Денешна дата
16/07/2019

СУГАРЕСКИ КОНТРА ОСМАНИ: НЕ ЗНАЕМЕ КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ СКОПЈЕ- БЛАЦЕ

  • Бујар Османи: Автопатот Скопје- Блаце ќе чини над 110 милиони евра
  • Горан Сугарески: Патот сеуште се проектира и не знаеме колку ќе чини
  • Автопатот Скопје- Блаце претендира да биде најскап автопат во Македонија

 

Пишува: Александар Тодески

 

Најавувајќи го почетокот на изградба на автопатот Скопје-Блаце, вицепремиерот Бујар Османи спомена сума од 110 милиони евра која е потребна за реализација на проектот, а ќе биде платена од Европската Унија и Европската банка за обнова и развој. Според него, овој автопат е стратешки проект, бидејќи Косово е најевтин и најсоодветен пазар за Македонија.

Дали тоа би значело дека за еден километар автопат ќе треба да се плати околу 10 милиони евра?

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски во изјава за Инбокс7 вели дека се уште не се знае конкретната сума. Проценетата сума, вели тој е онаа која ја спомена вицепремиерот Османи, но нема да се знае колку точно ќе чини додека не се заврши проектирањето.

„Сумата од 110 милиони евра е кажана според првичните проценки, но за точната сума ќе треба да се почека проектирањето. За првите два километри, проектирањето ќе заврши во наредните денови, а за останатите десет се работи паралелно“, рече Сугарески.

Дали ќе продолжи праксата на зголемување на крајната сума и за автопатот Скопје-Блаце?

Државата ќе учествува со 2 километри пат

 

Автопатот Скопје-Блаце ќе биде реализиран со поддршка од Европската банка за обнова и равзој и Европската Унија. Во изјава за медиумите, вицепремиерот Османи најави дека Јавното претпријатие за државни патишта ќе учествува со изградба на 2 километри од автопатот, од границата со Косово до село Блаце, па со тоа оваа изградба се најавува како кофинансирање од страна на Европската банка и Европската Унија.

Иако за тие два километри проектирањето беше најавено дека ќе заврши до 20ти месецов, министерот за транспорт и врски Сугарески вели дека истото се очекува да заврши деновиве.

Во новиот проект, со кој ќе почне градбата, трасата ќе мора да се помести на некои делови заради индустриски објекти и гробишта. Проектот предвидува четири тунели и девет мостови, но делот кај тунелите исто така ќе се менува, бидејќи како што рече министерот Горан Сугарески, стариот проект не ги исполнувал тековните меѓународни стандарди за вентилација и системи за заштита од пожар и евакуција и потребно е препроектирање.

„Воедно не се извршени детални геотехнички истражувања. Консултантите препорачале тоа да се направи во рамки на новиот проект со оглед на топографијата и бројот на тунели и објекти на автопатот. Ова се предизвици кои годинава ќе се надминат. Првата фаза ќе ја започнеме оваа година, а втората фаза во 2020 “, рече Сугарески на прес конференцијата кога се најавуваше изградбата на автопатот.

Од кабинетот на вицепремиерот Бујар Османи велат дека сумата која тој ја кажа на прес конференцијата не е конечна, а е добиена во разговори со стручни лица.

„Точната сума ќе биде утврдена со проектот кога истиот ќе биде изведен. Со оглед на претходните проекти и процената на изведувачот на проектот кој има направено и увид на теренот, направена е првична проценка за можната вредност на целиот проект од околу 110 милиони евра“, велат од кабинетот.

 

Сите автопати беа потценети досега

Во досегашната македонска историја, изградбата на автопатиштата беше проследена со изјави за пониски суми, кои на крај чинеа многу повеќе.

Случајот Демир Капија- Смоквица, беше најавуван со сума од 210 милиони евра, на крај заврши со

Без разлика кој е инвеститорот, „домашниот есап на пазар не излегуваше“.

Автопатот Штип Миладиновци, на само 5 години пред изградбата беше проценет на 104 милиони евра за 47 километри. Студијата ја правеше реномираната Француска проектантска куќа Луј Берже во 2009 година.

За да само 3 години подоцна поранешниот премиер Никола Груевски, започна да ја гради делницата со кинески кредит, но за 206 милиони евра. Во сеќавање на граѓаните беше разговорот на Груевски со тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески објавен во т.н. бомби на опозицијата.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Миле што правиш?

МЈ: Добро, кај Кире сме на гости.

НГ: Кај кого?

МЈ: Кај Кире, Кире.

НГ: А така. За ова ти колку предлагаш?

МЈ: 5 на целото.

НГ: Што 5 на целото?

МЈ: 5%.

НГ: Не, не у точен износ колку?

МЈ: Па сега зависи колку ќе биде, помеѓу 15 и 18.

НГ: Ти како, како процент збореше таму или како бројка точна?

МЈ: Па…тие го спомнаа тоа, и генерално си е океј вака тоа. 5 на тоа што ќе

помине. Тоа зависи од понудата, ама помеѓу 15 и 18 би се движело, согласно

некои проекции колку би понудиле.

НГ: Ќе ти прифатат толку?

МЈ: Ако му кажиме ќе прифатат, да, не е тоа ништо. И на другото е толку.

НГ: Да не е многу бе, а? Да не се претера, претера новинарството.

