Денешна дата
18/11/2019

ЗА АНТИКОРУПЦИОНЕРИ, ПРЕТСЕДАТЕЛИ И ДОВЕРБАТА

Пишува: Александар Кржаловски

 

Изминатава недела ја одбележа постапката за избор на новата Антикорупциска комисија, а викендов по подолго време се појави и нова анкета на телевизија Телма за можните претседателски кандидати, па ќе се осврнам на овие две работи во оваа колумна, главно од аспект на довербата на граѓаните кон нив (како личности и кон институцијата во која делуваат или ја претставуваат).

 

Ќе почнам од втората – анкетата. И ќе почнам со тоа дека анкетата беше нарачана и презентирана од телевизијата Телма, а за нивни потреби беше спроведена од агенцијата М-проспект. За разлика од претходните две години кога учествувавме во заеднички проект со ТВ Телма и заеднички ги конципиравме разните анкети, овој пат МЦМС на ниеден начин не беше вклучен, ниту прашан за мислење. Ни дали да има анкета, ни чии имиња да се најдат на анкетната листа. Во таа смисла, не сум одговорен за тоа чии имиња се појавиле или не се појавиле на листата и засегнатите лица треба да ги поставуваат тие прашања на друга адреса. За волја на вистината, не учествував ни во изборот на лица за претходната анкета во декември, но тогаш бев информиран и имав можност да влијаам на листата, па без оглед на тоа што не сум го направил тоа, јас бев одговорен за анкетата и можев да бидам прозиван да објаснувам за анкетата.

Секако, ништо не ме спречува, како и било кој друг, да ги коментирам резултатите на било која анкета (без оглед дали јас или МЦМС ја нарачал или е нечија друга) и тоа го направив веќе на други медиуми, па не би го повторувал и во оваа колумна. Исто така, вчера бев потсетен на еден добар совет, дека во јавниот дискурс многу повеќе треба да се дискутира за идеи и принципи, отколку за настани и луѓе, па тоа ќе го применам и овде.

 

Па да почнеме – првото прашање е дали се потребни анкети? И колку? Моето мислење е дека треба да има и тоа многу почесто од тоа на што сме сведоци последниве месеци, па и години. Се сеќавам дека за изборите во 2011 година, правев споредба на девет агенции кои излегоа со резултати, а минатава година ретко се појавуваа по две или три анкети за иста работа во ист период. Дури и за референдумот имаше само четири агенции што објавија анкети (во распон од дури два месеци). За разлика од тоа, во САД на пример, има илјадници политички анкети постојано, а на пример оценката за работата на претседателот (Трамп во случајов) се прави на дневна основа од најмалку две или три агенции (може да ги видите на сајтот RealClearPolitics). Слично е и во Европа – од Poll of Polls сајтот за сите битни политички анкети и избори до Euro Barometar – официјалниот веб-сајт на Европската комисија за јавното мислење на граѓаните на Унијата за сите битни прашања кои ги засегаат. Значи да, потребни се многу повеќе анкети во Македонија и почесто испитување на јавното мислење на многу теми, особено за изборите и за луѓето што треба да бидат избрани на најзначајните функции во државата.

 

Второ прашање е дали нечие име треба да се најде на анкетните листи или не и кој одлучува за тоа (вклучително дали тие треба да бидат прашани). Според мене, секој кој се бави (или некогаш се бавел) со јавна (особено државна) функција, може (и треба) да биде предмет на проверка на јавното мислење за него/неа. И сметам дека е чест кога нечие име се споменува (и проверува) во контекст на кандидат за претседател на Републиката, без оглед на резултатите на анкетата (за тоа нешто повеќе, подолу во текстот). А дали тие треба да дадат дозвола за тоа, може да е дискутабилно во смисла на зголемените потреби и напори за заштита на приватноста, но како што кажа еден професор во моите студентски денови, кој решил да се занимава со јавна работа (не мора да е државна функција, еве и пишување колумни е дел од таа јавна сфера), мора да се помири дека со тоа ја губи приватноста и дека луѓето ќе зборуваат/коментираат за него/неа. И јас не сакам да се зборува за мене (а во ред е секако да се коментира и дебатира тоа што го зборувам и пишувам), особено не кога се зборува лошо (а кој би сакал) за мене како личност, а најмалку кога се зборува неточно (како што пишав погоре на пример). Но, помирен сум со тоа, дека такви работи ќе има и постојано ќе се случуваат колку и да не сакам, а и јас секако не можам да ги спречам. Така, сметам дека за било кое лице кое е споменато во јавноста како можен иден претседател на Македонија, треба да се провери мислењето на граѓаните и довербата кон нив.

