Денешна дата
24/03/2019

ДРИСЛА – ЕДЕН КРИМИНАЛЕН ОДГОВОР КОН ДАРЕЖЛИВОСТА НА ПРИРОДАТА

  • За разлика од проектот „Скопје 2014“, за кој беа потрошени над 600 милиони државни пари, овој проект не успеа да се реализира ниту еден процент од тоа што се предвидуваше.
  • Една година по изминување на поставениот рок за инвестиции, во 2019 година депонијата е се уште во „статус кво“.
  • За разлика од отсуството на инвестициите во самата депонија, истражувањето на Инбокс7 покажува дека во изминатиот период компанијата не штедела кога станува збор за набавка на мебел, мобилни телефони и хортикултурно уредување.

 

Пишува: Љубица Иванова

 

„Да и возвратиме на дарежливоста на природата“. Вака гласеше слоганот на  планираниот проект „ДРИСЛА 2014-2018“, кој во форма на промотивен видео материјал беше прикажан пред домашната јавност како најдобро решение за ова депонија само за складирање отпад од Скопскиот регион. Проектот предвидуваше трансформација на депонијата во една од најчистите, најбезбедни, најекономични во регионот, во која депонираниот отпад се селектира, третира, максимално искористува и само мал дел се депонира.

 

Од 2013 година „ДРИСЛА ДОО“ е јавно-приватно партнерство меѓу Град Скопје, кој поседува со 20 проценти од сопственоста, и италијанскиот конзорциум предводен од ФЦЛ-АМБИЕНТЕ со 80 проценти  сопственост. 

 

ЗОШТО НЕ Е ОДЗЕМЕНА КОНЦЕСИЈАТА, ИАКО ГИ НЕМА НАЈАВЕНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ?

 

За разлика од проектот „Скопје 2014“, за кој беа потрошени над 600 милиони државни пари, овој проект не успеа да се реализира ниту еден процент од тоа што се предвидуваше. Иако се оценува како фундаментален за здравјето на околу 700 илјади скопјани, италијанскиот конзорциум предводен од ФЦЛ-АМБИЕНТЕ ги брои само добивките од депонијата, без да ја модернизира истата. Со добивањето на концесија за управување со ДРИСЛА, за период од 35 години, ова фирма со седиште во Италија се обврза да вложи во претворање на ДРИСЛА во еколошка постројка за искористување и депонирање на отпадот.  Крајот на договорот предвидува и поставување на фотоволтаични ќелии за производство на електрична енергија со зелена тарифа. Со крајот на 2018 година, вкупната инвестиција во ДРИСЛА на италијанскиот конзорциум предводен од ФЦЛ-АМБИЕНТЕ ќе изнесува 73.000.000 евра.

 

ПЛАНИРАНИ ПРОЕКТИ ВО ДРИСЛА ОД 2014 ДО 2018 ГОДИНА  
инвестиција капацитет краен рок вредност
запечатување на постоечко тело на депонија 2.7милиони тони депониран отпад не подоцна од 2016год 14.900.000 евра
изградба на ново тело на депонијата 14 секции со 5 милиони тони отпад не подоцна од 2016год 12.000.000 евра
изградба на систем за црпење и согорување на депониски гас 70 бунари не подоцна од 2017год 1.500.000 евра
изградба на фабрика за прочистување на отпадни води   не подоцна од 2017год 2.650.000 евра
фабрика за селекција на отпад и создавање РДФ алтернативно гориво 250.000 тони годишно не подоцна од 2017год 21.400.000 евра
постројка за третман на инертен градежен отпад 90.000 тони годишно не подоцна од септември 2018год 1.800.000 евра
постројка за третман на опасен и неопасен индустриски отпад 150.000 тони годишно не подоцна од септември 2018год 7.900.000 евра
постројка за третман на медицински отпад 1.600 тони годишно не подоцна од  2015год 3.000.000 евра
автоматизирана перална за комунални возила 800 возила дневно не подоцна од 2016год 200.000 евра
постројка за третирање на отпад од зеленило, шуми и слична биомаса 20.000 тони годишно не подоцна од 2018 год 1.000.000 евра
механизација, опрема и нови работни и административни згради   не подоцна од 2016год 6.500.000 евра
 ВКУПНО   72.850.000 евра

 

Една година по изминување на поставениот рок за инвестиции, во 2019 година депонијата е се уште во „статус кво“ – при што ниедно од ветувањата не е исполнето. Граѓаните и експертите велат дека ситуацијата во ДРИСЛА уште повеќе се влошува.

На официјалната веб-страна на ДРИСЛА, во листата на техничка опременост односно механизацијата со која располага депонијата, може да се забележи дека последната набавка за соодветна механизација била направена во 2015 година. Станува збор за едно комбе произведено во 2012 година и утоварувач произведен во 1993 година.

Пред тоа набавки има направено во 2011 година  – два булдожера, компактор, утоварувач-багер, автобус, комбе, пик ап и два автомобила. Во 2010 година се набавени две кипери, автомобил и цистерна. А сите други набавки датираат од 2000, 1999, 1997, 1996, 1995 и 1994 година.

