Денешна дата
19/02/2019

ВЛАДИН „ПЛАН ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ“: ЌЕ СЕ НАБАВИ САМО ЕДНА МЕРНА СТАНИЦА, И ТОА ОД ЕВРОПСКИ ФОНДОВИ

  • Само четири од 18 станици за мерење на квалитетот на воздухот функционираат целосно
  • Министерството за животна средина и просторно планирање ќе набави само една нова мерна станица во 2019 година
  • Министерството ги крие документите за сервисирање и калибрирање на мерните инструменти од станиците за квалитетот на воздухот

 

Пишува: Александар Тодески

 

Во услови на високо загадување и голем револт кај граѓаните, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) не презема ништо во врска со мерните станици, кои речиси и да не функционираат. Од 17 фиксни и една мобилна мониторинг станица за квалитетот на воздухот, целосно функционираат само во Куманово, Битола 2 и Тетово а останатите имаат расипани мерни инструменти.

Инбокс7 истражуваше колку нови мерни станици ќе се набават во 2019 година, а одговорот е поразителен – само една.

ИНСТРУМЕНТИТЕ СЕ СЕРВИСИРААТ, АМА МИНИСТЕРСТВОТО НЕ КАЖУВА КОГА И КОЛКУ ЧИНИ

„Инструментите од автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентален воздух се одржуваат, сервисираат и калибрираат по претходно утврден годишен план и во согласност со претходно утврдени стандардни оперативни процедури, прирачникот за квалитет и дополнителни документи“, ни одговорија од министерството на нашето барање.

 

Министерството за животна средина и просторно планирање ги сервисира и калибрира мерните инструменти согласно годишен план, ама документите ги крие во фиока. Побаравме записници и документи за сервисирањето и калибрирањето со цел да видиме колку често во последните 5 години го правеле тоа и колку тоа ги чинело граѓаните, а одговорот што го добивме е незначителен.

„Инструментите од автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентален воздух се одржуваат, сервисираат и калибрираат по претходно утврден годишен план и во согласност со претходно утврдени стандардни оперативни процедури, прирачникот за квалитет и дополнителни документи“, ни одговорија од министерството на нашето барање.

Инаку во моментов, не функционираат 12 инструменти, а нема мерење на 15 инструменти, со што граѓаните немаат целосна слика за тоа што вдишуваат.

Мерни станици нема ниту во најголемиот дел од општините во Македонија, бидејќи и оние 18 кои ги има државата се распоредени во Куманово, Кавадарци, Кочани, Велес, Струмица, Гостивар, Теотово, Лазарополе, Кичево, Битола и скопските општини Центар, Карпош, Гази Баба, како и селото Миладиновци. Мобилната мерна станица во моментов мери загадување во Бутел.

НОВА МЕРНА СТАНИЦА ЌЕ ДОБИЕ САМО ГЕВГЕЛИЈА 

Министерството не планира да набавува нови станици за мерење на квалитетот на воздухот, иако оние кои ги има во Македонија се дотраени. Во 2019 година ќе се набави само една нова мерна станица во Гевгелија, но МЖСПП нема да даде ниту денар за неа, бидејќи ќе биде исплатена преку ИПА фондовите. Ќе се набават и инструменти за мерната станица во Битола 1, исто така со пари од ИПА фондовите.

„Во текот на 2019 година ќе се изврши набавка на една мониторинг станица за квалитет на амбиенталниот воздух која ќе биде поставена на пограничната област Гевгелија и набавка на мерни инструменти за веќе постоечката станица во Битола 1, со средства од проектот „Развој и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот“, финансиран од програмата ИПА – Прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Грција за период 2014-2020 година“, велат од министерството.

Другите инструменти кои се надвор од употреба само се сервисираат, но не се заменуваат, а одговор зошто е тоа така нема.

Загадувањето во општините како Кисела Вода, Чаир, Ѓорче Петров, Шуто Оризари, дел од Аеродром, но и голем број општини во внатрешноста од Македонија никогаш не се знае до која мера е достигнато, бидејќи единствен показател за гушењето на граѓаните е печењето во градите кога се зема воздух и намалената видливост која доаѓа како резултат од загадувањето.

