Денешна дата
19/04/2019

Национализмот како злоупотреба на патриотските чувства на граѓаните     

Пишува: Денко Малески

 

На љубопитната, возбудената и нетрпелива јавноста, што ќе се случи откога Македонија ќе стане членка на ОН, одговарав дека ќе славиме еден ден, но веќе наредниот, не чека голема работа. Меѓународното признавање на една држава, имено, не е крај, туку почеток на нејзината борба за опстанок.

Нашата држава допрва ја чекаше прилагодување конбарањата на соседите и учење на лекции од светска политика. Ноторна вистина е дека меѓународната политика е една опасна сфера на човековото живеење, место каде што се одлучува за војна и мир и со која доминираат моќта и интересите. Јавноста во Македонија тоа тешко го разбираше.

Дури и мирното раздружување од федерацијата се сметаше за нешто нормално, а не за намерна политика на луѓе непоколебливо определени за мир. Родена во Европа во 1993 година, време на огромен ентузијазам за мировниот план наречен Европска унија, силно поддржана од САД, чија надворешна политика беше да му се даде шанса на она што ќе се роди да ја покаже својата животоспособност, Република Македонија не ја определи точно својата стратегија за опстанок. Се почувствува толку привилегирана од вниманието, разбирањето и помошта што ја добиваше од Запад, што поверува дека не ние туку светот и соседите треба да се прилагоди на нашето постоење.

Така, повикувајќи се на правото на самоопределување, политичарите си измислија идентитет и историја, спротивна на тековите на светската историографија. Формално-правната еднаквост на државите, пак, ја прогласија за фактичка рамноправност, спротивно на реалностите на светската политика.

Таквиот однос кон светот беше производ на „гордиот“ македонски национализам со кој кокетираа политичарите и интелектуалците. Така, повикувајќи се на меѓународното право, и занемарувајќи ги реалностите на светската политика, тие потрошија безмалку триесет години од животите на граѓаните на Македонија. На  што? На сопствен избор и реизбор во оганите на власта и во другите институции на младата држава.

Играта со национализмот, позната како „одбрана на името“, стана исплатливо и ретко кој, на десно и на лево, одолеа да не се офајди на некаков начин – со привилегии, со пари, со функции, со молчење или гласно зборување. Меѓутоа, таквите популистички политики ги онеспособија и граѓаните да мислат за комплицираната сфера на меѓународните односи и да ја препознаваат скриената хиерархија на моќ и на интереси врз кои таа е изградена. Да разберат, на пример, дека во 86 отсто од случаите на конфликт помеѓу две држави, „правдата“ е на посилната страна.

Одејќи по погрешниот пат, свртивме еден огромен временски круг, па денес сме таму каде што бевме во 1991 година. Тогаш, имено,официјалната македонска политика велеше дека нашиот идентитет е словенски и произлегува од јазикот кој го зборуваме, дека не претендираме на културното наследство на античките Македонци, дека немаме територијални претензии кон Грција и дека сме спремни на компромис со кој ќе се направи дистинкција помеѓу нашата нова држава и грчката провинција Македонија.

Да го исполневме поимот „Македонија“ со оваа (словенска) содржина, компромисното име, веројатно, ќе беше само за надвор. Можно е, дури, и да го сочувавме името, ако ги разрешевме претходно и историските недоразбирања со Бугарија. Наместо тоа, нашиот национализам произведе –  „ерга омнес“. Имено, политиката на антиквизација со која беше зафатено целото општество, вклучувајќи го и школскиот систем, ја зголеми цената на компромисот за нас: сега компромисното име мораше да биде и за внатрешна употреба. Тоа беше казната која ја плати едно општество кое што прво кокетираше, а потоа, отворено заигра на картата на национализмот.

Затоа, објективно гледано, со договорот од Преспа ние, практично, ништо не изгубивме од она што го имавме во 1991. Загуби македонскиот национализам кој реши да ги постави темелите на македонскиот идентитет на територија која што Грците ја сметаат за дел од своето културно и историско наследство. Го стори тоа, спротивно на сите прогнози укажуваа дека таквиот идентитетски конфликт нема да се реши без капитулација на едната страна,а никогаш немаше ни трошка сомневање која ќе биде страната. Загуби и народот и државата, заостанувајќи зад останатите во регионот кои се приклучија на НАТО и на ЕУ.

И сега, погледнете ја моќта на национализмот, таа злоупотреба на патриотските чувства на граѓаните кон својата земја. Опозицијата повторно се спрема да заигра на истата карта, против Преспанскиот договор.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.