Денешна дата
19/02/2019

ПРЕДВРЕМЕНИТЕ ИЗБОРИ ВИСАТ НА КОНЕЦ: КОЈ БАРА И ШТО ДОБИВА ОД НИВ?

  • По три недели откако ВМРО-ДПМНЕ повика на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, СДСМ се уште не се изјаснува.
  • Кои се калкулациите и политичката логика, зошто партијата која бележи послаб политички рејтинг инсистира на избори, а партијата со повисок рејтинг се уште се двоуми дали да ги прифати.
  • Кој добива а кој губи во овие избори?

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Зошто се уште се калкулира со предвремените парламентарни избори? Кој добива а кој губи од нив и зошто партиите би фрлиле сè на една карта со предвремените избори?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред неполн месец ја повика СДСМ на одмерување на силите, а откако времето измина за изборите да се одржат со претседателските според Пржинскиот договор, односно со техничка влада од 100 дена, опозицијата минатата недела до Собранието достави иницијатива за распуштање на Собранието.  Но, се чини дека до решавањето на дилемите за одржувањето на предвремените избори јавноста нема уште многу да чека. Од СДСМ велат дека до крајот на неделава ќе биде познат ставот на партијата за предвремените избори. Но што и да одлучат,  в петок на 8 февруари претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ги распише претседателските избори и воедно напомна дека веќе е доцна за предвремени избори заедно со претседателските поради условите од Пржинската влада. Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве излегоа со обвинување дека СДСМ планира да ги фалсификува претседателските избори, што во јавноста се протолкува дека би можело опозициската партија да си создава алиби доколку увиди дека нема да победи, да повика на бојкот во вториот круг и со тоа да го урне изборот на новиот шеф на државата.

 

Досега требаше да имаме веќе став дали ќе има предвремени избори или не. Но СДСМ мислам дека сега калкулира за да обезбеди ВМРО-ДПМНЕ да не ги бојкотира изборите, бидејќи со тоа ќе се загрози и цензусот. – Никола Дујовски

СДСМ тактизира – нема одговор на повикот за предвремени

 

Политичките аналитичари со различни гледања во однос на прашањето зошто се уште нема одлука за предвремените избори. Професорот Никола Дујовски вели дека СДСМ е многу внимателна со овие претседателски избори, затоа што за нив тие се многу значајни.

„Досега требаше да имаме веќе став дали ќе има предвремени избори или не. Но СДСМ мислам дека сега калкулира за да обезбеди ВМРО-ДПМНЕ да не ги бојкотира изборите, бидејќи со тоа ќе се загрози и цензусот. Сметам дека тие се крајно внимателно бидејќи за нив е многу важен изборот на идниот претседател, бидејќи ќе и биде потребен континуитет и поддршка за сите одлуки што натаму ќе следат од идниот претседател, и оттука таа е многу внимателна и за обезбедување на потребниот цензус за изборот за претседател“, вели Дујовски.

Александар Кржаловски, пак од Македонскиот центар за меѓународна соработка оценува дека по изгласувањето на уставните измени ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа им ја наруши позицијата на СДСМ и затоа логично е да бараат избори. Од друга страна, додава Кржаловски, СДСМ и Зоран Заев изјавуваат дека Владата треба да се фокусира на реформите кои се услов за преговори со ЕУ, што според него е изговор.

И минатата година се говореше дека ќе има датум, но сепак такво нешто нема. Тоа треба да се случи во јуни годинава, а со оглед дека зависи од реформите има голема согласност дека не сме направиле досега ништо. Од 5-те области, само нешто во безбедноста има напредок со формирањето на агенцијата ОТА и сега набрзина и со многу пропусти што се формира Антикорупциската комисија и за нив тоа се аргументи да нема избори“, вели Кржаловски.

 

Заради инсистирањето на Европската унија, мислам дека сепак ќе се одлучи да не одат на предвремени избори туку да го истераат целиот мандат. Во тој случај постоеја шпекулации дека би можел во вториот круг да ги бојкотира избори, но сметам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да повика на бојкот ниту на првиот ниту на вториот круг на претседателските избори.- Александар Кржаловски

Кој што добива и што губи со предвремените избори?

 

Калкулациите на политичките партии сепак се различни. Дали на СДСМ повеќе му одговара да добие неколку пратеници повеќе а да ги изгуби 8-те независни кои произлегоа од ВМРО-ДПМНЕ, или пак на опозициската партија на Мицкоски да добие помал број пратеници од сегашните, но да има компактна пратеничка група.

Мислам дека на Заев повеќе нема да му биде потребно двотретинско мнозинство бидејќи ќе нема такви посебни закони, а за стабилно мнозинство во парламентот ќе му бидат доволни и 61 пратеник, што значи дека тој може само да добие од предвремените избори. Но, ако се одлучат на избори, тоа не оди со обврските што треба да се исполнат и со добивањето датум за преговори. Мицкоски сака нови избори за да има контрола на сите пратеници и покрај тоа што знае дека ќе добие помалку од сегашните. Сега има 39 кои не му се сигурни и кои со едното око се во Будимпешта и тој знае дека нив не може да ги контролира“, вели Дујовски.

Кржаловски не смета дека СДСМ би можела да ги добие изборите иако последните мерења на рејтингот покажуваат водство на владејачката партија. Според него тоа е резултат што голем дел Албанци се изјасниле дека го поддржуваат Зоран Заев, но, како што вели, кога ќе дојдат избори тие по правило си гласаат за албански политички партии. Сигурен е дека сепак СДСМ ќе донесе одлука да не оди на предвремени избори.

Заради инсистирањето на Европската унија, мислам дека сепак ќе се одлучи да не одат на предвремени избори туку да го истераат целиот мандат. Во тој случај постоеја шпекулации дека би можел во вториот круг да ги бојкотира избори, но сметам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да повика на бојкот ниту на првиот ниту на вториот круг на претседателските избори. Тие најавија дека на конвенција ќе го изберат кандидатот и не верувам дека после тоа ќе се повлечат од трката. Мислам дека СДСМ дотогаш нема да се изјасни околу ставот за предвремените избори“, оценува Кржаловски.