 

ИНВЕСТИЦИИ САМО ВО КАНЦЕЛАРИСКИ МЕБЕЛ

За разлика од отсуството на инвестициите во самата депонија, истражувањето на Инбокс7 покажува дека во изминатиот период ЈП депонија ДРИСЛА не штедела кога станува збор за набавка на мебел, мобилни телефони и хортикултурно уредување. Во текот 2010 година, во договор со „МАРЛЕС Скопје“ и „Офис Плус“, е набавен канцелариски мебел и материјал во износ од над 17 илјади евра.

Канцелариски материјал во 2011 година е набавено во износ од 4.128 евра од „ТОЗ МК“, додека од истата фирма во 2012 година е набавено материјал во износ од 5.247 евра.

За набавка на мобилни телефони во 2011 година биле потрошени 4.217евра, а за одржување на веб страната на ДРИСЛА во 2012 година биле потрошени 5.572 евра во договор со „ЛС услуги ДОЕЛ-Радовиш“.  Со фирмата „ЕКО-РАС Скопје“ стои дека има склучен договор за хортикултурно уредување во износ од 5.848 евра, додека 5.871 евра биле потрошени за молеро-фарбарски работи.

 

ПРОТЕСТИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ

 

Екологисти, невладини организации, асоцијации и други активисти и групи граѓани се здружуваат со една единствена цел: чист воздух.

На последниот протест ја сретнавме и Елза Бачевац, родена во с.Батинци. Таа вели дела  Дрисла не го загадува само воздухот, туку и Маркова река како и подземните води во селото. 


Kако изгледа селото кога се шири “дебел” црн чад кој доаѓа од Дрисла и ден потоа кога над Дрисла не чади

„Воздухот е тежок и со неподнослива реа, поготово во вечерните часови. Властите ги обвинуваат селаните дека во своите ќумбиња горат се и сешто па затоа било така загадено. Ако е така, кој го загадува селото во текот на летото кога од неподносливата реа не се дише“, вели Бачевац.Од тој нечовечки однос на власта кон нас, многу сме разочарани. Како да не е доволно тоа што државата не се грижи за здравјето на своите граѓани, тука е и нејзиниот потценувачки однос кон нас.“


Таа вели се дека раздвиженоста на камионите кои носат отпад е прилично зголемена во ноќните часови, поточно после полноќ, додека неподносливата реа е најјака во утринските часови. „Што се случува во Дрисла можеме само да нагодуваме. Често се случува да видиме црн чад како се шири од Дрисла. На нашето прашање кон вработените, одговорот е дека сметот се самозапалува поради неправилно одложен смет и неселектираност на истиот.“

Во разговор со вработен во депонијата, дознаваме печката за согорување на медицински отпад е расипана уште од 21 јануари оваа година заради преголема топлина на загревање. Истата беше донирана од британските власти во 2001 година, а нов филтер беше поставен  во 2018 година.

Според истражувањето на Радио Слободна Европа, депонијата Дрисла во 2018 година согорела околу 989 тони медицински отпад и заработила речиси милион евра. Печката за согорување на медицинскиот отпад работела по најмалку 14 часа на ден, 365 дена во годината.

 

КАКО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ СЕ СПРАВУВААТ СО ДЕПОНИИТЕ?

Љубљанскиот регионален центар за управување со отпад (RCERO Љубљана) е најголемиот кохезивен проект во областа на животната средина во Словенија, кој работи од крајот на 2015 година и се грижи за отпадот на една третина од оваа земја.

Клучниот дел од регионалниот центар се трите објекти во кои се одвива механички и биолошки третман на отпад. Во RCERO Љубљана 61% од средствата се ко-финансирани од Европскиот кохезионен фонд, а центарот е пример за добри практики во областа на мрежно поврзување и соработка помеѓу општините и регионите. Во моментов, повеќе од 50 општини се вклучени во RCERO, така што RCERO се грижи за отпадот на една третина од Словенија. Целиот проект е издаден од Европската комисија во април 2009 година под надлежност на Град Љубљана и останатите општини, а го води јавното претпријатие „Snaga Ljubljana“.

Во 2009 година, Европската комисија одобрила 77,5 милиони евра за проектот, додека остатокот од вкупната вредност на проектот од 155 милиони евра (со вклучен ДДВ) е обезбедена од националните и општинските буџети и од данокот на животната средина за загадувањето на животната средина поради депонирањето.

 

По електронски пат испративме неколку прашања до директорот на ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО, Горан Ангелов, но тој не советува одговори да бараме од италијанската компанија која стопанисува со депонијата.

Прашањата беа: Дали има нешто исполнето од  планираните проекти ДРИСЛА од 2014 до 2018 година? Ако не, дали има новости во врска со тоа ? Постојат ли шанси да се започне со исполнување на проектот? Што велат од ФЦЛ-АМБИЕНТЕ, имаат ли оправдувања за истечените рокови до кои беше планирано да се реализира проектот?

Од кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, иако ни рекоа дека ќе добиеме одговор по неколку барања и настојувања до шефот на кабинет Никола Наумоски, одговор сепак не добивме.

Додека надлежните ја префрлуваат едни на други одговорноста, загадувањето продолжува да го зема нејзиниот арач. Полните клиники со пациенти со респираторни и малигни заболувања и големата штета врз здравјето на граѓаните на Скопје како да не се доволен показател за да се натера странскиот инвеститор да се придржува на договорот за концесионирање на депонијата. Додека скопјани ги бројат жртвите од загадувањето, надлежните и претпријатието по се изгледа ги интересираат само приходите.