Денешна дата
21/07/2019

Белешка за „СЈО“ на Гватемала

Пишува: Денко Малески

 

После три децении граѓанска војна, диктатура и подем на нарко-бизнисот, главниот проблем на Гватемала, држава во Централна Америка, беше отсуството на правната држава и распространетите коруптивни мрежи. Како да му се помогне на несреќниот народ? Подржана од Обединетите нации, САД и Европската унија, во 2007 година почна со работа Меѓународната комисија против неказнивост во Гватемала, позната како CICIG. Целта беше, на младата демократија, деформирана од злоупотреби на власта со цел лично богатење на сметка на бедниот народ, да и се даде поддршка во изградбата на правната држава. Јакнејќи го обвинителството и судскиот систем и испраќајќи во затвор политичари, бизнисмени и водачи на организираниот криминал, Комисијата стекна голем углед меѓу народот. Зад решетки завршија двајца претседатели, Ото Перез Молина и Алваро Колом, заедно со повеќе министри. Народот ја славеше работата на Меѓународната комисија против неказнивост во Гватемала.

Но, нема шега со сегашниот претседател, некогашниот комичар, популистот Џими Моралес, кој доаѓа на власт во 2016 година. Слоганот со кој ја води својата изборна кампања е „Ниту корумпиран, ниту крадец “. Гневот на народот од поведението на традиционалната елита, апсењето на дотогашниот претседател и потпретседател обвинети за корупција и поддршката од војската и полицијата резултираат во голема победа на Моралес, со над 67 проценти од гласовите. Но, односите со Комисијата се влошуваат кога таа покренува обвинеија за корупција и перење пари против неговиот брат и неговиот роден син, а полицијата ги апси. Демонстрациите за оставка на претседателот, не го поколебуваат Моралес во намерата да се пресмета со Комисијата. Претседателот на Комисијата Иван Веласкез кој почнува со истрагатра на „наводи дека неговата партија земала нелегални донации за време на зборите, вклучително и пари од трговија со дрога“ и „бара од конгресот да му го одземе имунитетот“, е протеран од земјата. Користејќи ја клаузулата од времето на  формирањето на Комисијата, дека периодично се обновува нејзиното работење, претседателот одлучува да ја укине. Неодамна, на 7 јануари, им дава рок од 24 часа на членовите на Комисијата, која ја сочинуваат домашни и странски експерти, да ја напуштат државата. Уставнииот суд на земјата, пак, ја поништува одлуката на претседателот.Тој одбива да ја почитува одлуката на Судот. Во тек е уставна криза.Комисијата продолжува да работи во егзил.

Во меѓувреме, претседателот на Гватемала излегува со предлог за целосна амнестија на сите осудени, вклучително и оние осудени за најтешки злосторства од времето на диктатурата. До конгресот е доставен нов закон за помирување кој треба да обезбеди неказнивост дури и за злосторства против човештвото, вклучително и за геноцид, силување и насилно исчезнување. Во обид да ја придобие поддршката на генералите и на поранешната владеачка структура, Моралес предвидува ослободување во рок од 24 часа  од моментот на изгласување на законот. Законот е сега во парламентот и се подготвува гласање. Образложението е дека „ако се сака вистински мир и помирување, мора да има општа амнестија за сите учесници во воениот конфликт“. Жалејќи се за „еден вид судско злоставување на само еден од учесниците во конфликтот, армијата“, старата политичка класа бара амнестија. Таканаречената Комисија за расветлување, пак, утврди дека во 93 отсто случаи владата е одговорна за кршење на човековите права во текот на гватемалскиот вооружен конфликт, додека само 3 посто отпаѓаат на силите на герилата.

Што, всушност, се крие зад оваа „грижа за минатите гревови“ на претседателот Моралес? Новата коалиција на воените, бизнис и политички интереси, која сака да ја принуди Комисијата да престане со истрагите кои се однесуваат на организираниот криминал,на кршењето на човековите права и на корупцијата денес. Зошто? За одново да завладее со гватемалската политика и општество. Имено, иако Комисијата не е надлежна за злосторставата сторени во минатото, самиот факт дека нејзината работа го ослободило обвинителството и судството од корупција, ги загрозува оние кои правеле криминал некогаш и сега. Така, покрај денешните криминалци, амнестијата опфаќа и такви како Бенедикто Лукас Гарсија, поранешен шеф на војската, и Мануел Каљехас, шефот на безбедносните служби кои отслужуваат казна затвор од 58 години  за најстрашни злосторства – за злосторства против човештвото.

Овој закон за амнестија е насилие врз правдата и вистината, вели демократската јавност во Гватемала.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.