Денешна дата
23/03/2019

ИНСТИТУЦИИТЕ „ПОПЛАВЕНИ“ ОД НЕПОТИЗАМ: ДАЛИ ДЕНЕСКА ГО „ВРАБОТИВТЕ“ ВАШЕТО ДЕТЕ?

  • Јавноста врие од последното цунами на вработувања на ќерки и синови на актуелни функционери.
  • И ако претходно кога СДСМ беше во опозиција ја критикуваше тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за непотизам, сега тие истите ги релативизираат критиките.
  • Најмногу вдомени деца има во ЕЛЕМ и МЕПСО веројатно и поради тоа што таму платите се примамливи.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Планот за „живот во Македонија“, со кој како изборна програма на СДСМ се ветуваше дека ќе биде крај на неправдите на работните места во институциите, се изгуби во вителот на непотизмот. Ова појава особено зема замав во последниот период, пред распишувањето на претседателските избори.

Иако СДСМ претходно ги критикуваше ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ додека беа на власт дека си вработуваат свои роднини, истата пракса ја применуваат и тие. Синови и ќерки, браќа и сестри а во последно време и баџанаци се сместуваат во државни јасли. Скоро секој ден се бележи кој си го вработил своето дете или роднина.

 

ШТО Е НЕПОТИЗАМ?

Непотизмот се дефинира како злоупотреба на службена, политичка и друга моќ за доведување роднини на привлечни и влијателни функции. Претставува фаворизирање роднини и пријатели при доделувања функции и вработувања без притоа да се води сметка за стручноста Зборот непотизам потекнува од латинскиот збор nepos, nepotism што значи внук.

 

Најпримамливи за вдомување на роднинските кадри се чини се ЕЛЕМ и МЕПСО каде платите се околу 600 евра. По ваквата лавина од реакции во јавноста темата со вработување со роднински врски била отворена и на работните состаноци на Владата. Премиерот Зоран Заев најави дека ќе спроведат проверка.

Ќе направиме анализа, ќе ги видиме постапките. Секаде каде што ќе има привилегии, протекци или какво било влијание, секако ќе побараме повлекување на таквите вработувања. Навистина сакаме да испратиме порака дека сите во општеството, па дури и децата на некој функционер, имаат шанса во оваа држава. Не бегаме од одговорност, ќе ја видиме секоја можност, како тоа е направено, дали имало компетитивност, кои биле критериумите, како е завршено и се ќе соопштиме на јавноста. Доколку има неправилност, ќе бараме и одговорност за сето тоа“, рече Заев.

 

 

ЕЛЕМ:

  1. Хидајете Алили – сестра на Министерот за култура, Асаф Адеми
  2. Бесиана Џафери – ќерка на собранискиот спикер Талат Џафери
  3. Димитар Грчев – син на советникот во Министерството за култура, Мирослав Грчев
  4. Горан Стојчевски – син на пратеничката Мира Стојчевска
  5. Синот на Зоран Ангелов – претседател на СДСМ во Гостивар
  6. Љубислав Несторовски – сопруг на Магдалена Несторовска, државен секратар во МВР

 

МЕПСО:

  1. Дамјан Бучковски – син Владо Бучковски
  2. Фиторе Бејта – ќерка на поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта
  3. Влора Бектеши – сестра на Министерот за економија, Крешник Бектеши

 

РЕК-БИТОЛА:

Братот на пратеничката Мира Стојчевска

 

ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ:

  1. Кристијан Мисоски – син на пратеникот Горан Мисоски, вработен како стручен соработник во Агенцијата за супервизија на осигурување
  2. Сара Александрова – ќерка на пратеничката Емилија Александрова

10.Мерсида Рамчиловиќ – сопруга на Зеќир Рамчиловиќ, вработена во МВР

  1. Нури Бајрами – баџанак на Талат Џафери, избран за член во Антикорупциската комисија
  2. Зетот на Министерката за правда, Рената Десковска, вработен во државно воздухопловство
  3. Близок роднина на Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, вработен во М-НАВ

 

 

 

СЕКОЈ ДЕН ПО ЕДЕН НОВ СЛУЧАЈ НА НЕПОТИЗАМ

 

Кога се мислеше дека последниот од низата роднински вработувања е на пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска, другиот ден излезе информација и дека претседателот на СДСМ Гостивар, Зоран Ангелов си се вработил во државната ЕЛЕМ. Тој претходно работел во ХЕЦ „Маврово“ а сега е примен и во ЕЛЕМ како инженер за машинско одржување.

