Денешна дата
23/10/2019

БУНАР БЕЗ ДНО: НОВИТЕ ЗГРАДИ ОД „СКОПЈЕ 2014“ ТРОШАТ НОВИ ПАРИ

  • Кратко време по пуштањето во употреба на зградите од проектот Скопје 2014 започнаа и проблемите на директорите на институциите.
  • Како да го поправат она што е нефункционално или како да ги закрпат дупките од крововите од каде скоро во секој објект тече и се поплавува.
  • Огромните суми што беа потрошени за нивна изградба не застануваат, зашто сега ќе треба да се трошат дополнителни средства за поправки.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Скоро сите објекти од проектот „Скопје 2014“ им создаваат главоболки на директорите на институциите сместени во нив, бидејќи не се знае кој од кој е во полоша состојба. Дали МНТ кој само пет години од пуштањето во употреба е во очајна состојба, дали Архивот, каде имаше поплави па се страхуваше да не се уништи вредната архивска граѓа, дали пак тоа е Кривичниот суд кој е една од поновите згради. Во целиот ред на новите објекти распослани од левата страна на кејот на Вардар директорите мака мачат со поплавите од крововите кои прокиснуваат или пак со депоата во кои навлегуваат подземни води.

Но во сите нив, еден се двои – тоа е Музејот на македонската борба кој засега покажува дека е квалитетно изграден. Вреден околу 17 милиони евра во неговата изградба биле ангажирани фирмите Бетон Штип, Касвер Ц Сретен, Дизајн фантази, Градежен институт Македонија, и Бетон Скопје. Даниела Николова директорката на Музејот вели – нема никаков проблем со објектот, тој е толку квалитетно направен што досега не сме забележале буквално ништо.

 

Кај нас, прво е многу важно што не се поплавуваме, ниту прокиснува кровот, ниту пак ни се појавува вода долу во депоата. Ние сме покрај Вардар но за разлика од објектите на другите институции во овој дел ние такви проблеми немаме. Поради тоа и Министерството за култура ни даде многу книги да ги сместиме тука бидејќи немаме никаква влага и тука се на сигурно. Од она што го видов од документите оваа зграда е најцврсто и најквалитетно направена, се е мермер, и ја имаме таа среќа што се е во ред. Можеби фасадата ќе треба да се чисти и тоа го планираме напролет, но тоа е нормална работа, секоја фасада мора да се одржува“, вели директорката Николова.

 

Влага и излупени ѕидови во позлатениот 40-милионски Театар

 

Но веднаш до Музејот, еден до друг, е објектот на Македонскиот народен театар, кој е во многу лоша состојба. Не се знае од каде веќе тече дури и на помали дождови. Кога ја прашавме директорката Симона Угриновска дали нешто е санирано после поплавата, таа не запраша – за која поплава зборувате – имаше неколку а и после најобичен дожд, не мора да е тоа пороен, тука постојано тече. МНТ за кој се платени 37 милиони евра сега е во очајна состојба. Го посетивме после дождлив ден, и навистина столбовите беа мокри, од многу места се слуша како капе, а веќе ѕидовите на многу места се лупат. Дел од фоајето е прекриено со огромна завеса за да не се гледа од посетителите кои доаѓаат на театарски претстави во каква состојба е. На средината во тој дел поставен е голем сад во кој директно капе од таванот, а струјата е исклучена затоа што постои  опасност поради водата да се случи пожар.

Досега ништо не е преземено за да се санира. Министерството за култура е информирано но додека беше министер Роберт Алаѓозовски се правеа некои напори, односно се формираа работни групи за да ја утврдат штетата и да се процени што треба да се преземе. Но по смената, кога на функцијата дојде Асаф Адеми, некако работите останаа статус-кво“, вели Угриновска. Во изведбата на театарот биле вклучени повеќе градежни фирми меѓу кои МГИ Инвест од Скопје, Бетон Штип, Радо Инженеринг, Конструктор Инженеринг, Страбаг, Вардарградба и други. Објектот на театарот е предаден во употреба на 5 декември 2013 година. Имал период од 5 години гаранција што значи дека е рокот му е веќе изминат. Претходно од Министерството за култура, кој е надлежен за овој објект, не се обратиле до фирмите кои го изведуваа да ги извршат поправките во гарантниот рок и да ги средат недостатоците. Директорката Угриновска вели дека до Министерството доставиле целосен извештај за состојбата на театарот и побарани се средства за целосна реконструкција.

Во слична ситуација кога по обилен дожд течеше од кровот е и Архивот на Република Македонија. Сместен е во зградата заедно со Археолошкиот музеј и Уставниот суд. Оваа зграда за која се потрошени 43 милиони евра е најскапиот објект, а во употреба е пуштен во 2014 година. Изведувачи беа фирмите Бетон Штип и Гранит. Директорот на Археолошки, Горан Санев ни изјави дека тие немаат проблеми бидејќи се наоѓаат на подолните спратови.

Нашите простории се стабилни, суви, без поголеми проблеми. Ние сме во стакло а столбовите се со мермерни оплати и засега немаме оштетувања. Посебно во внатрешниот дел каде што се изложбените поставки немало проблеми ниту од вода ниту од било што, тука има посебни услови и работите ги држиме под контрола. Протекувањето беше од кровот и тогаш ги зафати само просториите на Државниот архив кој се наоѓа во горниот дел од зградата. Сега кровот е во фаза на санација, во почетна фаза се поправките“, вели директорот Санев.

