Денешна дата
19/04/2019

ПАНИКА ВО ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ВИЛА, НЕПОКАНЕТИ ГОСТИ СЕ ШЕТАЛЕ НИЗ ДВОРОТ ДОДЕКА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО „ДРЕМЕЛО“

  • Инбокс7 дознава дека момче и девојка влегле преку еден од споредните влезови во претседателската вила и се шетале повеќе од еден час
  • МВР вели дека нивниот припадник бил писмено предупреден и прераспределен на друго работно место
  • Генералштабот проверува дали има пропусти од припадниците на АРМ, кај нив нема ниту суспендирани ниту предупредени

 

Пишува: Александар Тодески

 

Иако во делот каде што се наоѓа претседателската вила нема многу места за прошетки, еден млад љубовен пар цел час се прошетал во дворот на првиот човек на државата, без притоа да им пречат ниските температури. На тоа место се наоѓаат и неколку амбасади, па често оние кои ќе залутаат, се враќаат назад и продолжуваат со прошетка на Водно. Сепак, овој пар наишле на отворени врати во дворот на „Вила Водно“, па влегле да видат каде носат отворените порти. Иако објектот е од посебно безбедносно значење, во тоа време обезбедување на вилата „дремело“ на работа.


Како дошло до пропустот?

Од Министерството за одбрана (МО) за Инбокс7 велат дека ниту еден припадник на Армијата не е суспендиран за овој случај, но се проценува дали има пропусти кај нив за овој случај.

Вилата на претседателот е одбезбедена од сите страни. Ја чуваат повеќе единици при Министерството за внатрешни работи, но ја чува и војската. Освен главната капија на која „врие“ од обезбедување, има и уште неколку споредни на кои има помалку обезбедување, бидејќи ретко кој се движи во тие делови.

Инбокс7 дознава дека на почетокот на јануари ова година се случил голем пропуст кај обезбедувањето – момче и девојка на возраст од 20 години залутале, па откако наишле на отворени врати, се прошетале низ дворот на претседателската вила.

Според нашите информации, прошетката на момчето и девојката траела повеќе од еден час, по што тие се упатиле назад кон капијата, со цел да излезат. Парот наишлол на член од обезбедувањето и прашале каде се наоѓаат, а тој испаничено ги прашал што бараат таму и дека не смеат да влегуваат во дворот, по што и се проширила информацијата за овој пропуст меѓу надлежните.

Од МВР за Инбокс7 велат дека парот се движел кон Милениумскиот крст, па така залутале во кругот на резиденцијалниот комплекс, а по извршените проверки, тие биле пуштени.

Иако се реагирало веднаш и се утврдил пропустот, припадникот на Министерството за внатрешни работи (МВР), кај кого се „протнале“ мажот и жената, е прераспореден на друго работно место и добил само писмена опомена.

 

Во МВР нема суспендирани, во АРМ се проценува дали имало нивни пропуст

 

Од Министерството за одбрана (МО) за Инбокс7 велат дека ниту еден припадник на Армијата не е суспендиран за овој случај, но се проценува дали има пропусти кај нив за овој случај.

„Нема суспендирани припадници на Армијата во врска со овој случај. Од Генералштабот се дадени инструкции за детално согледување на состојбите и проценка дали постојат пропусти во извршувањето на секојдневните обврски на припадниците на АРМ во вилата Водно“, велат од Министерството за одбрана.

Од Министерството за внатрешни работи пак, велат дека ниту еден од нивните припадници не е суспендиран, туку само предупреден писмено и прераспореден на друго работно место. Според МВР, пропустот е утврден, но исто така е утврдено дека момчето и девојката не знаеле каде се наоѓаа, па затоа и немало суспендирање.

Прашања испративме и до кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, но до објавување на текстот, од таму не одговорија на нашите прашања.