Плакат на непотизмот – Фотомонтажата е преземена од социјалните мрежи

Пратеничката Стојчевска, пак, за која прво се прочу дека нејзиниот син Виктор е примен во ЕЛЕМ, веднаш потоа да се открие и дека братот на пратеничката е вработен во РЕК Битола.

Државната ЕЛЕМ уште од минатата година почна да се полни со роднините на функционерите и членовите на владејачките партии кога на работа беше примена ќерката на Талат Џафери – Бесијана Џафери а тогаш внимание предизвика и вработувањето на синот на Мирослав Грчев – Димитар, но и сопругот на Магдалена Несторовска.

Неодамна таму се вработи и Хидаете Алили сестра на министерот за култура Асаф Адем, според кого било скандал што се коментирало  за нејзиното вработување.

И МЕПСО е полн со деца на функционери. Пред новогодишните празници градоначалникот на Гостивар од редовите на ДУИ Невзат Бејта ја вработил својата ќерка Фиторе Бејта Акику во МЕПСО. Таму е вдомена и сестрата на Министерот за економија, Крешник Бектеши – Влора Бектеши како и Дамјан Бучковски – синот на екс-премиерот Владо Бучковски.

И Емилија Александрова од независната пратеничка група, која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ, ја вработила својата ќерка во Фондот за иновации и технолошки развој. Ова беше прокоментирано во јавноста дека е награда затоа што гласаше за уставните промени. Александрова негираше за вработувањето на ќерката.

Синот на пратеникот Горан Мисовски, Кристијан, веднаш по неговото дипломирање е вработен во Агенцијата за супервизија на осигурување со плата од околу 500 евра.

И зетот на Министерката за правда Рената Дескоска е примен на работа во државното воздухопловство, а во М-НАВ е вработен близок роднина на министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

 

ЕКСПЕРТИТЕ БАРААТ МОРАЛ И ЕТИКА ОД ПОЛИТИЧАРИТЕ

 

Марко Панковски од Институтот за демократија вели дека со ова што се случува се намалува довербата во институциите. Затоа, вели тој, е потребно поголема транспарентност во вработувањата и во самиот процес на селекција од објавување на огласите до спроведувањето на изборот.

Мора да постои одредена политичка волја кај политичарите кои се на власт да не ги злоупотребуваат своите позиции, бидејќи праќаат негативен сигнал во општеството. Очигледно многу од функционерите не можат да одолеат на тоа да ги користат своите релации за да помогнат на одредени свои блиски. Но од друга страна, доколку процесот е транспарентен и ние како јавност ќе можеме да видиме дали тие личности сепак заслужуваат да бидат на тие места“, вели Панковски.

Розета Трајан, генерален секретар на Антикорупциска комисија, истакнува дека оваа состојба е во исклучителна надлежност на антикорупционерите и час поскоро ќе бидат ставени на разгледување. „Недозволиво е во ваков сензитивен период, кога во државата однапред се знаат кога ќе бидат претседателските избори, да имаме толкав голем бран на вработувања. Индикативно е што низ годините сите власти во период пред избори прават масивен број на вработувања. Досега никогаш не е направено ревизија на сите вработувања во минатото а со тоа би се откриле голем број на коруптивни моменти и судири на интереси и непотизми“.

Трајан истакнува дека кога станува збор за политичари од висок ранг или избрани и именувани лица, за нив основно е нивниот личен интегритет. „За да бидете носител на позиција или функција пред се треба да гарантирате со вашиот личен интегритет. Моралот и етиката е нешто кое што треба да биде основа. Сензитивноста на јавноста е поради тоа што ова општество, оваа држава е премногу контаминирана а и граѓаните се веќе изморени од ваквите ситуации. Треба да важат правилата и процедурите“.