Денешна дата
19/04/2019

ИНТЕРВЈУ, РЕНАТА ДЕСКОВСКА: СУДСКИОТ СОВЕТ АЖУРЕН ЗА ДОДАТОЦИ И ПЛАТИ, БАВЕН ЗА ПРЕВЗЕМАЊЕ ОДГОВОРНОСТ

Министерката за правда Рената Десковска вели дека одговорност за тоа што во судството се уште да работат судии чии што имиња беа спомнувани во бомбите треба да се бара во Судскиот совет. „Јас навистина сум непријатно изненадена, или можеби не толку изненадена, но навистина очекував барем Судскиот совет да расправа по тој извештај и да превземе одредени мерки. Со оглед на тоа што реакцијата изостана, а гледано од друга страна, Судскиот совет е многу ажурен кога треба да исплаќаат додатоци и плати, дури во одредени случаи се исплатија плати што не им следуваат, но кога треба да преземат некои одредени чекори на одговорност, таа нивна активност изостана. Ние затоа и одиме во постапка со закон со кој што ќе се воспостават механизми за одговорност на Судскиот совет“, вели Десковска во интервју за Инбокс7.

 

Интервјуираше: Ивана Рамаданова 

 

Инбокс7: 2018 година е веќе зад нас. Како би ја оцениле и колку успеавте вие како ресорен министер да направите некакви промени во поглед на остварувањето на правата на граѓаните и реформите во судството?

Рената Десковска: Во 2018 година го ставивме темелот на она што треба да биде усвоено, направено и донесено во 2019 година. Влеговме во еден сериозен зафат на изработка на законски текстови кои што дел се изработени до крајот на годината, дел од нив се пуштени цо собраниска процедура, дел ги пуштаме сега во овој месец со цел во јуни да добиеме препорака за преговори. После долго време успеавме да го усогласиме Законот за судови со препораките на Венецијанската комисија и да добиеме признание дека законот е целосно во согласност со Европските стандарди. Подготвен е целосно нов закон за Судски совет, изготвивме закон за прекршоци кој практично ги намалува казните а ја воведува опомената како првична пред казнувањето што е голема предност и олеснување и за граѓаните но и за стопанските субјекти, изработивме и пуштивме во процедура закон за управни спорови кој треба да го намали чекањето на граѓаните пред вратите на управното судство и играњето пинг-понг со институциите. Во меѓувреме во Собраните беше донесен законот за извршување со кој што ги намаливме трошоците за извршните постапки, беа донесени и закони со кои судските службеници нема да бидат дискриминирани во однос на судиите, така што поставивме основи за подобар статус на граѓаните во определени постапки и секако очекувам Собраните во најскоро време да ги донесе овие закони во делот на судството но и на законот за спречување на корупција кој што е клучен закон во борбата против корупцијата.

 

Инбокс7: Зошто толку бавно се одвива реформирањето на правосудството и кога граѓаните може да очекуваат ефективна правда?

Рената Десковска: Не би рекла дека бавно се одвива реформирањето, туку се одвиваат сигурно согласно Европските принципи. Ние сакаме секој закон што ќе биде донесен да биде усогласен со стандардите на Европската Унија бидејќи тоа практично е она што ќе не чека во иднина. Но однесувањето на самите судии е тоа што практично треба да следи што граѓаните ќе треба лично да го почувствуваат во текот на судските постапки. Тука најголем ефект очекувам да даде Законот за судски совет каде што веќе се воспоставуваат принципи на одговорност како за членовите на судскиот совет и секако јасни процедури за одговорност на судиите.

 

Инбокс7: Кој го предложи, па го повлече Барањето за измена на Кривичниот Закон член 353 во Собранието?

Рената Десковска: Од Владата немаше предлог за измени на членот 353. Веројатно во Собранието во обид во тоа тело за помирување да најдат што е можно поголем консензус имало разговори и размислувања, но факт е дека Собранието на крај не донесе закон со кој ќе биде изменет тој член.

 

Инбокс7: Дали вашите колеги од Унгарија ви одговорија за екстрадиција на Груевски и дали планирате да ургираме да се забрза неговата екстрадиција?