МЈ: Еве ја одев по некоја аналогија од претходното, и…и тие спомнаа во една

прилика така. А, три е… три е онака коректно.

НГ: Мхм. Пробај со 15 да видиме како ќе ти реагираат, па ајде, јави се.

МЈ: Океј.

НГ: Ајде.

Извор: http://pelister.org/bombi/NGruevskiD.php?recordID=193

 

Во своето истражување новинарот Влатко Стојановски детално ја разработи трасата и покажа на сите пропусти што ги имаше овој автопат.

За реализација на овој проект, Јавното претпријатие за државни патишта досега повлекло 120 милиони евра од кинескиот кредит од 206 милиони евра предвиден за оваа делница, меѓутоа постојат многу дополнителни и странични трошоци што паѓаат на товар на македонскиот буџет, кои само досега изнесуваат над 20 милиони евра. Без овие трошоци, автопатската траса чини 4,3 милиони евра по километар, што е поскапо од многу автопати што се градат во Европа и во регионот“, се вели во истражувањето објавено во неделникот Фокус.

Всушност, почетните фази на објавување на изградбата на автопатот Скопје-Блаце потсеќаат на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, каде преговарачите не знаеја колку чини точно автопатот по проект.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник 1

Соговорник 1: Ало

МЈ: Согласно проектот…

Соговорник 1: Да?

МЈ: Колку е вашата финална цена?

Соговорник 1: Согласно…за Кичево-Охрид збориме, така?

МЈ: Да.

Соговорник 1: Сега да видиме, сега министре да видиме. Охо. Само секунда. Согласно проектот како што гледам јас, проценка цени е…беше…вака сега, пошто проектот е правен…200…околу 193 милиони, значи збориме евра. 193 милиони евра е по проектот. Меѓутоа поради тоа што се правени проектите од 2002 до 2009, ние удривме некаков коефициент на корекција, да речеме зголемување на цените внатре што се и излегоа негде 267 милиона, некоја ориентација.

МЈ: 267 милиони евра, така?

Соговорник 1: Да, ориентација. Сега министре, ако има нешто случајно испуштено некој премер. Значи сега пак ги проверував предметите, значи овој што е ЗИМ што ги правел се катастрофа. Еве, значи пробавме да ги средиме, утре ќе ни достават, ни кажаа, ни ветија дека ќе ни достават средено све до крај. Ама мислам дека е тука негде се движи, 270 до 280 милиона.

МЈ: 270 милиона, така?

Соговорник 1: Да.“

Извор: http://pelister.org/bombi/MJanakieskiD.php?recordID=191

 

Пред почетокот на автопатот Кичево-Охрид без јасен проект било преговарано за 280 милиони евра, на крајот истиот автопат ќе чини околу 600 милиони евра. Овој објект ќе чини двојно повеќе од првичните најави.

Доколку најавата на Бујар Османи оди по оваа логика да објавува сума без проект може да не чини многу поскапо. Од кабинетот на Османи велат дека немаат доволно информации за тоа дали автопатот ќе биде најскап на Балканот.

„Она што знаеме е дека автопатот минува низ многу сложен терен, за кој ќе биде потребно да се изградат бројни мостови, тунели, засекувања на патот, потпорни ѕидови итн., што со оглед на малата должина, го прави овој автопат скап во релативен сооднос на изграден километар“, велат од таму за Инбокс7.

 

Скапи автопати, згрешени траси и лош квалитет

Претходната власт остави неколку автопати и делници во градба, но власта на прес-конференции тврди дека тие проекти се во целосен хаос. Сепак, автопатот Скопје – Блаце ќе биде втор најскап, бидејќи со доплаќањето, автопатот Кичево-Охрид го надмина во сумата.

Автопатот Миладиновци-Штип е во должина од 47 километри, а сумата за негова изградба е 206 милиони евра, или близу 4.383.000 евра од километар.

Според пишувањата на Фокус, првичната верзија на овој автопат била 104 милиони евра и проектот беше направен од Француската проектантска куќа, „Луи Берже“ во 2009 година. За да неколку години подоцна поранешниот премиер Никола Груевски започне изградба на овој автопат со кинески кредит и со вредност од 206 милиони евра.

За автопатот Кичево-Охрид, кој е со должина од 57 километри беше планирана сума од 374 милиони евра, односно билзу 6.561.400 евра од километар. Сепак, поради огромните грешки на автопатот, но и доцнењето на проектот се додјде до сума од 600 милиони евра, односно речиси 10.526.320 евра од километар, со што е и најскап кој се гради во моментов.

Доколку првичната проценка на власта се покаже точна и автопатот Скопје-Блаце чини 110 милиони евра за 12 километри автопат, тогаш благодарение на грешките на автопатот Кичево-Охрид, овој автопат се најде на второто место за скапи автопати, односно билзу 9.166.670 евра од километар.

Сумата на изградба доаѓа од најниските понуди, па граѓаните реагираат дека набрзо по изградбата на автопатите се појавуваат пукнатини или дупки, со што тие се лоши за возење. Од проектите пак, може да се видат бројни грешки, како оние на автопатот Кичево-Охрид, каде голем дел од трасата беше згрешена и без клучки, но и како оние на автопатот Скопје-Блаце, каде се менува трасата поради гробишта и индустриски објекти.