СО 200 ИЛЈАДИ ЕВРА МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ ВО ФУНКЦИЈА СИТЕ МЕРНИ ИНСТРУМЕНТИ

 

Министерството за животна средина и просторно планирање може да ги поправи мерните инструменти во сите мониторинг станици кои ги има во Македонија, а сумата за поправка е околу 200.000 евра. Конкретната сума не ја добивме, исто како што не добивме точна информација колку инструменти се надвор од употреба. За тоа кои функционираат, а кои не, од министерството не упатија самите да си видиме на нивната веб страница на која се покажува нивото на загадување.

„Одредени мерни инструменти кои се инсталирани во мониторинг станиците се надвор од функција. Во секоја од мониторинг станиците има од четири до шест мерни инструменти и сите функционираат независно еден од друг. Мерните инструменти кои се во функција или надвор од функција можете да ги видите на порталот за квалитет на воздухот при МЖСПП, велат од таму.

Според нивната страница, се мери нивото на CO, NO2, O3, PM2.5, PM10 и SO2 честички. Целосно функционираат само оние во Битола 2, Тетово, Куманово и мобилната, а останатите не покажуваат бројки за повеќе честички.

 

На протестот ќе го искажеме револтот и нашата загриженост за состојбата на воздухот. Добредојдени се сите загрижени граѓани, еко активисти, доктори кои ќе можат преку конкретни идеи и предлози да помогнат да се најде решение. Апел до власта и опозицијата да не го користат протестот за свои цели. С. – Кристијан Узунов

СЕ ПРОТЕСТИРА СЕКОЈА ГОДИНА – РЕЗУЛТАТИ НЕМА

Граѓанските активисти секое зимо излегуваат на протести поради големото загадување, но никој не презема конкретни мерки за целосно спречување на гушењето на граѓаните. Решение немаат ниту централната ниту локалните власти, кои на власт дојдоа со флоскулата „Имаме план за чист воздух за сите“.

Мерките кои се преземаат се истите, доколку има два дена по ред загадување од работни обврски се ослободуваат хронично болните, бремените жени, се препорачува постарите лица да не излегуваат од дома, се дава бесплатен јавен превоз, но овој пат со новитет – покачен паркинг во загадените денови со цел да се мотивираат граѓаните да се возат во автобуси наместо со автомобили.

Најновиот протест е закажан од иницијативата „Канцерогено општество“. И тие, како и сите останати иницијативи кои протестираа ќе поднесат барања до властите, на протестот пред Собранието.

„На протестот ќе го искажеме револтот и нашата загриженост за состојбата на воздухот. Добредојдени се сите загрижени граѓани, еко активисти, доктори кои ќе можат преку конкретни идеи и предлози да помогнат да се најде решение. Апел до власта и опозицијата да не го користат протестот за свои цели. Се оградуваме од секакви обиди протестот да се однесе во друг контекст. До сега видовме колку се способни институциите да го решат овој проблем и баш поради тоа ни е потребна масовност, да се избориме сами за почиста средина“, рече Кристијан Узунов, еден од организаторите.

Долгорочниот план кој се нуди наиде на остри критики кај невладиниот сектор. Иако тие имаат мерки и идеи кои би придонеле во борбата со загадувачите, планот е донесен без нивна консултација. Градот Скопје ги лови дивите депонии и загадувачите со дрон, но и тоа не се покажа како некоја голема мерка, бидејќи загадувањето ги руши сите рекорди и не симнува од лидерското место во загадување.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, на прес-конференција во ноември минатата година, го најави „Планот за чист воздух“, за кој рече дека е амбициозен но остварлив. Невладините организации кои присуствуваа на прес конференцијата во владиниот прес-центар изразија задоволство што се работи на оваа тема и побараа надлежните да изнајдат начин и да им помогнат на малите и микро претпријатија да го променат начинот на греење.