систем, што за потребите на ова истражување ни беше отстапено од Окружниот суд Хајру за градот Талин.

„Најважната задача на Врховниот суд е да ја хармонизира судската пракса. Но тоа нужно не значи дека судот интервенира во сите случаи. Ние претходно одлучуваме кои случаи се важни за да се донесе одлука од поголема фундаментална важност. Се разбира дека секој може да поднесе жалба до Врховниот суд, но тоа не значи дека судот ги прифаќа сите жалби“, вели претседателот на Врховниот суд на Естонија, судијата Пикаме.

 

Повеќе судови не значат повеќе правда

 

„Овластен предлагач на Законот за судови кој воедно и го изготвува е Министерството за правда. Судскиот совет на нацрт-предлогот на законот мoже само да даде свои предлози и мислења“. – Жарко Караџоски

И Врховниот суд на Македонија има 19 судии поделени во четири оддели, за казниви дела, за граѓански дела, оддел за судење во разумен рок и оддел за судска пракса.

Но, како што може да се види од досегашните бројки и организација на естонското судство, станува јасно дека поголем број судови не значи нужно и поголема правда. Како и Естонија, така и Македонија има тростепен судски систем, но со многу поголем број судови, судии и судска администрација. Македонија со нешто над 2 милиони жители и тоа само на хартија, бидејќи реални проценки се дека во земјата не живеат повеќе од 1,4 до 1,6 милиони луѓе,  има дури 34 судови со четири судски одделенија и околу 540 активни судии заклучно со крајот на 2017 година. Иако во последните три години постои многу блага тенденција на намалување на судиите, сепак, постоечката бројка е прилично над европските стандарди, а дефинитивно многу над естонскиот пример.

Всушност, со оваа бројка на судии Македонија е рекордер по бројот на судии во Европа. На 2.081 милиони жители има по еден судија на околу 3.000 граѓани или нa околу 4.000 гледано според статистичките проценки за бројот на населението на хартија. Според европските стандарди, на еден судија треба да припаѓаат од 20.000 до 30.000 жители.

„Овластен предлагач на Законот за судови кој воедно и го изготвува е Министерството за правда. Судскиот совет на нацрт-предлогот на законот мoже само да даде свои предлози и мислења“, ни изјави претседателот на Судскиот совет Жарко Караџоски, прашан како Советот ќе ја спроведе реформата на намалување на бројот на судови, а со тоа и на бројот на судии и судска администрација.

 

Естонија може да се соочи со кусок на нови судии

 

„Најважната задача на Врховниот суд е да ја хармонизира судската пракса. Но тоа нужно не значи дека судот интервенира во сите случаи.“ – Приит Пикаме, претседател на Врховниот суд на Естонија.

Македонското судство е прегломазно и според други параметри во однос на естонското или според европските стандарди. Во 2017 година за прв пат е констатирано и намалување на бројот на судската служба, но, сепак и бројот од 1935 активно вработени судски службеници во Македонија е далеку поголем од стандардите на Европската Унија.

На кратењето на судските административци строго се спротивставуваат од Синдикатот на управата, судските органи и здруженија на граѓани (УПОЗ). Според нив, намалувањето на работните места за оваа категорија граѓани не е неопходна.

„Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) треба да види што ќе прави со вишокот администрација откако ќе ја направи хоризонталната анализа на вработените. Ние бараме гаранции дека никој од судската администрација нема да го изгуби работното место. И нема потреба да го изгуби“, вели Трпе Деаноски, генерален секретар на УПОЗ.

Естонците, пак,  ништо не оставаат на случајот. Тие пред време размислуваат како да ги зголемат платите на судските службеници, иако нивната егзистенција на никој начин не е загрозена. Но, најголем проблем во моментот за судството во Естонија е неизбежната транзиција на генерации на судии. Во периодот од 2011 до 2017 година, 46 судии заминале во пензија, а во следните три до четири години, барем уште половина од нив ќе го завршат својот работен век.

