Денешна дата
19/02/2019
фото: Фактор

Затворска полиција: Ниски плати, голема корупција

 

  • Затворската полиција нема добиено нови униформи повеќе од 10 години
  • Припадниците внесуваат телефони за 200 до 300 евра на затворениците
  • Возилата со кои се вршат спроводи често се неисправни, нерегистрирани и со стари гуми

 

Пишува: Александар Тодески

 

Иако треба да биде едно од најплатените работни места, затворската полиција е останата во минатиот век. Со униформи позајмени од колегите од МВР, бидејќи нивните се стари повеќе од 10 години и уништени, возила од времето на Југославија и оружје кое не се знае дали е функционално, работат припадниците на затворската полиција. Бројот на припадници е драматично мал, а тие се оставени да ги работат своите задачи по секоја цена.

 

 

Испративме повеќе прашања се упативме до Министерството за правда, надлежно за затворската полиција, но до објавување на текстот одговори не добивме.

 

Затворската полиција работи со малку луѓе, а многу затвореници

 

Припадниците на оваа полиција работат со услови кои се далеку од оние кои ги ужива полицијата при Министерството за внатрешни работи. Нивните права се безмалку минимални, а работата која се бара да ја завршат е често ризична и голема. Наспроти препораките најголемите реформи да бидат во правдата, овој дел од таа целосна слика добива речиси никаков третман, па затоа има огромен број на вработени кои си заминуваат, а нови припадници има се помалку.

Нашиот извор вели дека се уште нема колективен договор за затворската полиција. Тој додава дека опремата е далеку од соодветна а условите се мизерни.

„Нема обуки за извршување на работните задачи, се вработуваат партиски војници без да им се направат обуки, најчесто оние кои се примени не се соодветни за работната задача и стремат кон повисоки функции на кои не можат да одговорат, но имаат помош од партиите од кои доаѓаат“, вели изворот.

Платите кои ги земаат припадниците изнесуваат максимум 25.000 денари, пресметано со ноќни смени и дежурства, а возилата со кои се извршуваат спроводи често се неисправни, нерегистрирани, со стари гуми и неодржувани. Често се случува кога се оди на спроводи да има повеќе затвореници од затворска полиција.

Апсењето на криминалец или криминална група ја дава поголемата слика за тоа во какви услови работат припадниците на затворската полиција. Ако за група криминалци се предвидени голем број на специјалци при апсење, во притвор сликата е поинаква – двајца припадници на затворската полиција работат со по 50 до 100 криминалци и тоа без никаква опрема зошто не смеат да ја носат ниту палката која им е потребна за сопствена заштита и доколку е потребно, за употреба на сила, од причина што ги вознемирувало притворените лица.

Униформи се ветуваат, ама се уште ги нема

 

Затворската полиција веќе 10 години нема добиено униформи. Припадниците се позајмуваат од своите колеги од МВР, бидејќи нивните одамна се искинати и неупотребливи.

Според претставникот на Независниот синдикат на затворската полиција (НЗСП), Горан Ристески, пред година ипол добиле ветување за униформи, но истите не ги добиле.

„Пред година ипол ни ветија дека ќе ни дадат униформи и техничка опрема но се уште немаме ништо од причини што правилникот за униформа не беше изготвен и немаше забелешки што ги барале изработувачите за тој тип на униформи кои ние треба да ги носиме“, рече Ристески.

Правилникот пак, кој се подготвува толку долго треба да содржи се, од број кој го носи припадникот, па се до тежината на копчињата и патентите.

 

Политиката владее во затворските лавиринти

Политиката како и речиси во секој сектор, владее и во затворите. Секое вработување во дирекциите, во затворската полиција, но и секое унапредување, како што раскажува нашиот извор, се прави преку политичките партии.

„Директорите си поставуваат нивни кадри кои на почеток секогаш функционираат, а потоа канцелариите им стануваат партиски штабови. Има голем број на припадници на затворската полиција кои се на боледување затоа што имаат притисок и мобинг на овој или оној начин затоа што се од спротивна партија или се неопределени. Политиката е премногу вмешана, па за се се ургира“, раскажува нашиот извор.

Затворската полиција брои повеќе синдикати – секој се појавува во зависност од тоа кој е на власт. Иако јавно се зборува, за потребите на затворската полиција што сите ги знаат како чувари не е ништо преземено, ниту за нивните услови, ниту пак за платата и се што им е потребно.

За тоа кој ќе излезе како надворешна група (затвореници кои добиваат дозвола преку целиот ден да работат надвор од затворите, а да се враќаат во келија за преспивање) одлучува управата за извршување на санцкии, исто како и за тоа кој каков третман ќе добие во затворот. Нашиот извор вели дека и за тоа најчесто се одлучува по партиска линија.

Ристески од НЗСП не отфрла дека политиката меша прсти во унапредувањето. Тој смета дека доколку бодувањето се прави по образование и по стручност, политиката нема да може да се вмешува во онаа мера во која сега се меша.

 

Закани од фамилии и пријатели на затвореници има, заштита нема

 

Проблемите на припадниците на затворската полиција не доаѓаат само од внатре – тие се оставени на милост и немилост надвор од работното место. Често се мета на закани и проблеми надвор од работното време од фамилии и пријатели на притворени или осудени лица кои се на издржување на казна затвор само затоа што си ја извршувале работата за која се платени, односно одржуваат ред и дисциплина.

Кога ќе наидат на закани или проблеми со поранешен затвореник или фамилијата на актуелен затвореник, тие немаат заштита, а ако пријават проблеми и закани, никој не презема ништо за тоа. Според нашиот извор, тоа е една од причините за што не секогаш затворската полиција работи професионално.

Според Ристески, овој проблем може да се реши преку формирање на ново одделение кое ќе врши повеќе работи.

„Имаме побарано да се формира посебно одделение кое ќе врши претрес, спровод по било кој однос, како и обезбедување на установи каде се сместени затворените или притворените лица, болница или слично“, вели тој.

 

Корупција во затворската полиција – се внесуваат телефони, дрога и алкохол

 

Во затворите владее корупцијата бидејќи затвроската полиција го дозволува тоа. Сепак, факт е дека не сите припадници на затворската полиција се корумпирани. Нашиот извор вели дека најчесто оправдување на оние кои се корумпирани и вршат злоупотреба на службената должност е ниската плата и високиот животен стандард.

Затворот „Идризово“ е „рај“ за телефони, дрога и алкохол, но истото може да се најде и во другите затвори низ Македонија. Според изворот на Инбокс7, транспорт на телефон од фамилијата до затвореникот преку припадник на затворската полиција чини од 200 до 300 евра, бидејќи истиот се внесува и покрај детекторот за метал. Дрогата и алкохолот се поевтини за внесување – нивната цена се движи од 50 до 150 евра.

За корупцијата разговаравме и со претставникот на НСЗП, Горан Ристески, кој се огради од корупцијата кај затворската полиција и додаде дека пенкалото е во рацете на надредените, а не во рацете на затворската полиција.

„Не би навлегувал во тоа дали имало корумпирани затворски полицајци, но ќе речам друго, колку пари – толку музика. Ако се добро платени ќе работат подобро и ќе има помалку корупција. Ќе се оградам од тоа, при претреси имало многу недозволени работи, но не значи дека се пропустите од нашата страна. И да има корупција, тоа е поради ниската плата“, вели Ристески.