Денешна дата
19/02/2019

Етиката и политиката

Пишува: Трифун Костовски

Почитувани мои сограѓани, овој пат темата која сметам дека е од суштествено значење за нашата општествена и политичка култура е местото на етиката во политиката.

Сведочиме на речиси целосно отсуство на политичка и демократска култура. Јавниот дискурс се сведува на ад хоминем напади помеѓу опозицијата и владејачките структури, на неконструктивно критизерство и дискредитации, без никаква критичка аргументација и контра аргументација која може да доведе до можни подобрувања во целосниот општествен наратив. Разбирањето на политиката како место за дискредитации и лични навреди, како и за место каде што е исклучиво важно себе позиционирањето, а не заедничкото добро, за мене е апокалиптично јавање кон разнебитување на нашата држава.

Зарем е толку тешко актерите на политичката сцена, да седнат и како зрели, разумни луѓе со политичка одговорност, да се договорат за стратешките прашања на Република Македонија. Единствен консензус, барем засега, по мене е дека сите политички партии се за влегување во Европска унија и НАТО. Ова го говорат партиите од декларативен аспект, а додека во суштина дејствуваат спротивно на тие декларативно зацртани цели. Различните стратегии и приоди кон прашањето на решавање на суштинските проблеми во Република Македонија, треба да биде предизвик во партиите на власт и за опозицијата. Не прифаќам критики без аргументи, без понуда на алтернативно решавање на проблемот.

Поттикот за оваа колумна е решавањето на името со нашиот јужен сосед. Од самиот почеток на преговорите, пред целата јавност, опозицијата беше поканета да учествува во овие преговори. Парафразирам, но одговорот на опозицијата беше комплетно неразбирлив за мене, велејќи: „ВИЕ СТЕ НА ВЛАСТ, ВИЕ РЕШАВАЈТЕ ГО ПРАШАЊЕТО СО ИМЕТО“.

Сведоци сме дека за потпишување на договорот меѓу Ципрас и Заев, меѓународната заедница одигра суштествена улога, и наместо опозицијата тука да влезе со свои сугестии во решавањето на овој проблем, таа седеше мирно, пасивно и неодговорно настрана и сега на големо го критикува тој договор, којшто по мене значи спас за Република Македонија, а посебно за нас Македонците како нација.

Каде е тука етичката димензија на тие што го критикуваат, а воедно не нудат решение како Македонија во иднина ќе го реши овој проблем со јужниот сосед и ќе влезе во евро-атлантските структури. Доста е со игри кои може да бидат кобни за нашата држава. Доста е со расчеречување на државотворното ткиво меѓу Македонците, Албанците, Србите, Бошњаците, Турците и останатите националности. Сакам да живеам во мир и идните поколенија да имаат перспектива во овој регион, а тоа ќе го постигнеме кога етичноста и личната, но и колективната одговорност ќе бидат впрегнати во меѓусебните политички препукувања.

Предлагам опозицијата да се освести и да пружи рака на храбриот потег од страна на владејачката гарнитура за решавање на прашањето со нашиот јужен сосед и заеднички да ги истуркаат нашите обврски во имплементирањето на овој договор.

Не сум проколнат и не сакам да живеам во проклетија, којашто веќе е одомаќинета како код во нашата национална свест. Токму затоа инсистирам поместување од мртвата точка во која живееме со тоа што нашите политички елити ќе почнат да се донесуваат според етичките кодови на политичката култура, и ќе се застапуваат за заедничките интереси, надминувајќи ги своите мали ситно-интересни модели на дејствување. Политичките актери мораат да знаат кога треба да се надминат себеси и да дејствуваат заедно – тие мораат да дејствуваат заеднички во преговорите коишто ќе претстојат со Европската унија, и да докажат пред граѓаните дека навистина мислат за овој народ. Воедно, мораат со заеднички сили да се посветат на реформите во општеството.

Со мал број исклучоци, меѓу граѓаните на Република Македонија како да престанал да живее ентузијазмот за подобро утре, бидејќи досега од нашето осамостојување до ден денешен, политичките партии и самите политичари од тие партии се идентификувани како изворот на најнегативните појави во едно општество, а тоа е криминалот и корупцијата. Сакам да ги прашам политичарите, дали знаат што значи поимот морал? Тоа не е роба што се купува и продава, тоа е систем на постапки и однесување кон нештата кои ни се доверени од граѓаните на Република Македонија, со цел да направиме исчекор во подобрувањето на животот на граѓаните.

Дозволете ми да им препорачувам на досегашните и идните субјекти, кои ќе се занимаваат со политика, да се наоружаат со оваа почитувана доблест, што се вика политичка култура и етички кодекс кој во себе ќе ги инкорпорира заложбите за заедничко добро.

На крајот сакам да се извинам до некои од актуелните политичари, кои ќе се најдат навредени од мојот став по прашањето на етиката и политиката. Нема никаква тенденциозност во овој текст, туку загриженост за мојата земја и за нејзините граѓани. А доколку во текстот протолкуваат една добра намера, којашто во иднина ќе ја практикуваат, за мене несомнено ќе биде голема сатисфакција.

Не треба да одиме многу далеку, драги сограѓани, туку треба само да си припомниме на нашите блиски предци, на нашите родители, на коишто животот им беше подреден на мотото: „ДВА ПРСТА ОБРАЗ ЗА ГОРДОСТ“.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.