Денешна дата
19/04/2019

Корупција: злоупотреба на доверена моќ за приватна ќар

Пишува: Денко Малески

 

Сите знаеме како завршуваат корупциски афери во едно нормално демократско општество: обвинение, пресуда, затвор или парична казна. Но, никој не знае како завршуваат корупциските афери во едно корумпирано општество. Тоа го напишав кога, со објавените снимки за злоупотребата на власта од страна на високи државни функционери, ме прашаа да го прогнозирам текот на разрешувањето на скандалот. Среќни дека, преку СЈО се покренале обвиненија, не разбиравме тогаш дека обвиненијата се, всушност, најлесниот дел од работата. За тоа какво е навистина општеството, допрва требаше да покаже судскиот систем, па и парламентот и другите органи на власта. Сега, некоја година подоцна, знаеме малку подобро како изгледало справување со корупција во корумпирано општество. Со еден збор: тешко. Правната држава, како и демократијата не можат да се прокламираат, тие се освојуваат со труд и пожртвуваност, со волја да се размрсат тие проклети замрсени балкански клопчиња на лични и државни интереси, кои почнуваат којзнае каде и завршуваат којзнае каде. Храбрите обвинители, имено, се само почетната инстанца на еден подолг судски и политички процес.

Како граѓани, бараме пример за чесно поведение во врвот на државвата, но вртиме глава од корупцијата пред нашиот нос, во средината во која живееме или работиме. Едноставно, одбиваме лично да се инволвираме таму каде што би можеле да повлијаеме. Непријатно ни е да се сукобуваме со луѓе во потрага по вистината и чесноста. Но, таа комбинација на корупција одозгора и онаа одоздола создава едно чувство на гнев, потиштеност и очај дека ни нема спас. Проблемот, пак, и „горе“ и „долу“ е ист: неодговорна моќ која е последица на отсуство на демократски систем на контрола. Тоа е болеста на нашето општество. Не е проблемот во тоа дали ќе победела оваа или онаа политичка ориентација, како што велат младите политичари, употребувајќи шупливи изрази какви што се: центар-лево, центар –десно, конзервативна, социјалдемократска или либерална… Шупливи, затоа што базичниот проблем кај нас е дали моќта, распространета ширум општеството, е под контрола.

Американските татковци- основачи на Републиката, поаѓале од закономерноста дека секој кој располага со доверена моќ да одлучува во име на други луѓе и да располага со туѓи пари е потенцијален криминалец. Околу оваа закономерност ја граделе конструкцијата на својот устав во кој предвиделе цел еден систем на контролни „пречки и рамнотежи“. Врз тоа се темели нивната борба против корупцијата како злоупотреба на доверена моќ за приватна ќар. Додека ние не ја апсолвираме оваа базична лекција на демократијата, контрола преку отчетност, политичарите и натаму ќе „му мачкаат очи“ на народот со изрази кои немаат никакво значење за него. Имено, партиите прво треба да постигнат консензус околу овие демократски вредности и да воспостават заеднички систем на отчетност, контрола и одговорност, кој ќе важи независно од партиската припадност. Само на така нивелираниот терен за политички натпревар, партиите можат да водат битки во интересот на граѓаните и да се нарекуваат со своите имиња.

Чувството да се живее во една од најкорумпираните држави во Европа е страшно и секој има своја приказна за погубните ефекти на корупцијата врз неговиот живот. За образованието и за мојот Правен факултет сум пишувал опстојно. Некни, добивам уште една потврда дека и во спортот не е поинаку. Младиот човек, тренер на група младинци, ми се претстави како поранешен фудбалски репрезентативец на Македонија. Играл во странство па финансиски е во ред. Сега е тренер. Ме замолува да му објаснам како се носат одлуки во високата политика и зошто добрите предлози не минуваат. Следеше еден брз курс по реална политика. Политичарот, му велам, е исправен пред еден „конфликт на интереси“: од една страна е личниот интерес да опстане и да напредува во структурите на власта, од друга страна, да се грижи за интересот на народот кој го избрал. Персоналната структура која што се воспоставува околу некој центар на моќ се луѓе со свои интереси, му велам. Тие интереси, многу често, пресудно влијаат врз одлуките кои се носат. Ако нема систем на отчетност, ако не се знае кој пред кого одговара, му велам, ете плодно тло за корупција. Но, не е се во системот, велам. И доблеста на луѓето е многу важна, зашто без оглед на тоа какви контроли на моќта ќе воспоставиш, отсуството на доблесни луѓе не се надоместува со ништо. Од друга страна, само доблеста не помага затоа што моќта има тенденција да ги корумпира и чесните. Сложено е , заклучуваме обајцата.

Мојот соговорник ми вели дека сето ова што го зборувам за високата политика како структури на моќ и интереси, многу го потсетува на фудбалската федерација на Македонија со чија политика не се согласува и со чии претставници води вербална битка. Вели дека интересот на групата за лична ќар го попречува развојот на фудбалот во Македонија. Која е таа ќар, прашувам. Почна со податокот дека во нашата фудбалска федерација, од ФИФА се слеани десетина милиони евра за развој на фудбалот. Доволна причина за корупција во услови на неконтролирана моќ, помислив. Следеше објаснување како се коруптивно се трошат парите, кој не морам да го повторувам затоа што се е толку познато…

Значи, и „горе“ е исто како и „долу“ прашува реторички. Секаде каде што се злоупотребува доверена моќ за приватна ќар е исто, му велам. Неговиот тренинг и моето џогирање можеа да продолжат.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.