Денешна дата
18/11/2019

БАЈРАМИ ЌЕ ГО ИСПИТУВА НЕПОТИЗМОТ СО ЌЕРКАТА НА БАЏАНАКОТ ЏАФЕРИ?

Антикорупциската комисија која деновиве беше избрана има 5 години мандат да се справува во борбата со корупцијата во земјава. Во составот има двајца антикорупционери, двајца ревизори, двајца од локалната самоуправа и еден новинар. Очекувањата, според начинот на изборот на новиот тим, се дека ќе бидат независни и лица со интегритет. Но, уште на самиот старт, се фрли сомнеж со изборот на Нури Бајрами, баџанакот на Талат Џафери. Антикорупционерите на првата седница му дадоа поддршка на Бајрами и најавија дека ќе се зафатат со актуелните проблеми на непотизмот. Ова значи дека Бајрами ќе го испитува случајот со вработувањето на ќерката на неговиот баџанак, Џафери

пишува: Светлана Унковска

 

Новите антикорупционери како никогаш досега беа под силна опсервација од јавноста за нивната стручност, независност и во исполнувањето на критериумите за членството во новиот тим кој треба да се бори против корупцијата. Само што беа избрани од Комисијата, сомнение за партиска поврзаност предизвика

четврторангираниот, Нури Бајрами, кој е баџанак на претседателот на Собранието и висок функционер на ДУИ, Талат Џафери. Изборот на неговиот баџанак во Антикорупциската комисија, Џафери побрза да го релативизира со изјавата дека нема ништо спорно во тоа, дека не влијаел за него, а дека при гласањето одлучувал за целиот тим, а не за поединци. Бајрами на интервјуто ги критикуваше партиските вработувања, но на почетокот секако ќе биде ставен на тест кога пред новите антикорупционери ќе се отвори предметот за роднинските вработувања каде и неговиот баџанак Џафери се појавува со вработувањето на неговата ќерка.

 

На првата седница на Антикорупциската комисија рече: „Јас сум тука да се борам против корупцијата и ве уверувам дека нема да признавам ни роднини ни пријатели. Затоа да го завршиме веќе ова шоу. Во самиот процес на нашиот избор имаше многу пропусти. И сега што требаше јас да направам – да кренам рака и да кажам чекајте јас сум баџанак на Џафери?. На ждрепката за тоа кој ќе биде првиот заменик претседател, ждрепката падна кај Бајрами.

 

Учесниците во изборот на новите антикорупционери реагираат на организацијата на интервјуата

 

Бесим Небиу, кој беше еден од учесниците во изборот на новите антикорупционери како претставник од граѓанскиот сектор, реагираше за процесот на изборот на членовите.

Биографиите на кандидатите ги добивавме на денот на самото интервју, што ни ја ускратуваше можноста да направиме потемелно истражување на биографијата  и да подготвиме конкретни и таргетирани прашања за секој од нив. Интервјуата беа изведени експресно односно целиот процес од формирањето на Комисијата до изборот на кандидати се случи во рок од 5 дена“, вели во својата реакција Небиу. Но покрај критиките во јавност за Бајрами, тој има пофални зборови за него. Вели дека во интервјуто оставил силен впечаток со директни јасни и артикулирани одговори на поставените прашања.

 

 

Експертската јавност поделена: едни ги критикуваат, други ги поддржуваат

 

За новиот тим антикорупционери постојат поделени мислења. Според едни, тие се луѓе од доверба на владејачките партии, додека други велат дека избраните кандидати имаат интегритет и компетентност за оваа важна функција. Прва се огласи професорката Мирјана Најчевска, која го искритикува изборот.

Антикорупциската комисија ќе ја водат докажани кадри од претходниот систем и кадри од доверба на владејачките партии. Браво. Сега навистина никој не може да ве обвини за реваншизам. За докрај да ја завршите работата мислам дека треба Мијалков да го вратите на неговата стара функција. Еве примам кладби дека од овој и ваков состав на оваа Комисија нема да произлезе ниту еден случај со кој ќе биде засегнат било кој моќник“, напиша на својот фејсбук профил професорката Најчевска.

Критики упати и поранешниот антикорупционер, Ариф Муса. Вели дека тоа што се наведуваше за роднинските врски на Бајрами и Џафери останува да биде во рамките на нивниот морал, ако такво нешто воопшто постои во политиката, додава тој.

