Денешна дата
19/02/2019

КОМПРОМИС ИЛИ ПОПУШТАЊЕ?

Пишува: Александар Кржаловски

 

Пред некоја недела, во колумната „Живот со Преспанскиот договор“ напишав дека „Преспанскиот договор е тука да остане“, односно дека со изгласувањето во двата Парламенти тој ќе стапи на сила и ќе почне неговата примена, односно нашиот живот со него, а дека не е многу веројатно дека тој допрва ќе се менува или поништува, без оглед на тоа што сега го зборуваат актуелните опозиции во двете земји (ВМРО-ДПМНЕ и Неа Демократиа). Во меѓувреме, се случи и ратификацијата на договорот во Грчкиот парламент, па останува уште таму да се ратификува и Протоколот за прием на (Северна) Македонија во НАТО, за да почне постепената примена на Договорот, почнувајќи од промената на името, па натаму.

Додека и тоа не се случило, а се најавува за до крајот на оваа недела, сакав да направам уште еден осврт на процесот и постигнувањето на договорот, сега од една временска дистанца и верувам помалку емотивен а повеќе рационален поглед на работите, односно на техниката на преговарање која беше употребена. Или со други зборови – да се обидеме да ја разрешиме дилемата од насловот: дали постигнавме компромис со Грција или попуштивме?

Имено, како некој кој уште пред 20-тина години, за потребите на работата која и ден денес ја работам во МЦМС, се запознав со теоријата на конфликти, методи за нивно препознавање и раководење/менаџирање со нив, техники на преговарање и модели за разрешување на конфликти. Еден од најпознатите, кој исто така и денес го применуваме во секојдневната работа (на пример за оценка на кандидати за вработување), е методот на Томас и Килман, кој зборува за 5 основни начини (или стилови) на справување со конфликти, а кои зависат од две димензии: наметливост (може да се интерпретира и како ниво на само-доверба) и соработливост. Во зависност од комбинациите на овие две димензии, стилови се:

  • Избегнување (ниска само-доверба/наметливост и ниска соработка)
  • Наметнување (висока наметливост, ниска соработка)
  • Компромис (умерена наметливост и соработка)
  • Конфронтирање, или натпреварување (висока наметливост и соработка)
  • Попуштање, или поблаго кажано Прилагодување (ниска наметливост, односно само-доверба и висока соработливост).

Каков беше нашиот (на владејачките структури) однос кон решавањето на конфликтот со Грција низ сите овие години?

Веројатно лесно ќе може да се согласиме дека пристапот на повеќето (или сите) претходни Влади беше избегнување, претпоставувам со логиката дека „времето работи за нас“ и дека порано или подоцна – решението ќе си дојде како што ние го посакувавме, кога разумот и аргументите ќе надвладеат (бидејќи се на наша страна… барем ние сме си убедени во тоа) или на западните пријатели ќе им дојде преку глава инаетењето на Грција на сметка на фундаменталните европски вредности. Но, тоа не се случи и како многу пати низ историјата, членките на ЕУ застанаа на страна на своите (или на една своја членка) интереси, а и нам ни стана јасно дека времето веќе не работи за нас и со понатамошно избегнување, никогаш нема да ги постигнеме стратешките цели за членство во ЕУ и НАТО. Во теоријата, овој стил е добар, кога прашањето е тривијално (во нашиот случај не е), кога решението е многу скапо или кога има голем емотивен набој (за последниве две може да кажеме дека и тоа како се применливи на нашиот случај, па може да се оправда употребата на овој стил). Но, исто така теоријата вели, дека долгорочно – ова не е добра стратегија.

Веројатно ќе се согласиме и дека однесувањето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, особено по НАТО Самитот во Букурешт во 2008 година и спроведувањето на проектот Скопје 2014 (кој некои го нарекуваа антиквизација), може да се класифицира во стилот наметнување. Односно, и натаму немаше волја за поголема соработка со другата страна (иако во тоа време имаше најмногу средби меѓу Премиерите), што се потврди и со покренувањето на тужбата во Хаг. Ова е стил кој се применува од „посилните“ во конфликтот, односно води кон “win-lose” ситуација, а за одржливо решение е применлив само во случаи на итност (пр. природни катастрофи), кога брзата реакција е неопходна и е поддржана од сите. Ние секако не бевме посилните во споров (иако правдата беше на наша страна и победивме во судот во Хаг), така што е проблематична употребата на овој стил.

Актуелната Влада пак, и тука можеме сите да се согласиме, покажа многу поголема соработливост со грчката страна и волја за решавање на конфликтот. Значи, употреби некој од преостанатите три стилови (компромис, натпревар или попуштање). Во јавноста, па и меѓу раководството кое преговараше, најчесто се употребуваше терминот компромис. Според некои, се постигна и разумен компромис. Сепак, не знам дали и самите преговарачи би се согласиле, ако се знае дека во теоријата ова е всушност „lose-lose“ ситуацијата, односно дека и двете страни не ги постигнале своите цели, а можеби е и баш вака како што изјави и германската канцеларка Меркел „двете страни да се подеднакво незадоволни“.

Но, мене ми се чини дека повеќе се работи за една од двете преостанати техники/стилови (натпревар или попуштање), двете карактеризирани со висок степен на соработка, но многу различни во однос на наметливоста/само-довербата (англискиот термин е assertiveness).

Во текот на преговорите (ми) се чинеше дека се водиме од пристапот за „натпреварување“ (некаде се преведува и како соработка), каде се оди на т.н. “win-win” сценарио, со висока само-доверба за сопствените позиции нои и висока почит за другата страна, па со менување на погледот за целата основа на спорот (парадигмата) и барање креативни/иновативни решенија, се доаѓа до подобар (и поприфатлив) резултат за сите. Ова всушност често беше споменувано од учесниците во преговорите и се чинеше дека натаму одат работите.

Сепак, според крајниот резултат, се чини дека на крајот на процесот, сепак попуштивме! Или – се прилагодивме, сеедно. Дали заради притисокот на времето (претстојните самити на ЕУ и НАТО кон крајот на јуни и во јули 2018 година), покрај прифаќањето на промената на името на државата (кое беше очекувано за да има било каков договор, па би рекол и речиси мнозински прифатливо меѓу граѓаните), нашата страна се согласи и на промена на Уставот и на ерга-омнес употреба на новото име – спротивно и на своите ставови од времето на изборите. Ова е решение кое е на сметка на сопствените позиции/цели/ставови, но во теоријата се препорачува да се применува кога е битно и задржувањето на добар однос со другата страна, па можеби ова била и причина повеќе за нашите преговарачи.

Како и другите стилови, и овој сам по себе не е лош (не за џабе е и нашата мудра мисла „попаметниот попушта“) – јас на пример најчесто го применувам овој стил, особено кога колегите бараат поголема плата.

Но, да го завршам текстов со прашањето од насловот (или малку проширено) –каков стил на преговарање примени оваа Влада во разрешувањето на конфликтот со Грција: а) компромис; б) натпреварување/соработка (win-win); б) попуштање?

Кажете вие!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.