Денешна дата
11/12/2019

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПАРТИСКИТЕ „АГЕНДИ“!

Пишува: Бардул ЗАИМИ

 

Април ќе биде месец на избори. Македонија ќе мора да избере претседател на државата. Политичките партии ги започнаа своите стратегии и тактики. Двете партии во македонскиот политички блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе отворија конкурси за да стигнат до името кој ќе биде можен кандидат. Во албанскиот политички блок продолжија калкулациите. ДУИ постојано повторува дека останува за консензуален кандидат, што укажува на тоа дека тоа ќе биде најдобриот избор за владејачката коалиција. Во меѓувреме, не изостанаа најавите за кандидат кој излегува од СДСМ без да ја земе предвид идејата за претседател кој ќе биде подобен за коалициските партнери. Премиерот Заев ги покани и другите политички партии “да се освестат за принципот на консензуален кандидат за претседател”.

Се чини дека идејата на консензуалниот претседател ја потикна”нетрпеливоста” која за сега е “умерена” меѓу коалиционите партнери. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во телевизиска дебата ја даде “кодираната” порака до лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека не секој кандидат што ќе го предложи неговата партија ќе биде поддржан како консензуален кандидат.

Претходно лидерот на ДУИ, Али Ахмети, покажа подготвеност да зборува за заеднички кандидат со опозицијата во албанскиот политички блок, но истата идеја овие партии ја отфрлија со образложение дека Ахмети се враќа на заедничкиот албански кандидат откако не успеа во идејата за консензуален кандидат.Лидерот на АА, Зијадин Села, предупреди дека албанските партии во Македонија сериозно размислуваат за албански претседателски кандидат. Според него, албанскиот глас не треба да тече во насока на кандидатурите кои доаѓаат од македонските политички субјекти.

И покрај тоа што сé уште нема конечни одлуки на политичките партии за кандидатури за претседателските избори, едно е сигурно, до последен момент тие ќе тактизираат да го потенцираат партискиот предзнак. Во време кога е непознато дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, претседателските избори се чини дека се добра можност да се измери партиската „моќ„. Борбата за политички легитимитет изгледа неизбежна. И во оваа битка механизмите за етаблирање во електоратот се избираат во зависност од околностите и во зависност од целите за “апсорбирање” на повеќе избирачи.

Претседателските избори веројатно ќе го одредат и политичкото присуство на секој политички субјект, но и намерата да се покаже политички “триумфализам” во идно време. Во игра се одлуките и партиските реторики, кои најверојатно ќе генерираат спортивставени и дисквалифицирани односи. Секоја партија со својата голема идеја, секоја партија со идејата за зајакнување во електоратот. Секоја партија со изборни математики што ја надминуваат победата или загубата на претседателските избори. Партиски судир што не го зема предвид карактерот на претседателските избори и изборот на шефот на државата. Не еднаш се случило целосно да се изгуби фокусот на изборите и да се премине на реториката на фалење и доминација што во суштина ја има моќта без да се води грижа за визијата, принципите и практиките кои ги нудат изборите без разлика за какви избори се зборува.

Партискиот егоцентризам отсекогаш победил над водењето на добри демократски идеи, кои би биле во корелација со очекувањата на граѓаните. Се разбира, оние кои бараат рационалност во политиката се идеалисти. Политиката бара страст, бара усогласување, бара психологија на толпата за да апсорбира што е можно повеќе гласачи за да победи над другиот на кој било начин. Партиската матрица во овој случај се претвара на единствена орбита за функционирање. Секое претекнување од оваа матрица се смета за слабост, може дури и разочарување за сите оние кои застануваат само врз основа на оваа логика.

Овој вид на разбирање на политиката обично ја исклучува отвореноста, соработката, заедничката визија и интересот на повеќето граѓани. Оваа политичка логика го бара прототипот на партиската партизанизација, која секогаш останува лојална на структурата, огранокот и целата логика што имплицира идеолошка конзервација како еден вид “опстанок” на сè поизразената и хистерична политичка сцена.

Досегашните политички чувствителности за претседателските избори сé уште неоткриени, што до крај го отсликува овој концепт на “триумфализација”, едноставно партиска, иако тие се покриени со дискурсот на “соработка”. Умешноста да се наметнат целосно партиски позиции го спречуваат претседателскиот кандидат да се најде некаде надвор од овие идеолошки матрици.

Веројатно, во партиските агенди ќе се изгуби профилот и перформансот на следниот претседател. Цело време, маглата на овие агенди ги покрива јасните ставови, модерните концепти и платформи, како и кампањи кои повеќе се сфаќаат како боксерски ринг одколку агора на идеи кои отвораат други хоризонти на умеење.

На Македонија и треба инклузивен претседател, претседател кој ќе застане над идеолошки, етнички и други поделби. Претседател кој, покрај остварувањето на своите овластувања што ги има, воедно ќе биде и промотор на друга инклузивна визија за сите граѓани на државата. Претседател за кого граѓанинот е над се, а не претседател кој ќе биде “заслепен” од партиските бои. Претседател кој ќе биде чекор пред власта, владата и партиските интереси. Дали ќе најде Македонија таков претседател останува да видиме!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.