Денешна дата
19/04/2019

ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ИМААТ СОПСТВЕНО, А ТРОШЕЛЕ ПАРИ ЗА ПРИВАТНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ

  • Министерството за внатрешни работи нашло нерегуларности кај агенциите за обезбедување, но не кажуваат какви прекршоци се направени
  • Фирми се регистрираат и работат како агенции за обезбедување уште пред да добијат дозвола од Министерството за внатрешни работи
  • Дел од јавните претпријатија имаат дозвола за сопствено обезбедување, но сепак на тендер барале и фирма за приватно обезбедување

 

Пишува: Александар Тодески

 

Со секое менување на власт, се појавуваат голем број на агенции за обезбедување кои не работат по сите прописи. Тие ретко се под истрага и често се споредуваат со „бели мечки“, бидејќи никој не води постапки за нив. Истражувавме колку од агенциите работат законски, но и каде водат трагите откако Министерството за внатрешни работи почна да ги „чешла“ овие фирми.

 

МВР водеше истрага, ама документите се кријат од јавноста

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во октомври 2017 година најави истрага за сите агенции за обезбедување. Истрагата траела речиси цела година, но исходот од истата се крие далеку од очите на јавноста. Инбокс7 побара од МВР документи за огромната истрага, бидејќи во неа се гледаат бројни нерегуларности. Добивме одговор дека имало фирми кои работат нерегуларно, но не и кои се и дали нешто е преземено за тоа.

Во обемната истрага на министерството се спроведени 3.787 надзори на 2.813 објекти во кои обезбедуваат 826 правни лица за приватно обезбедување, но и правни субјекти кои имаа дозвола за обезбедување за сопствени потреби, а констатирани се 87 прекршоци.

Од Министерството за внатрешни работи кратко ни одговорија дека во овие прекршоци има и мали прекршоци, односно неносење на беџ од страна на членот на обезбедувањето и слично.

Прашавме и дали во агенциите за обезбедување има вработени кои се осудени за кривично дело, што е спротивно од Законот за приватно обезбедување, но одговор до објавување на текстот не добивме.

Откако по втор пат прашавме зошто не ни се дадени документите за истрагата, добивме одговор дека тоа било проверка како и секоја друга која ја врши Министерството за внатрешни работи, па немало некаков конкретен документ за неа.

Помеѓу фирмите кои имаат дозвола за приватно обезбедување – физичко обезбедување, но и за техничко обезбедување е и фирмата Секјуриком Мултисервис, сопственост на бегалецот од правдата Волфганг Гампер, кој заедно со екс-директорот на Службата за општи и заеднички работи, Васе Доневски се обвинети за злоупотреба на службената положба, со што направиле криминал тежок 11 милиони евра. Иако и сопственикот и фримата се под истрага за малверзации при јавни набавки кои го вклучуваат и обезбедувањето на државни објекти, оваа фирма се уште има дозвола од МВР.

 

Агенции работат и без дозвола, никој не ги санкционира

 

Агенциите за обезбедување задолжително треба да поседуваат дозвола која ја издава Министерството за внатрешни работи, а која прво минува низ комисија. Оваа дозвола може да се чека и со месеци, иако во некои случаи тоа не е така.

Сепак, функционираат и голем број агенции кои работат без дозволата, бидејќи истата не ја добиле. Според информациите кои ги добивме од Министерството за внатрешни работи, Македонија брои 362 правни лица кои имаат дозвола, од кои 137 имаат дозвола единствено за сопствено обезбедување.

Ако Министерството за внатрешни работи во својот одговор ни наведе дека проверувале 826 правни лица за обезбедување, а дозвола имаат 362 правни лица, тогаш 464 фирми работат без дозвола, а МВР и покрај проверката не ги вброи во оние во кои нашле прекршоци. Според дополнителниот одговор кој го добивме од Министерството, иако неофицијален, во бројката од 826 правни лица било можно да е една фирма проверувана повеќе пати.

Во јавноста за неполни две години одекнаа имињата на новофирмираните агенции, скопската „Омерта“ и струмичката „Код Секјурити Груп“. И двете јавноста ги поврза со владејачката СДСМ. До денес, ниту една нема добиено дозвола од Министерството за внатрешни работи. Иако без дозвола, „Омерта“ сега ги обезбедува објектите на сендвичарата „Вили“, „Џус бар“ и уште неколку други скопски кафулиња.

Логото на „Омерта“ за прв пат се виде на блузите кои ги носеа обезбедувачите во арената „Филип Втори“ на фудбалскиот меч помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед во Скопје, кога исто така обезбедувале без дозвола од МВР.

Јавноста повеќе за „Омерта“ слушна на 3 ноември 2017 година, кога пред зградата во која живееше смртно беше застрелан младиот фудбалер Мартин Јанушев. Неговиот убиец, кој дента кога го извршил убиството бил пуштен на слободен викенд од истражниот затвор во Шутка, Филип Секуловски – Кобра беше поврзан со оваа агенција и наводниот сопственик на агенцијата во сенка, извесен Раде, чие име било истетовирано и на раката на Секуловски.

Новинарот Сашо Ордановски во една од своите колумни пишуваше токму за оваа агенција, за чие раководство напиша дека рекетирало фирми велејќи дека се блиски до актуелната власт.

За струмичката „Код Секјурити Груп“ пак, излегоа информации дека е отворена од страна на луѓе блиски до премиерот Зоран Заев.