„Сега предизвик ни е да ги зголемиме платите на вработените во судската администрација. Јасно е дека тие не се конкурентни. Во моментов во Естонија се случува и смена на генерации во судството. Ако се земе предвид дека постојат околу 240 судски канцеларии, тоа е голем предизвик за естонскиот судски систем. Се надевам дека судската функција се’ уште е доволно атрактивна за добрите и искусните правници. Во спротивно, ќе биде мошне комплицирано да се заменат пензионираните судии. До сега немавме успех во изнаоѓањето на добри кандидати за слободните работни места“, ни рече Идрек Парест, судија во Апелацискиот суд во Талин и претседател на Здружението на судии на Естонија.

 

Не може да бидете адвокат на пример и во исто време да одлучувате за разрешување на судии кај кои можеби водите некој предмет. Исто така, судии од пониските судови не може да одлучуваат за разрешување на судија од повисок суд, особено ако истиот тој судија можеби му укинал пресуда“ – Рената Дескоска.

Мешањето во работата на судиите е невообичаено

 

Главните гаранции за независноста на третата власт се обезбедени со Уставот на Република Естонија и со Законот за судови. Според одредбите на овие акти судиите се назначуваат доживотно и можат да бидат отповикани од функцијата само со судска пресуда. Судиите не смеат да извршуваат друга функција, освен ако тоа е за потребите на некое истражување или ако се дел од образовниот процес.

Стриктни прописи ја гарантираат судската независност, а секоја од властите во Естонија игра своја посебна улога во креирањето на политиките на судскиот систем.

Според Уставот, судиите од основните и апелациските судови ги назначува претседателот на државата, а по предлог на Врховниот суд. Судиите на Врховниот суд, пак, ги избира Парламентот, на предлог на претседателот на Врховниот суд, а него пак го бира исто така Парламентот, на предлог на претседателот на државата. Но и покрај ваквиот начин на избор на судиите во Естонија, кој теоретски може да значи големо влијание на политиката, никому не му паѓа на памет да се меша во работата на судиите.

„Судиите не прават ништо посебно за да ја заштитат нивната независност. Се разбира, судиите мора да ги почитуваат принципите на правично судење и однесување во согласност со стандардите што ги очекува општеството. Асоцијацијата на судии има право и должност да реагира во секој случај ако има некаков политички притисок. Здружението на судии може да даде изјава или преку соопштение до јавноста да реагира на евентуални притисоци. Сепак, ,нападите’ од страна на политичарите во Естонија не се многу чести“, вели апелацискиот судија Идрек Парест.

Министерството за правда е вториот орган на извршната власт кој има широка лепеза на надлежности во креирањето на судскиот систем во Естонија. Од предлагањето на законите од судската област, преку пропишувањето на надлежноста на конкретните судови, до финансирањето на судовите од прв и втор степен. Во надлежност на министерството за правда е и мерењето на резултатите за ефективноста на естонското судство.

Механизмот за независност е во рацете на Совет за администрирање на судови, кој во основа мора да ги одобри сите одлуки на министерот за правда во врска со функционирањето на судовите. Во овој Совет судиите се тие што имаат мнозинство.

Македонија, од друга страна, се обидува да го избегне влијанието врз судската власт на сосема поинаков начин. Формирањето на Судскиот совет на Република Македонија требаше да значи и обезбедување на независноста со мала или речиси незабележителна улога на министерството за правда. Но откривањето на прислушуваните разговори го покажа спротивното.

Во оваа смисла во Македонија сега копјата се кршат околу тоа како да се реши персоналниот состав на Судскиот совет, а во насока на обезбедување на целосна независност и одговорност на членовите на советот. Од предложените два концепта со професионализиран и депрофионализиран состав на Судскиот совет, преовлада решението за професионалзиран.

„Не може да бидете адвокат на пример и во исто време да одлучувате за разрешување на судии кај кои можеби водите некој предмет. Исто така, судии од пониските судови не може да одлучуваат за разрешување на судија од повисок суд, особено ако истиот тој судија можеби му укинал пресуда“, вели министерката за правда Рената Дескоска.

