Денешна дата
16/07/2019

Приватно обезбедување: Фантомско задржување на луѓе и работа без легитимации

Утврдени 73 прекршоци за неносење на легитимацијата за обезбедување

Се употребувале недозволиви оперативни методи и средства на приватно обезбедување

Имало лица кои не ги исполнувале критериумите за приватно обезбедување, а биле вработувани и без легитимација од Комората за приватно обезбедување

 

Пишува: Александар Тодески

 

Лица од приватно обезбедување задржувале луѓе без при тоа да рапортираат за тоа. Некои не носат легитимации, ниту пак ги покажуваат кога преземаат акции. Ова е дел од содржината во обемната истрага на Министерството за внатрешни работи која беше доставена до „ИНБОКС7“, на наше барање. „ИНБОКС7“ претходно пишуваше за пропусти во однос на приватното обезбедување, како и тоа дека фирми пружаат услуги за обезбедување, а немаат дозволи за тоа.

 

 

Какви прекршоци правеле агенциите за обезбедување

 

Министерството за внатрешни работи констатирало 87 прекршоци кај агенциите за обезбедување кои имаат дозвола за приватно обезбедување. Една од нерегуларностите кои се пронајдени е применување на недозволени оперативни методи и средства на приватно обезбедување. Најдени се три вакви прекршоци, кои согласно член 73 став 2, на правното лице ќе му се изрече прекршочна санкција забрана на вршење на дејност приватно обезбедување во траење од шест месеци до пет години, но не и целосна забрана за вршење на дејноста.

Во Комората за приватно обезбедување прашавме дали на агенциите кои вршеле недозволени оперативни методи за приватно обезбедување ќе им се одземе лиценцата, бидејќи тие согласно Законот ја даваат, но на тоа добивме само краток одговор дека не е во нивна надлежност.

Еден прекршок е најден според член 75 став 1, односно вработениот во рок од 24 часа не поднел писмен извештај за задржувањето, односно употребата на средства за присилба, што пак е предвидено во член 57 став 1, со што вработениот е казнет со глоба од 600 до 700 евра.

Овој член предвидува дека за извршеното задржување и за употребата на средства за присилба работникот за обезбедување кој ги презел наведените дејствија е должен да состави писмен извештај за истите, кој го доставува до Министерството, на подрачјето каде што се извршени дејствијата најдоцна во рок од 24 часа од моментот на престанување на вршење на дејствието, како и за истото да го извести правното лице во кое е вработен во рок од еден час од моментот на престанување на вршење на дејствието.

При задржувањето и пред да поднесе записник, вработениот мора веднаш да го информира МВР. Тој смее да употреби сила, што го вклучува и огненото оружје, само доколку е приморан, но истото мора да го има во записникот.

Најголемиот број од прекршоците се за неносење на легитимацијата за обезбедување, односно 73 прекршоци. Според членот 75 по кој е казниво ова дело, сумата изнесува од 600 до 700 евра за физичкото лице кое не носи легитимација, а ја врши својата работна задача.

Три прекршоци се откриени според член 72, став 1, точка 3, 4 и 7, односно за неодземање на легитимацијата за обезбедување, односно недоставување за поништување до Комората во пропишаниот рок за неисполнување на еден од условите утврдени членот 25 став (2) од овој закон од страна на работникот за обезбедување и не ја огласи легитимацијата за неважечка. Според информациите на Инбокс7, лицата за кои трите агенции за обезбедување добиле казна од 900 до 1.000 евра имале правосилна пресуда, со што автоматски треба да им се одземе легитимацијата.

МВР констатирало три прекршоци според член 73 став 1, односно неводење евиденција како што е предвидено со Законот, со што сега агенции за обезбедување се соочуваат со казна од 3.500 д0 4.000 евра.

Три прекршоци се најдени и според членот 75 став 1, односно вработен не ја покажал легитимацијата за обезбедување во случај кога се повикува на вршење на приватно обезбедување или не ја покажал легитимацијата за обезбедување на барање на овластено службено лице на Министерството. За ова, вработениот се казнува со глоба од 600 до 700 евра.

