Денешна дата
19/04/2019

Скопјани се гушат, Скопје се кити: Потрошени рекордни 260.000 евра

Автори: Ѓургица Бојчовска и Љубица Иванова

 

Нова година, Божиќ, Стара Нова година. Крајот на декември и почетокот на јануари традициоинален период на празници. Граѓаните со нетрпение ги очекуваат да се релаксираат, опуштат, едната година да ја испратат со надеж дека наредната ќе биде поуспешна, побериќетна, попросперитетна. Новогодишните празници се посебен предизвик за амбиентот. Градовите се „облекуваат“ во свечено руво. Дедо Мраз, елки, украси, подароци, разнобојни светлечки украси на плоштадите, на улиците. Естрадните уметници амбиентот го прават уште посвечен, повесел.

Нова година е добра можност  и за градоначалниците, да се покажат пред своите граѓани, пред своите избирачи. Некои од нив поскромно некои порасипнички инвестираат во украсување на градските плоштади и на локациите каде што граѓаните и во секојдневието знаат да се задржат како што се кејовите, парковите, градските трговски центри. И додека едни внимаваат на трошењата, во други општини трошоците од година в година растат.

Таков е случајот со град Скопје.  Според објавените информации на Бирото за јавни набавки, за овогодинешното новогодишно украсување градотплатил 15.989.000денари или 260.009евра. Метрополата веќе петта година по ред склучила договор со фирмата Линк Медиа. За украсување во 2016 година се платени 169.111евра, за 2017-а се исплатени 195.150евра, додека за 2018 година 195.140евра.

Фирмата Линк Медиа украсувала и во други општини, меѓу кои Струмица,Валандово, Ѓорче Петров…

Според Бирото за јавни набавки, во Струмица за украсувањето за претстојната 2019 година се потрошени 2.499.240,00 денари или 40.643 евра, како и во изминативе две години. На градскиот плоштад е поставена елка висока 15 метри, а новогодшиниот амбиент е надополнет со светлосни мрежи, небо, топки, елки, солзи, мразулци и други светлосни фигури. Додека за дочек на 2016 година, општината потрошила 2.229.820 денари или околу 36.257 евра. Најмалку е потрошено за дочек на 2015 година – 1.994.200 денари односно околу 32.426 евра.

На нашето барање за тоа колку општината Валандово потрошила за новогодишно украсување и други новогодишни активности во последниве пет години, општина Валандово ни достави податоци дека во 2018 година се потрошени 590.000 денари, скоро двојно повеќе од 2017 година, кога потрошиле 318.000 денари или околу 5.000 евра. Рекорд за претходниве пет години имале во 2014 година кога за украсување потрошиле 938.000 денари или околу 15.000 евра.

Во општината Ѓорче Петров рекордно трошење имале во 2017 година кога потрошиле 1.159.021 денари или 18.850 евра.

Во општина Кавадарци, пак, и во 2016 година и за 2019 година потрошиле приближно исто пари. За 2019 се издвоени скоро 2 милиони денари или околу 30.000 евра. Украсувала фирмата Друштво за траговија и градежништво и услуги  Павер Трејд Дооел- Кавадарци. Во 2016 година, пак, за украсувањето била задолжена ЛИНК Медиа. Оваа фирма украсувала и во општина Карпош, но за 2018 година задолжена била Друштво за градежништво, трговија и услуги „МЕТАЛ ЕЛЕКТРИК Миодраг“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, во вредност од 2.000.000денари.Општина Карпош во периодот од 2015 до 2019 година за Новогодишно украсување вкупно има потрошено  16.316.033денари или 265.335 евра.

И кај општина Гевгелија се сменила фирмата која го украсувала градот. Иако за периодот од 2014-2017 година тендерот го добивала ЛИНК Медиа, во 2018 година украсувањето е доделено на Друштво за трговија,производство и услуги МЕТАЛ-ВАТ-ЕЛ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје. Градот е украсен за нешто над 1 милион денари или поточно 1 милион и 62.000 денари.

Од вкупно 18 општини од кои што добивме одговор, во просек по околу 32.000 евра се трошат за украсување на плоштадите.Но, ваквите информации не можат да се најдат на веб страниците на општините. На нивните официјални веб страни освен по некоја новогодишна честитка од градоначалниците, на други информации не наидовме. Голем број од општините речиси и не ги ажурираат своите веб страни.

Генерален е заклучокот дека во помалите општини се троши помалку.  Во општина Тетово секоја година (од 2015-2018) иста фирма го украсува градот, БОШ-ДД ДООЕЛ експорт-импорт Тетово. За 2018 година предвидени за украсување се 789.000 денари, што е помалку во споредба со претходните години кога се трошеле над 1 милион денари. Во општина Ресен во последните пет години за украсување се трошело од 300-400 илјади денари. И тука секоја година иста фирма го украсувала градот- Трговско друштво за еколошки, комунални и други услуги ЕКО КЛУБ ДООЕЛ Битола. Општина Маврово – Ростуше во последните пет години за украсување потрошила 120.000 денари или 2000 евра, додека општина Шуто Оризари во 2018 година за новогодишно украсување потрошиле 300.000 денариили 5.000 евра. Додека, од општина Гази Баба одговорија дека секоја година во изминатите пет години за новогодишно украсување  трошат по 1 милион денари или околу 16 илјади евра. Скромност покажуваат и од општина Гостивар од каде велат дека за украсување користеле материјали од минатите години. Од општина Зрновци ни одговорија дека во последниве четири години договори за набавка на новогдишни сијалички и светилки имаат склучувано со фирмата „ДОО ФЛОРИС Кочани“, за дочек на 2019 година потрошиле 6.760 денари или околу 110 евра.