„Општо гледано, голем дел од членовите на Комисијата се партиски луѓе. Двајца доаѓаат од Комисијата, а за другите изборот е извршен сосема политички, со што апсолутно немам доверба во однос на притисоците во корист на власта. Ова е мое мислење и со искуството што го имам ми дава за право да кажам дека немаме избор на членови онака како што требаше да бидат избрани, како што се зборуваше дека ќе биде со промената на законот. Воопшто не сум човек кој зборува од суета, туку ова е само реакција поради грижа за тоа каква држава, каков просперитет ќе имаме и како ќе ги имплементираме препораките од Европската унија и навистина да постапуваме онака како што налагаат европските вредности“, вели Муса.

Наспроти нив, поранешната антикорупционерка и прв човек на Транспаренси Интернешнел Слаѓана Тасева го честиташе изборот на претседателот и членовите на Антикорупциската комисија и им посака успешно справување со корупцијата. Порача дека изборот на членовите бил транспарентен, а новите антикорупционери имаат компетенција и личен интегритет.

Ја добивте довербата во една транспарентна и отворена постапка, во која беше спроведен и делумен ветинг за проверка на вашиот интегритет. Сега ја имате нашата поддршка, вашето знаење, искуство и интегритет да ги ставите во функција на справување со големиот проблем на корупцијата. Нашата поддршка и соработка секогаш ќе ја имате на располагање“, наведе Тасева.

Постапката при изборот на тимот антикорупционери го поздрави и Сашо Ордановски. Вели дека транспарентниот конкурс, а потоа, начинот на селекција по пат на бодувања и отворените интервјуа има смисла, со кои, како што истакнува, лесно биле елиминирани лица кои во некои претходни времиња без проблем би биле избрани.

„Да бидеме искрени – во која партиска селекција во ДКСК, на пример би се препорачале двајца долгогодишни експерти од самата Антикорупциска комисија и двајца ревизори? Напротив, за претпоставка е дека низ мистичните, лојалистички партиски кадровски инки и сита, тој вид на квалификувани кандидати би биле првите за фрлање в корпа“, вели Ордановски. Сепак порачува дека низ годините што следуваат новите антикорупционери ќе треба да го докажат декларираниот интегритет, но и нивниот ентузијазам и издржливост да не попуштат пред притисоците во ловењето корумпирани функционери.

 

 

 

Претседателката на новиот тим антикорупционери Билјана Ивановска вети дека нема да подлегнат на притисоци

 

Инаку за прв човек на Комисијата е избрана Билјана Ивановска, која неколку години работела во Државниот завод за ревизија, а потоа како овластен ревизор во телото за ревизија на инструментот за претпристапна помош. Таа претходно била вработена и во Министерството за финансии како началник на Одделението за буџетско сметководство. Вети дека нема да подлегне на притисоци и дека ќе работат одговорно, транспарентно, професионално и законски. „Корупцијата ја урива стабилноста на институциите и моралните корени на општеството. Присутна е се повеќе, секојдневно, а граѓаните во отсуство на систем на вредности и интегритет се повеќе ја толерираат и прифаќаат како начин за остварување на своите цели“, изјави Ивановска по давањето свечена заклетва.

 

 

Како еден од највисокорангираните членови е Владимир Георгиев со освоени максимум 100 бодови

 

Владимир Георгиев досега беше државен советник на Секретаријатот на Антикорупциската комисија. Во својата обемна биографија наведува дека е роден 1960 година во Скопје. Завршил Економски, а потоа магистрирал на Правниот факултет. Учествувал на семинарот „Превенција на криминалот“ во Токио и  „Кривична правда, одговор на корупцијата“во Осло. Посетувал и напредни тренинзи за превенција на кокрупицјата во организација на UNDP, тренинг на тренери за спречување корупција и судир на интереси за етика и за интегритет, какок и на твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата. Бил член на меѓународни тела и тоа на OECD Антикорупциска мрежа за Источна Европа и Централна Азија и национален координатор – член на OECD Советодавниот одбор за тематски студии за превенција на корупцијата и за интегритет во приватниот сектор. Од 2005 работи во Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупцијата, а претходно во Министерството за правда во секторот за превенција на криминалот и спречување на корупцијата. Од 2017 е член на Групата држави против корупција ГРЕКО.