Откако Архивот се пресели во новата зграда, на неколку пати се поплавуваше односно при секој малкј пообилен дожд. Водата прокиснуваше од сите страни, па низ канцелариите и ходниците мораше да се поставуваат кофи, за колку толку да се прибере водата. Додека таванот прокиснувал а подот бил цел во вода,  вработените изнесувале документирани материјали за да ја спасат вредната архивска граѓа. Директорот на Архивот Кирил Петров ни изјави дека во овие  деновие се вршат мерења на кровот на зградата за да не протекува повеќе. Поправката ќе падне на товар на Архивот, бидејќи поминал гарантниот рок.

„Еве сега мериме за да ја утврдиме точната метража за да се знае колку ќе биде потребно да се нанесе непропустлив слој на покривот, за повеќе да не прокиснува. За ден два ќе објавиме понуда за изведување на работите. Беа тука луѓе од една фирма и ја мереа секоја кривина бидејќи мора да се полива секоја кривина со непропустлив слој. Ги правевме овие мерења за да знаеме колку ќе ни треба и врз основа на тоа ќе ги видиме и понудите. За сега не знаеме точно колку ќе треба да потрошиме, тоа ќе биде познато откако ќе заврши понудата“, ни изјави директорот Петров.

Редот на новите зградите покрај кејот на реката Вардар завршува со Министерството за надворешни работи која ја градеше Бетон Скопје. Зградата која чини окколу 20 милиони евра е пуштена во употреба во октомври 2012 година, а само по неколку месеци се јавија проблемите. Подземното депо на зградата пливало во вода поради навлегување на подземни води и многу документи кои таму биле сместени биле уништени од водата.

 

Кривичен размислува што ќе прави со терасата без врата

Зградата на Кривичниот суд вреден 11 милиони евра, а Главен изведувач беше Гранит од Скопје. Балконот останува недостапен!

Една од поновите барокни згради е на Кривичниот суд вреден 11 милиони евра. Главен изведувач беше Гранит од Скопје, а во употреба е пуштен минатата година, откако 5 години стоеше невселен. Судиите и другите вработени уште првично се соочија со неколку недостатоци, но тие а и потоа јавноста најмногу беа изненадени од изградената тераса на еден од катовите на која не може да се излезе бидејќи нема врата. При вселувањето вработените се соочија со затнати цевки на тоалетите со бетон поради што мораше да се уриваат ѕидовите околу цевките, потоа аларм кој постојано се вклучува без причина како и со неисправни лифтови. Претседателот на судот Иван Џолев тогаш изјави дека не можат да ја пронајдат компанијата која е задолжена за сервисот на зградата. Сега за сега од судот велат дека поголемиот дел од проблемите со кои се соочиле на стартот се надминати. Останале проблем уште лифтовите. Заборавија да кажат и дека она што последно време се соочуваат граѓаните е влезната врата. Не може целосно да се отвори, па оние кои сакаат да влезат мораат странично да поминуват, бидејќи таа не може да се отвори повеќе од 20-ина сантиметри.

Во моментов во тек е постапка за ангажирање на соодветна компанија која ќе го одржува лифтот наменет за странки. Сите недостатоци кои се појавија беа надминати во соработка со Министерството за правда кои беа сопственици додека таа не беше предадена на судот. Секако сите останати трошоци за тековно одржување се на сметка на судот за што се изготвуваат и доставуваат финансиски извештаи до Судско-буџетскиот совет. Што се однесува до терасата се размислува како да се прилагоди просторот за таа да стане функционална, за што е потребна дополнителна анализа за да се утврдат трошоците“, велат од судот.

Со долга низа недостатоци е и новата зграда на ЕЛЕМ, која се уште не е завршена. Поставена е на самиот агол спроти Музејот на град Скопје на место каде што порано имаше зеленило и паркче за околните згради, а при неговата изградба мораше да се дислоцира и споменикот на жртвите на земјотресот од 1963 година. Овој објект кој досега ја помина сумата од 17 милиони евра се уште не може да добие употребна дозвола, поради тоа што проектот е неколкупати дополнуван и менуван. Во неговата изградба биле ангажирани Страбаг,  Озон Скопје и Граденешн инстиут. За измените не се барале дозволи па сега е проблем да се добие документација за зградата. Има три подземни нивоа за гаражи, но до нив нема никаков пристап. Засега тој дел е ограден и личи на огромна дупка.

 

Само за палатата Емануел Чучков се успеа да се искористи гаранцијата на зградата

 

Во палатата Емануел Чучков за чија изведба беа потрошени околу 8 милиони евра се сместени Државниот завод за ревизија, Геолошки завод и АД за стопанистување со станбен и деловен простор. Ја граделе Бетон Скопје, Бауер БГ и Промонтинг. Зградата исто така се соочила со протекување на кровот, но за неа е искористен гарантниот рок за поправка.

Генерално немаме регистрирано поголеми недостатоци во смисла на нефункционалност на зградата. Тоа значи дека функционирањето на делот каде се сместени просториите на Државниот завод за ревизија од 3 до 6 кат се одвива нормално. При досегашното тековно функционирање имаше извесни недостатоци најчесто поврзани со сити градежно-занаетчиски поправки кои беа отстранети во рокот што предвидуваше гаранција. На самиот почеток, во февруари 2017 година при силен пороен дожд имаше инцидентно протекување на само една паралела на зградата, што беше веднаш санирано“, велат од ДЗР.