Од Комората за приватно обезбедување, која ги издава лиценците и легитимациите на агенциите, за Инбокс7 велат дека не се запознаени со прекршоците и додаваат дека законот не пропишува обврска на МВР да дава информации на Комората.

„Комората не е запознаена со прекршоците кои се најдени кај агенциите кои ги проверуваше Министерството за внатрешни работи. Појаснуваме дека согласно важечката регулатива не е пропишана задолжителна обврска за надлежниот орган (МВР) за достава на информациите до Комората. Досегашна неформална пракса помеѓу Комората и МВР во насока на соработка за унапредување на состојбите во секторот е на нашиот настан насловен Денови на приватно обезбедување или на друг стручен собир-конференција МВР да ги претстави состојбите во секторот приватно обезбедување од аспект на своите надлежности“, велат од таму.

 

Еден вработен во агенција за обезбедување фатен како работи без лиценца

 

Инбокс7 веќе пишуваше дека повеќе агенции за обезбедување работат иако за тоа немаат дозвола од Министерството за внатрешни работи, ниту лиценца од Комората за приватно обезбедување.

Според Законот за приватно обезбедување, фирмите кои сакаат да ја вршат оваа дејност прво се пријавуваат како општа дејност, а откако ќе добијат дозвола од МВР, дејноста ја менуваат во приватно обезбедување. Документите од централниот регистар покажуваат дека минимум две правни лица иако немале дозвола од МВР, фирмите ги отвориле дирекно со дејноста „Приватно обезбедување“ и ја вршеле дејноста без дозвола.

МВР сепак не нашло ниту една фирма без дозвола, иако проверката им траела речиси една годдина, но во прекршоците кои ни ги доставија, само едно правно лице е казнето зошто немало поднесено барање за издавање на легитимација за обезбедување на вработен во пропишаниот рок до Комората за приватно обезбедување.

Според член 73 став 1 точка 8 од Законот за приватно обезбедување, правното лице се казнува со глоба од 3.500 до 4.000 евра ако не поднесе до Комората барање за издавање на легитимација за обезбедување за вработениот во пропишаниот рок, што пак се предвидува со член 25 став 3, кој гласи „Правните лица се должни да поднесат барање за издавање на легитимација за обезбедување до Комората во рок од 30 дена од засновањето на работниот однос со работник за обезбедување“.

 

МВР проверувало иста агенција повеќе пати

 

Министерството за внатрешни работи нè извести дека во проверката се опфатени 362 правни лица, оние кои имаат дозвола од МВР. Тие наведуваат дека понекогаш било проверувано истата агенција повеќе пати, па затоа се дошло до бројката од 826 проверки на правни лица, бројка која е изнесена на месечно ниво.

Од МВР сепак не ја даваат листата за тоа во кои агенции за обезбедување се најдени овие прекршоци, кои доколку се земе предвид сериозноста на некои од прекршоците (применување на недозволени оперативни методи и средства на приватно обезбедување и неподнесување на извештај за задржувањето, односно употреба на средства за присилба во рок од 24 часа), јавноста треба да ги дознае.

Наспроти оние 362 правни лица кои имаат дозвола за обезбедување од Министерството, во Комората за приватно обезбедување се здружени вкупно 47 агенции за обезбедување и 7 правни лица кои вршат техничко обезбедување во вид на давање на услуги.

 

Што предвидува законот?

Став 5 од законот за приватно обезбедување експлицитно забранува оперативни методи и средства кои со истиот не се дозволени или за чија примена врз основа на посебни прописи се овластени само надлежни државни органи. Сепак, агенции за обезбедување отишле чекор понатаму, па охрабрени од поранешните слаби контроли одлучиле да го прекршат овој член. Овој прекршок не предвидува привремено или целосно одземање на работната дозвола, туку единствено парична казна.