Денешна дата
19/04/2019

ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ И КАЗИНАТА ГИ ПРАЗНАТ ЏЕБОВИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ: 400 МИЛИОНИ ЕВРА ПРИХОДИ ГОДИШНО

  • Министерството за финансии не ја дава точната бројка на фирми кои побарале лиценца од почетокот на годинава
  • Новиот закон се очекува да биде поригорозен со казни за да се тргнат малолетниците од овие објекти
  • Во 2017 година, обложувалниците и казината остварувале приходи од над 24 милијарди денари, или околу 400 милиони евра

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

Забранети во Албанија, најголемиот број на тамошните спортски обложувалници и казина опстанокот го бараат и во Македонија. Со измена на законот за игри на среќа, на 31 декември минатата година Албанија ги забрани сите казина и обложувалници, при што биле затворени околу 5 илјади локации каде имало „игри на среќа“.

Министерството за финансии вели дека во 2019 година нема издадено ниту една лиценца за обложувалници, но не открива колку барања имаат пристигнато. Во прашањата кои ги поставивме во Министерството за финансии беше и тоа колку фирми имаат поднесено барање за лиценца, односно ги докомплетираат документите со цел да почнат со работа низ улиците во Македонија, но од таму ни рекоа дека не можат да дадат одговор на ова прашање.

„Не можеме да кажеме колку нови фирми имаат побарано лиценца за игри на среќа во обложувалници. Секоја фирма која ќе добие или веќе има добиено лиценца е објавена на страната на министерството“, беше одговорот кој го добивме.

Македонија веќе долго време ги привлекува инвеститорите на игри на среќа, при што често е наречена и Лас Вегас на Балканот. Спортските обложувалници и казината се најчестата глетка во објектите низ градовите во земјата. Ги има повеќе, бидејќи низ годините нивниот бизнис се зголемил, па тие се ширеле и на други локации.

 

Осиромашување на населението за 400 милиони евра годишно

 

Дека спортските обложувалниците и казината се најпрофитабилни бизниси покажуваат и годишните средства кои тие ги заработуваат. Според податоците кои Инбокс7 ги доби од Централниот регистар, во 2017 година казината и обложувалниците во Македонија заедно имале приходи во вредност од неверојатни 24.397.982.357 денари, или 400 милиони евра.

Сите казина и спортски обложувалници во државава во 2017 година имале вкупно 5.876 вработени, чија плата во просек изнесувала 19 илјади денари. Сепак, треба да се земе предвид фактот што секоја година, бројката на вработени, но и нето платата кај вработените расте, но се уште не се утврдени годишните пресметки за 2018 година, бидејќи рокот истекува наредниот месец.

 

БРОЈ НА КАЗИНА И ОБЛОЖУВАЛНИЦИ

Во моментов, во Македонија има 23 фирми кои имаат дозвола за приредување на игри на среќа во автомат клуб, пет фирми со дозвола за приредување на игри на среќа во казино и 8 фирми со дозвола за приредување на игри на среќа во обложувалница.

 

 

Нема дислокација, ќе има поголеми казни

 

Малолетниците може да се забележат во речиси секоја спортска обложувалница. Најчесто се седнати во кафулињата во склоп на обложувалниците, а неретко се гледаат и на шалтерите како вршат уплата. Кога на шалтерот ќе им биде побарана лична карта, често бараат возрасно лице кое ќе им помогне, односно ќе им уплати.

Иако законот забранува малолетници, речиси никој не го почитува тоа, па затоа училишните клупи се заменуваат со столчињата во обложувалниците. Казната за обложувалниците кои ќе бидат фатени дека не го почитуваат законот изнесува 4.000 до 5.000 евра и привремено затворање на објектот, но се чини дека никој не се плаши од тоа.

Првичната верзија за измена на Законот за игри на среќа која беше најавена од власта беше спортските обложувалници да се тргнат најмалку 500 метри од училиштата, но подоцна се премислија. Сега, од Министерството за финансии велат дека решението се бара, но во поригорозни казни за фирмите, а не во дислокација.

„Ќе се стегаат правилата, со самото тоа веруваме дека ќе има подобар начин на функционирање. Ќе има многу поголеми казни доколку има малолетно лице во објектите. Оддалечувањето од училиштата не го решава проблемот само по себе, прашањето е дали ќе се пуштаат малолетните лица во објектот, па во тој дел ќе се стегаат условите“, вели за Инбокс7 Јована Аврамовска, портпаролка на Министерството за финансии.

 

Ќе се вадат лиценци за секое ново отворено уплатно место

 

Доколку едно правно лице сака да отвори спортска обложувалница, треба на сметката да има 500.000 евра. Надоместокот за лиценца кој се плаќа е во износ од 105.000 евра, а кога ќе се добие лиценцата која трае три години, фирмата може да отвори најмногу 25 уплатни места користејќи ја истата лиценца.

Фирмата има право да побара зголемување на бројот на уплатни места, со што за секои нови десет уплатни места, фирмата до Министерството за финансии треба да достави доказ за уплатен депозит, односно да приложи банкарска гаранција во износ од 50.000 евра, пари кои служат за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во игрите на среќа во обложувалницата, за плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебната давачка која е утврдена со Законот за игри на среќа.

И овој е еден од проблемите за кое Министерството за финансии ќе бара решение во новиот Закон. Од таму за Инбокс7 велат дека и овој дел од Законот ќе се заострува, па во новото решение најверојатно ќе има предвидено посебна лиценца за секое уплатно место.

 

ВЛТ апаратите се „шират“ низ спортските обложувалници

 

Апаратите за игри на среќа како во казината може да се забележат и во поголемите спортски обложувалници. За нив право на игра имаат исто така само полнолетни лица, но не секаде се почитува и овој дел од Законот за игри на среќа.

Овие апарати се означени со логото „ВЛТ“ и се поразлични од казината од причина што се во сопственост на Државната Видеолотарија на Македонија. На веб страната на Државната  Видеолотарија има објаснување за начинот на игра, џек потот кој може да се добие на овие игри на среќа, но и „светски стандарди“ за организирање на игрите на среќа.

Во делот насловен „одговорност“, Виделотораија пишува дека не постои зависност од коцка, иако европските земји не го делат истото мислење. За разлика од Македонија, во дел од земјите во Европа постои забрана за влегување во објектите во кои се вршат игри на среќа за лица зависни од коцка. Забраната може да ја побара семејството, со што тој човек веќе нема пристап во објектите ширум целата држава од која зависникот од коцка доаѓа.