 

Сложена процедура за дисциплинска одговорност

 

Во Естонија да се биде судија или да се работи во суд е прашање на чест. Само доверливите и најдобрите меѓу најдобрите можат да бидат дел од судскиот систем. На пример, не можете да бидете избран за судија доколку во приватниот живот сте прогласиле банкрот. Се смета дека ако еден човек не може правилно да располага со својот имот, тогаш уште помалку ќе може да одлучува за тоа како судија.

Судиите може да бидат одговорни за каков било престап како и секој друг жител на Естонија. Но, за да биде процесирана кривична пријава против судија мора да има согласност на мнозинството во Парламентот или на судиите на Врховниот суд или одобрение од Претседателот на државата, во зависност од тоа кој ги избира судиите. Ако еден судија е осуден за кривично дело, се смета дека е отстранет од функцијата од денот кога пресудата ќе стапи на сила.

„Дополнително може да има дисциплинска казна за судија за дисциплински престап, како што е непридржување кон службените должности или ако направи некој непристоен акт и слично. Според Законот за судови, можни дисциплински казни се укор, парична казна во висина до една месечна плата, намалување на платата или, во најлош случај, отстранување од функцијата. Дисциплинските постапки се строго утврдени и нив можат да ги покренат исто така строго утврдени судски органи, но не и министерот за правда. Дисциплинските прашања ги решава Дисциплинскиот совет кој е составен од пет судии од секоја судска инстанца и брои вкупно 15 членови. За да се донесе одлука, претседателот на Дисциплинскиот совет формира комисија од пет члена составена од тројца членови на Дисциплинскиот совет кои се судии на Врховниот суд, еден судија на Судскиот совет и еден судија на првостепен суд. Судија на кого му е изречена дисциплинска казна може да поднесе жалба до Врховниот суд во рок од триесет дена по изрекувањето на решението“, ја објаснува процедурата на утврдување на одговорност на своите колеги, судијата Парест.

Заради превенција на можна одговорност на судиите, но и заради зголемување на ефикасноста, Министерството за правда на Естонија секоја година изготвува листа на предмети постари од три години и ги испраќа до сите судови поединечно.

„За намалување на ризикот од одговорност на судиите во Естонија постои еден превентивен механизам. На крајот од секоја година судиите што имаат предмети постари од една година треба да дадат објаснување зошто не ги решиле и да докажат дека навистина имало причина за нерешавањето. Доколку не го направат тоа се изготвува листа на тие судии која потоа интерно се испраќа до секој судија, кој може да види зошто неговиот колега не одговорил на својата судиска задача. Верувајте, никој не сака да си го прочита своето име на таква листа“, ни изјави Тимо Лиги, ИТ експерт на ОБСЕ кој ја осмислил и спровел целокупната досегашна компјутерска модернизација во естонскиот судски систем

Еден судија во Естонија годишно работи на околу 1.000 предмети. Секој суд има посебни аналитичари-асистенти, чија работа е да го следат текот на предметите.  Доколку три месеци по ред не се случува никаква промена  со предметот, тие веднаш алармираат за тоа.

Ефикасноста наскоро би требало поефикасно да биде врзана и со дисциплинската одговорност на судиите во Македонија. Како нестручно и несовесно вршење на судиската функција заради кое може еден судија да биде разрешен ќе се подразбира ако судијата во две последователни оценувања добие две негативни оценки, ако неовластено издава класифицирани информации за судски предмети, ако без оправдани причини ја одолговлекува постапката или ако не земе во работа предмет, а поради тоа кривичното дело застарело или ако земе предмет во работа кој не поминал низ АКМИС системот за електронска распределба на предметите.

 

Ефикасноста и технологијата

 

Како што и приличи на земја која се нарекува е-земја, во Естонија особено внимание му се придава на развојот на информатичкиот систем во судството. Земјата се смета за една од најпрогресивните нови земји-членки на Европската унија во однос на развојот и употребата на информатичко-комуникациските системи во секторот на правдата.

E-досие како и КИС системот за менаџирање со информации, се всушност столбовите на континуирано модернизирање на постојниот судски систем.  Проектот Е-досие добил специјална награда на наградите во 2014 година, „Европски кристални скали на правдата“.