 

Од Антикорупциска е и Софка Пејовска Дојчиновска, која освои 98 бодови

 

Софка Пејовска Дојчиновска е родена 1954 година. Исто како и Георгиев доаѓа од  Секретаријатот на Антикорупциска комисија како раководител на Секторот за спречување на корупција и судир на интереси. Својата кариера ја започнува во 1983 година како приправник за нормативно-правни работи во Секретаријатот за правосудство. Со борбата против корупцијата почнува да се занимава од 2002 година кога се вработува во Министерство за правда како раководител на сектор при што учествува во подготовка на Деловник за работа на ДКСК, потоа во целосна логистична поддршка на работата на ДКСК, во изготвувањето на новата форма на анкетниот лист, учествува во правата државна програа за спречување и репресија на корупцијата, и воспоставување на процедури и начин на работа на Комисијата. Од 2005-2016 година е генерален секретар на Секретаријатот на Антикорупциска со учество во сите работни групи за измени и дополнувања на закон за спречување на корупцијата, за законот за судир на интереси и други легислативи поврзани со борба против корупцијата.

 

Катица Николовска, со 94,67 бодови доаѓа од Државниот завод за ревизија

 

Катица Николовска родена 1965 година е дипломиран економист – финансиска насока. Од 2002 година е самостоен ревизор во Државниот завод за ревизија. Во својата биографија има наведено во кои се институции има извршено ревизии на работењето. И тоа на буџетот на РМ за 2010 – 2011, работата на Собранието, на неколку министерства, УЈП, дирекции, државни агенции, Комисии, судови, општини, но и на финансиските извештаи на голем број политички партии и тоа СДСМ, ДУИ, Титови леви сили, Демократска партија на турците, Трет блок, НДМ и други. Претходно работела во Управата за јавни приходи во Велес и други фирми.

 

Нури Бајрами со 93,57 бодови, предизвика големи реакции поради тоа што е баџанак со Талат Џафери

 

Во својата биографија Нури Бајрами напишал дека е роден 1960 година во Гостивар и дека има завршено Правен факултет на Универзитетот во Приштина. Како работно искуство наведува дека од 1989 до 1997 работел во странство. Од 1998 до 2005 во телевизијата ТВ ДУЕ како новинар и уредник на информативни емисии. Од февруари до јули 2006 се вработува во Генералниот секретаријат на Владата како виш соработник за подобрување на соодветна и правична застапеност. Потоа од 2006 до 2009 во Министерството за одбрана како виш соработник за односи со јавност и службено лице за посредување со информации од јавен карактер. Во општина Гостивар се вработува во 2009 година Во Одделот за човечки ресурси и како службено лице за посредување со инфорации од јавен карактер. Од обуките и семинарите кои што ги поседувал нема ниту еден поврзан со борбата против корупцијата.

 

Горан Трпеновски долгогодишен новинар со освоени 89,29 бодови ќе биде дел од тимот на новите антикорупционери

 

Горан Трпеновски роден 1971 година и е долгогодишен новинар. Кариерата ја започнува во 1999 година како хонорарен новинар во весникот „Вечер“, потоа се вработува во „Вест“ како новинар, а подоцна станува уредник. Пред неговиот избор за антикорупционер работеше во дигиталниот портал „Сакам да кажам“. За последните парламентарни избори во 2016 година беше во Ад хок телото за медиуми. Од 2013 до 2015 година бил член на Програмскиот совет на МРТВ, потоа од 2011 до 2014 година во Управниот одбор на ЗНМ, а бил член и на Одборот за јавност на Правниот факултет.

 

Шемши Салаи, со освоени 89 поени исто како и Бајрами доаѓа од локалната самоуправа

 

Шемши Салаи е роден 1966 во Врапчиште Гостиварско. Дипломирал право на Државниот универзитет во Тетово, магистрирал на Правниот факултет во Скопје, а докторирал на универзитетот Унион во Белград. Од 1989 до 2008 година работел во неколку фирми, а од 2008 година па до изборот за еден од новите антикорупционери во општина Врапчиште. Во својата биографија навел и дека бил претседател на Општинска изборна комисија во Врапчиште на изборите во 2009 година. И тој наведува учество во семинари и обуки, но сите тие не се поврзани со борбата против корупцијата. Заведен е во регистерот на надворешни експери за помош во процесот на објаснувачки скрининг и процесот на преговори за пристапување на Република Македонија кон Европската унија. Наведува и дека до 1991 година се занимавал со боречки вештини.

 

 

Македонија и натаму високо котира на картата на земји со корупција

На последната ранг листа на Индексот на корупција на Транспаренси Интернешнел од вкупно 180, Македонија го зазеде 93 место, заедно со Косово, Панама и Монголија. Години наназад Антикорупциската комисија не постапуваше по предмети кај кои беше очигледна корупцијата, со што најчесто беше критикувана дека ги штити криминалите на власта.