 

Е сега за самите резултати (не конкретните во последната анкета, туку воопшто). Повторно, треба да се знае што е прашано во анкетата и како да се толкуваат одговорите, односно резултатите. Едно е на пример, кога се прашува за доверба во одредена конкретна личност (или институција), а друго е кога се прави споредба на повеќе лица (или партии на пример). За реалната доверба кон некого може да се зборува само кога е поединечно прашањето. Па и тогаш има разлика како се поставува прашањето. Едно е да се праша: дали имате доверба во XY?, а поинаку е ако се праша: дали ја одобрувате работата на лицето XY? (првото прашање почесто се поставува кај нас, а второто е вообичаеното прашање во САД за довербата во претседателот, Конгресот и/или други политичари и институции). Затоа треба да се внимава и при коментирањето, дека резултатот добиен на едно прашање во кое имало повеќе кандидати (а можел да се избере само еден), не зборува за довербата во конкретниот кандидат, ниту за неговиот личен рејтинг, туку за моменталниот однос во споредба со други кандидати на конкретното прашање. Ова особено кога има многу имиња на листата (како што беше во последната анкета).

 

Да, се согласувам дека треба многу повеќе да се дебатира за поважните работи што анкетите ги откриваат, отколку самата споредба на можните кандидати (особено што дел од нив секако нема да учествуваат во претседателската трка, вклучително и лидерите на најголемите партии кои фигурираат и во оваа анкета), која пак секако ќе биде многу поразлична кога ќе останат само избраните кандидати за трката. И да, драго ми е што едно од тие битни прашања за кои се покрена дискусија ниската доверба во политичарите (па и пошироко, во институциите и партиите). МЦМС повеќе години ги следи тие трендови и да, за дискусија е зошто правосудството со години е на најниските гранки на довербата, нешто над 20%, а ретко преминувајќи 30%, а на слично ниво се и политичките партии. И граѓанските организации, во кои е и МЦМС, иако се подобри (најчесто над 40%), ретко поминуваат во мнозинска доверба (над 50%). И зошто во тие над 60% (а никој се уште не постигнал доверба од над 70%) постојано се Армијата на РМ, најчесто и полицијата, како и црквите/верските заедници? Таму до лани беше и Специјално јавно обвинителство, но годинава и тие паднаа под 50%. И да, за дискусија е зошто довербата (и рејтинзите) во политичарите и партиите се меѓу најниските (со уште едно укажување дека кај нас ретко се мери довербата во конкретни личности, најчесто е рејтингот во однос на другите актуелни политичари и/или функционери)!

 

Да завршам и со коментар за изборот на новата Комисија за спречување на корупцијата, која исто така беше меѓу институциите со најмала доверба во последниве години. Иако со многу скепса беше дочекан процесот за избор на новите членови, особено заради носењето на законот набрзина, после уште една „ноќна“ меѓупартиска сеанса на договарања и/или пазарења, се чини дека сепак со новиот метод на јавност во изборот и учество на граѓански организации и медиуми во испрашувањето на кандидатите, битно се придонесе за да се стигне до подобар состав на Комисијата. Секако, имаше и по некој подобар кандидати што не беа избрани, но исто така е извесно дека најголем дел од избраните беа меѓу најдобрите кандидати. Се надевам дека и со самиот избор, ќе порасне довербата во Комисијата, но секако нивна задача ќе е таа доверба да ја оправдаат и зголемат со својата работа… а да, наша (на МЦМС) работа ќе е да ја провери таа доверба на следните анкети!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.