Е-досието е централен информатички систем кој што обезбедува преглед на различните фази на кривичните, граѓанските, управните и прекршочните постапки, процедурални акти и судско разгледување на сите вклучени страни, вклучувајќи го и граѓанинот и неговите претставници. Тоа претставува интегриран систем за судски постапки кој што овозможува истовремена размена на информации помеѓу различни страни, пишува Реда Молиен, во истражувањето „Мерење на напредокот на судските реформи – Клучни принципи, стандарди и практики“.

„Е-досието штеди време и пари, бидејќи податоците се внесуваат само еднаш и комуникацијата помеѓу страните е електронска. Исто така, е сигурно и безбедно, бидејќи досиејата се наоѓаат во сервер, во кој за да се пристапи потребна е идентификациска картичка и лозинка. Конечно, тоа овозможува целосно дигитален проток на работата за сите страни вклучени во процесот на судската постапка и дава прецизна статистика во полето на правната заштита“, вели Молиен.

Ова досие им овозможува на граѓаните сами да иницираат граѓански, управни, судски и прекршочни постапки, да ги набљудуваат истите, како и да поднесуваат документи кои што треба понатаму да бидат процесирани.

Судскиот информативен систем (КИС) пак, е модерен систем за менаџирање со информации за естонските судови. Тој овозможува регистрација на судски случаи, сослушувања и пресуди, автоматско доделување случаи на судиите, објавување пресуди на службената интернет-страница и собирање метаподатоци.

 

Адвокатите со судот комуницираат само преку е-фајл

Поради избегнување на злоупотреба или одлоговлекување на постапките, на адвокатите не им е дозволено да комуницираат со судовите преку електронска пошта или преку пошта. Тие со судовите комуницираат единствено преку е-фајловите. Ова особено важи во граѓанските предмети.

„Во Естонија на пример, адвокатите не можат во недоглед да одложуваат судски случаи. Тоа е така затоа што тие со судот комуницираат исклучиво преку е-фајловите во кои се слеваат сите потребни документи за случајот што го води еден адвокат. Чувањето на тие документи во овој фајл има рок на траење по што сите документи се бришат и случајот се затвора. Затоа адвокатите мора на време да ги преземат сите потребни активности во врска со предметот што го застапуваат“, објаснува Тимо Лиги, ИТ експерт на ОБСЕ.

 

Тимо Лиги, ИТ експертот на ОБСЕ – автор на сето ова, вели дека естонското судство оди и чекор подалеку.

„Судскиот информативен систем од најновата генерација вклучува и нови класификатори како на пример класификација врз основа на тоа дали еден случај е спорен или не или врз основа на категорија на случај, како што е банкрот или стечај. Има и подкатегории како што е, на пример, покренување постапка за банкрот против фирми. Со помош на КИС системот може да се пребарува и врз основа на тоа во која фаза се наоѓа една постапка, доделување случај, чекање одговор на барање, жалба, решение, одлука, прифаќање на постапка, набљудување на времето што е потрошено за секоја поединечна фаза од случајот“, објаснува Лиги.

 

Нема заостанување на предметите

 

Естонија е второ-рангирана земја во Европа по брзината на решавање на судските предмети, од почеток на една постапка, до конечна правосилна одлука.

Според податоците на Здружението на судии на Естонија во 2017 година, основните судови во работа примиле 30.179 граѓански предмети, 17.071 нови кривични предмети и 7.352 прекршочни предмети. Бројот на решени предмети е речиси истиот со оној на примените.

Како што објаснува судијата Парест бројот на примени и решени предмети во Естонија е релативно стабилен и во таа смисла нема некои значајни подеми или падови.

„Естонскиот судски систем е доста едноставен и многу од административните работи се помалку или повеќе централизирани, како на пример водењето на книговодството, организацијата на администрацијата или пак, прашањата што се однесуваат на катастарот на земјиштето. Втората причина би можела да биде затоа што судскиот систем ги користи добрите практики на повеќе различни модерни техничко-технолошки и компјутерски решенија како што е континуираниот развој на јавниот Е-досие систем, подобрувањето на видео-конференциските врски во текот на работата и слично“, вели судијата Парест.

