Денешна дата
21/07/2019

Каков претседател заслужуваме

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели, во предвечерието на претседателските избори, несомнено е дека кај секој од нас се јавува чувството на незивесност и дилеми во однос на можните критериуми по кои ќе бидат кандидирани но и бирани идните личности кои ќе требаат да застанат на челото на државата бранејќи ја институцијата претседател на Република Македонија.

Во јавноста веќе се слушаат руморења и спекулации за одредени кандидатури, а некоивеќе се и најавени, особено во опозиционата партија, а кои за мене претставуваат вчудоневиденост, па дури и дрскоста – дали е можно луѓе со таков профил на личност да бидат на челото на оваа држава.

Не би сакал да бидам поклоник на една фраза од некогашната рекламна кампања на Скопска пиварница: „Скопско и сѐ е можно“. Македонија се наоѓа во исклучително фрагилен и сериозно предизвикувачки пат кон Евроатланското интегрирање. Затоа, со право ќе очекуваме на овие највисоки позиции да доаѓаат луѓе со најврвни перформанси по своето знаење, умеење, вештини за државнички политики кои, пред сѐ, со својот пример ќе треба да придонесат за имплементирање на сите овие вредности кои ги промовира современиот свет.

Во нашата политичка реалност, од досегашното искуство, владее принципот по кој секоја партија кандидира свој кандидат, кој треба да биде нејзин послушник и извршител. Во изминативе децении сведочевме дека таквиот начин на поставување на послушнички ориентирани луѓе беше погубно за државата и ја девалвираше самата функција Претседател во непочитувана од голем број граѓани. Најавени се во македонскиот политички блок конкурси во опозиционата партија во кои се бара кандидат на Претседател, а од страна на владеачаката гарнитура сведочиме на потрага по кандидат кој треба да ги задоволи пред сѐ партиските потреби.

Дали на Македонија ѝ е воопшто потребна функцијата Претседател кој ќе биде партиски слуга, а не закрилник на сите граѓани на државата? Се разбира не, не почитувани мои сограѓани. Не, од проста причина, бидејќи институцијата претседател на Република Македонија е интегрален дел од Уставот. Оваа институција има свои права и ингеренции согласно уставот и претставува дел од системот на функционалноста на државата.

Свесен сум дека на политичката сцена во Македонија во која доминира етничкиот предзнак, се чувствува мала фаличност во однос на критериумите според кои треба да се избере првиот човек на државата. За мене, како и за многумина мои сограѓани кои си ја сакаат државата, институцијата

Претседател треба да биде обединувачка за сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка и верска припадност.

Прашувам, дали партиските лидери се свесни за спектарот на личносни квалитети кои треба да ги поседува идниот Претседател и дали ќе успеат да избегаат од прангите на сопствената партија и се надминат себе си. Со право граѓаните се резигнирани од целокупната ситуација чувствувам дека имаат намера да ги бојкотираат изборите.

Сакам да завршам со најискрена порака до актерите на политичката сцена во Македонија -да тргаат по вистински личности со политичка култура, морален кредибилитет и државнички капацитет, за да можеме да имаме суштински натпревар помеѓу кандидатите кои ќе требаат пред македонската јавност да ја истакнат својата јасна платформа за идните патеки на Македонија. Не ја исклучувам и можноста за заедничко кафе-пиење на сите актери на кое ќе се согласат по едно основно прашање – ни треба независна личност, со автономија и интегиртет на функцијата претседател на Република Македонија.

Посакувам да видам кандидат кој можеби е припадник на одредена партија, меѓутоа кој во себе ќе мора да расчисти со таа партиска припадност, посветувајќи се темелито на интересите на сите граѓани во Република Македонија и на заедничките, а не поединечните афинитети.

Многумина ќе кажат дека сум голем оптимист во однос на ова прашање и можноста да настане ваква промена во општествениот наратив, која ќе ја потврди демокртската клима и која ќе укаже дека сме се ослободиле од султанскиот партиски концепт, во кој партијата е поважна од државата. Да почитувани читатели, јас сум оптимист и верувам во моите ставови и принципи за тоа како треба да биде избран идниот Претседател. Ако не во овој циклус, во кој повторно ќе мораме да учиме што е демократија, убеден сум дека во некој од наредните циклуси и тоа ќе се случи.

Се разбира, ваше е правото да имате свои индивидуални ставови по ова прашање. Јас само го споделив мојот став со вас, а вие размислете.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.