Додека во листата на фирми со дозвола за обезбедување на МВР има 362 агенции, во Комората за приватно обезбедување има одвај 50 членки.

 

Државни институции имаат дозвола за сопствено, но плаќале и друго обезбедување

 

Помеѓу оние фирми кои имаат дозвола за сопствено обезбедување се најдоа и јавни претпријатија, општини, болници, како и ЕЛЕМ и ЕВН. Со тоа, тие имаат право да си вработат свое обезбедување и немаат никаква потреба од дополнително, приватно обезбедување.

Инбокс7 ги проверуваше јавните набавки на овие претпријатија со цел да се провери дали покрај своето, користат и приватно обезбедување. Во оваа група „сопствени обезбедувачи“, сепак имало и такви кои плаќале високи суми – државни пари за дополнително обезбедување од приватните агенции.

Па така, ЕЛЕМ во 2017 година преку 4 јавни набавки го зголемила буџетот на „Секјурити Груп Сервис“ (СГС), фирма која јавноста ја поврзува со Сашо Мијалков за 33.998.440 денари. Во 2016 година пак, ЕЛЕМ на „СГС“ и исплатила 2.830.584 денари за обезбедување.

Психијатриската болница „Скопје“ исто така се најде на листата на оние кои имаат дозвола за сопствено обезбедување. Покрај тоа, на крајот на 2017 година, директорот на болницата потпишува едногодишен договор со фирмата „Ектот Гард“ за обезбедување на лица и имот, договор вреден 3.894.000 денари.

Пари за обезбедување потрошил и здравствениот дом во Прилеп кој како и претходните, се наоѓа на листата со добиена дозвола за сопствено обезбедување. Минатата година, ЈЗУ Здравствен дом Прилеп потпишал договор прво со охридската агенција за обезбедување „Питон“ за 120 илјади денари, а потоа и со прилепската „Секјурити М.К.“.

ЕВН исто така се најде на списокот. Иако со дозвола за сопствено обезбедување, во 2016 година, од ЕВН исплатила 237.475.000 денари на сметката на „СГС“, а во 2017 година, тендерот го добива „Никоб“ за 150.370.500 денари.

 

Фирми за обезбедување се појавуваат и бришат за краток период

 

Иако за дел од новоотворените агенции за обезбедување јавноста се запозна преку низа скандали, има и такви кои тивко се отворија, а така и згаснуваат.

На 18.05.2017 година официјално е основана фирмата „Лупус Тим“, чија дејност е „приватна заштита“. Агенцијата е во сопственост на Ирена Митровска, сопруга на поранешниот телохранител на Никола Груевски, Дејан Митревски – Урко. Таа работи и во фитнес и аеробик клубот „Магнус“, кој е сопственост на здружението на граѓани „Фитнес и аеробик клуб Магнус“ – Скопје. Во документите од Централниот регистар не се наведени основачите на здружението, туку единствено овластеното лице – Дејан Митровски – Урко.

Митровска оваа агенција ја отворила под името „Лупус“, најверојатно бидејќи така се викаше агенцијата на нејзиниот сопруг, кој откако истата ја продаде, сега се вика „НДМ“. Според документите од Централниот регистар, оваа фирма од 30.01.2019 година е во ликвидација.

Во ликвидација е и струмичката агенција „Код Секјурити Груп“, која е основана со непаричен влог од 5.000 евра, а како сопственици се наведени Митко Атанасов, Лазо Котуровиќ, Блаже Маскаловски, Николчо Колев, Никола Сандов, Стево Трајков и Александар Трајков, кој е поранешен член на обезбедувањето на премиерот Зоран Заев.

Оваа агенција, која била основана на 10.07.2018 година, по неполна година и недобиена дозвола за работа исто така има започнато постапка за ликвидација. Како ликвидатор е запишан Александар Тумбов, кој при основањето беше управител на фирмата.

 

Поранешни функционери и обезбедувачи – лидери во бизнисот

Сопствениците на најголемите агенции за обезбедување не и се непознати на јавноста. Јавноста уште во 2012 година од медиумите дозна дека сопственик во сенка на „Секјурити Груп Сервис“ (СГС) се поврзува со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Пред неговата куќа на Водно може да се забележат и куќарки за чувар обележани со „СГС“, но и обезбедување од фирмата. Кога во 2016 година неколку новинарски екипи ја снимаа куќата, пред нивните возила се појавија десетина обезбедувачи од оваа фирма, но и две возила од истата.

Пред да се појави „СГС“, во јавноста најекспонирана беше агенцијата „Лупус“, сопственост на Дејан Митровски – Урко, поранешниот телохранител на Никола Груевски. Откако тој излезе од сопственичката структура, агенцијата се ребрендираше во „МДН Гроуп“, чиј сопственик е Влатко Стефановски – Рамче, поранешен телохранител на Љубчо Георгиевски. Оваа агенција имаше добиено тендер од Град Скопје за чување на спомениците од „Скопје 2014“ во времето кога градоначалник беше Коце Трајановски.

Сопственик на агенцијата за обезбедување „Оса“ е Бранко Бојчевски, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност во времето кога премиер беше Бранко Црвенковски. Агенцијата „Никоб“, која ги доби тендерите за обезбедување на државните објекти пак, е во сопственост на Кирил Лазаров, актуелен претседател на Македонско-бугарската стопанска комора.