Ефикасноста на македонските судови е проблем што се провлекува со децении наназад. Честото менување на законите, а со тоа и критериумите за оценување на ефикасноста, не остава простор за реална оценка на овој дел од судската работа. Статистичките податоци во последните пет години покажуваат намалување на разликата на примени и решени предмети, но, сепак бројката на стари предмети и натаму е голема.

Еве го табеларниот приказ во последниот годишен извештај на Судскиот совет:

 

Транспарентноста – чекор во враќањето на довербата во судството

 

Судењата во Естонија исто како и во Македонија се јавни освен ако со закон поинаку не е пропишано. Во принцип, сите пресуди и други одлуки исто така се јавни по влегувањето во сила иако, обично имињата на странките во постапката се изоставени.

Она што не многу ги разликува двете земји, е што во Естонија соработката на судовите со медиумите е ниско ниво, а во Македонија пак, речи си никој не се осмелува да коментира судска пресуда или одлука. Заедничко е тоа што судиите и во двете земји не се баш среќни кога во јавност мора да ја коментираат својата работа.

„Секој што е заинтересиран може да ги прочита пресудите, да ги критикува, да расправа за правичноста на наодите на судот. Но, ако зборуваме за интеракцијата со медиумите, секако има простор за подобрување. Според мое мислење, довербата на судиите во комуникацијата со новинарите е доста ниска и повеќето од судиите не практикуваат да ги коментираат своите одлуки во јавноста. Исто така, постои одредба во Етичкиот кодекс на Естонија, во кој е предвидено дека судијата ќе се воздржи од давање забелешки во врска со постапките што претстојат во иднина. Во исто време се чини дека новинарите не се доволно компетентни за да се справат со големи судски случаи. Во моментов има многу дебати меѓу судиите по ова прашање“, вели судијата Парест.

Судско-медиумскиот совет е замислен како советодавно тело, кое треба да помогне во прв ред, за унапредување на соработката и дијалогот меѓу новинарите и судиите за прашањата од заеднички интерес, како и за зајакнување на транспарентноста и пристапот на јавноста. – Гордана Дувњак

Што се однесува до довербата на јавноста во Естонија на секои три до четири години, министерството за правда прави анкета со која по однапред зададени критериуми се мери довербата во судството. Се прават и анкети на јавното мислење организирани од приватни компании, а Евробарометар е уште една институција која редовно го мери рејтингот на естонските судови.

И додека во Естонија судиите, како што вели Парест „дебатираат“, Македонија може да се пофали со чекор напред во поглед на транспарентноста на судовите во контекст на соработката со медиумите.

Пред седум, осум години судиите беа убедени дека новинарите се непожелни во судниците оти со своето пишување се главните креатори за лошата перцепција во јавноста. Им забележуваа дека свесно или ненамерно заради незнаење на процедурата, шират невистини и ја доведуваат во заблуда јавноста. Новинарите пак, протестираа на затворенoста на судството и на отежнувањето на нивната работа и недобивање на потребните информации, вели новинарката Гордана Дувњак, прва претседателката на новиот Судско-медиумски совет, советодавно тело за унапредување на соработката меѓу новинарите и судиите.

„Судско-медиумскиот совет е замислен како советодавно тело, кое треба да помогне во прв ред, за унапредување на соработката и дијалогот меѓу новинарите и судиите за прашањата од заеднички интерес, како и за зајакнување на транспарентноста и пристапот на јавноста. Судско-медиумски совет нема да го спасува лошиот имиџ на судството по секоја цена, ниту пак, ќе го отапува критичкото острило на новинарството. Напротив, ќе работи на унапредување на соработката и градење односи на соработка, со уважување на спецификите на двете професии“, вели Дувњак.

Судско медиумскиот совет е формиран во средината на септември 2017 година и е прво вакво советодавно тело во Европа. Ваков совет во светот има само уште во САД во државите Масачусетс и Кентаки.

 

 

Новинарскиот текст е изработен како дел од проектот Истражувачко новинарство за поттикнување реформи со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.