Сепак, има и такви општини кои во 2018 година немаат наменето ниту денар за украсување по повод Нова Година. Такви се Кисела Вода, Дебар и Могила. Интересен е примерот со општина Велес од каде велат дека за набавка на сијалички и други светлечки материјали за украсување на градот за дочекот на 2019годинае склучен договор со Друштво за трговија и услуги ЕВРОСТИЛ увоз-извоз ДОО Велес во износ од 299.720 денари или 4.873евра.Oд општината ни објаснија дека годинава средствата кои се предвидени за нови новогодишни украси, календари и други промотивни материјали општината ќе ги донира на 100 социјално најзагрозени семејства од Велес.              Вкупната вредност на донацијата е  300.000 денари. Секое од тие 100 семејства кои се соочуваат со социјални проблеми пред новогодишните празници добило по 3000 денари.
Дел од општините пак, одлучиле годинава да го одврзат ќесето по повод дочекот на Новата година. Општина Прилеп во 2018 година исплатила 830.166 денари или 13 илјади евра, што е за 130 илјади денари повеќе во споредба со 2014 година. Слично и во општина Богданци за 2018 година се потрошени 35.105 денари или околу 500 евра, што е за 17 пати повеќе во споредба со 2014 година. Повеќе е потрошено и во Македонска Каменица, каде за 2018 година се потрошени 883 илјади денари, или околу 15 илјади евра, што е за 244 илјади денари или за околу 4000 евра повеќе во споредба со 2014 година.

Во општина Охрид за 2019 се превидени 1.8 милиони денари или околу 30 илјади евра, што е повеќе од двојно во споредба со 2015 година кога се потрошени 876 илјади денари.

Од општина Аеродром пак, добивме одговор дека нема потрошено парични средства во изминатите пет години за новогодишно украсување.Сепак, кога проверивме во Бирото за јавни набавки дознавме дека бил склучен договор со Друштво за трговија,производство и услуги МЕТАЛ-ВАТ-ЕЛ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје во вредност од 1.935.200денари со вклучен ДДВ или 31.469евра.

 

АНКЕТА: ЗА И ПРОТИВ УКРАСУВАЊЕТО

Нашата анкета покажа декаграѓаните поделени. Едни одобруваат други не. Причината вториве ја гледаат во приоритетите на кои треба да се насочат општинските пари:

Кристијан – Скопје: „Сметам дека е во ред за новогодишно украсување да се одделуват пари од општинскиот буџет. Меѓутоа зависи колку и како се потрошени, односно треба да има листа на приоритети, пример не смее да се деси да немаме буџет во случај на поплава. Но сепак треба да се оддели градот да биде украсен макар колку-толку, бидејќи тоа придонесува за сезоната како и за тоа народот да се социјализира.“

 

Ј.С. – Пехчево:„Општините треба да се погрижат за новогодишниот дух на градовите, но и дел од парите да се наменат за хуманитарни работи.“

 

Б.П. Струмица: „Претерано големи суми се трошат на украсување, а побитни работи не се средени. Пример патиштата од снег не се исчистени, но “битно“ украсено ни е. Прво треба да се доведат до ред важните услови како: патишта, канализација, чиста вода за пиење, а потоа да се одвојуват средства за украсување и новогодишни прослави на плоштади.“


Б.Б.:„Сосема е во ред општините да трошат пари за украсување, бидејќи покрај сите неубави работи околу нас, да се чувствуваме убаво барем за празниците за којашто атмосфера придонесуваат пред сè, новогодишните украси и декорации.“

 

Љ.Д.: „Не оправдувам општината да троши пари за новогодишни прослави. Тие пари треба да се искористат за други намени, да се помогне на секој кој има потреба или пак да се инвестира во нешто што е неопходно за општината.“

 

Нова година е Нова година. Празник за сите.  Настан кој и младите и повозрасните со посебна радост го очекуваат и го пречекуваат. Украсените плоштади, паркови и улици новогодишниот амбиент го прават повесел, а граѓаните порасположени.  Генерално украсувањето сите го одобрруваат и го посакуваат. Но дел од граѓаните со свои аргументи укажуваат дека сепак парите за украсите би можело да се потрошат и за други приоритети, особено во делот на комуналиите во местата каде што тие живеат.  Ете пораки до градоначалниците:  рационално и ефектно да ги насочуваат опоштинските пари согласно потребите и желбите на граѓаните.