Рената Десковска: Не, сеуште немаме одговор. Но, чекаме во роковите на пристојност да добиеме известување. Ако не добиеме во одреден временски период ќе реагираме повторно. Но јас веќе во една прилика истакнав дека треба да бидеме свесни дека ова е политичка битка, многу повеќе отколку правна.

 

Инбокс7: Што се случува со барањето за екстрадицијата на Грујовски и Бошковски, двајцата осомничени од Косово за случајот Монструм, како и за Даравелски?

Рената Десковска: Екстрадициите од Грција добивме допис со кој практично ни беше проследена судската пресуда на Врховниот суд на Грција, Ние сега го обновивме барањето, но на тоа сеуште немаме добиено одговор. За Монструм исто така имаме пуштено барање и ургенција, за Даравелски исто барање и ургенции, но немаме добиено одговор ни во едниот ни во другиот случај.

 

Инбокс7: Дали Македонија ќе добие антикорупциска комисија пред претседателските избори?

Рената Десковска: Ние ги правиме сите напори да добие. Дури и законот го пуштивме во Собрание го усогласивме со Европската комисија, потоа отидовме со закон по скратена постапка. Но колку и да имаме желба за донесување на законот кој што ќе биде прифатен, сепак амандмани кои што значат намалување на ингеренциите на државната комисија за спречување на корупција не можеме да прифатиме. Владата усвои со Европско знаме закон, пуштен е и тој во собраниска процедура, правени се напори на разговори со Европската делегација но и со ВМРО ДПМНЕ и доколку не вродат со плод за да се повлечат амандманите кои не се во согласност со стандардите на Европската комисија во тој случај ќе ја тераме процедурата со Европско знаме.

 

Инбокс7: Какво е вашето чувство како граѓанин, во судството се уште да работат судии чии што имиња беа спомнувани во бомбите?

Рената Десковска: Јас навистина сум непријатно изненадена, или можеби не толку изненадена, но навистина очекував барем Судскиот совет да расправа по тој извештај и да превземе одредени мерки. Со оглед на тоа што реакцијата изостана, а гледано од друга страна, Судскиот совет е многу ажурен кога треба да исплаќаат додатоци и плати, дури во одредени случаи се исплатија плати што не им следуваат, но кога треба да преземат некои одредени чекори на одговорност, таа нивна активност изостана. Ние затоа и одиме во постапка со закон со кој што ќе се воспостават механизми за одговорност на Судскиот совет.

 

Инбокс7: Дали некој ќе сноси одговорност за скандалот со местенките во Академијата при избор на судии и обвинители?

Рената Десковска: Јас колку што сум информирана, обвинителството покрена истрага но за резултатите од истрагата не сум информирана, така што очекувам дека тие тоа ќе го спроведат бидејќи таму стануваше збор за фалсификати на документи и тоа е кривично дело.

 

Инбокс7: Обвинителката Вилма Рускоска и шефот на скопското обвинителство посочија дека имаат недостаток на пари и кадар за да можат поефективно да го гонат криминалот. Дали сте запознаена со ваквиот проблем?

Рената Десковска: Еден од приоритетите кои ги има Министерството е воспоставување на истражни центри во обвинителствата со цел да може да има сериозна борба против корупцијата. Одредени огласи за вработување веќе течат во судовите мислам дека и во обвинителствата и тоа е процес кој што треба да го продолжиме затоа што кадровската екипираност е битна, но секако дека е битно и воспотавување на истражните центри бидејќи тие практично ни ја даваат храната за истрагите на јавните обвинители.

 

Инбокс7: На кој начин очекува да бидат процесирани останатите обвиненија на СЈО?

Рената Десковска: Мојот став е дека Специјалното јавно обвинителство беше формирано во еден исклучително тежок период кога Македонија се соочуваше со големи проблеми но таа институција покажа дека може да функционира и во еден таков амбиент. Имајќи во предвид дека ние имаме политичка култура кои што не можеме веднаш да ги искорениме, опасностите кои што постоеја во периодот на воспоставување на Специјалното јавно обвинителство, можат да се јават во било кое време во иднина и од таа причина мислам дека СЈО треба да продолжи да функционира. Во моментот правиме обид да дефинираме надлежности на СЈО кои што ќе бидат трајни и да се направи разграничувањето на надлежноста на јавното обвинителство од организиран криминал со цел и двете да можат да функционираат и да можат да бидат ефективни.