Денешна дата
24/03/2019

ПРИВАТИЗИРАНА ВЛАСТ

Владејачката партија забрзано вози во рикверц. Таа ја измести својата предизборна диоптријата од времето на уривањето на режимот.

Пишува: Зоран Иванов

 

„Знае ли некој уште колку невработени во семејството има пратеничкава за да пресметам кога ќе дојдам на ред“?

Ова е само зрнце од сатирични и шегобијни реакции или зрнце од револт и резигнација по повод најновиот засилен бран вработувања на деца и на други роднини на привилегираната политичка елита.

 

Граѓанското незадоволство од новите прекуредни туркања со местенки во атрактивните и особено привлечни државни легла, го прелеаа трпението. Владини и собраниски функционери си се раскомотија, си се распослаа, си ги приватизираа позициите, си проектираа привилегии. Во теснецот на изборното предвечерје загнаа да си го симнат домашното гајле и во стампедото вработувања да си ги прошверцуваат и своите блиски. Да си ги спастрат на безбедните државни јасли, на добро платените работни места.

Новиот бран привилегираност е континуитет на сѐ позачестените коруптивни сигнали што се вдомуваат и кај оваа власт.  Сега на едните им дојде редот да си ги вработат детето, балдаската, братот, шурата, сестрата, баџанакот, па дури и родителот. Нешто пред тоа на други, на своите да им наместат стипендии, специјализации. Пред тоа на трети, на нивните од дома да им сместат донации, иновации, разни субвенции и други слични малверзации. Со ваквите свои постапки владејачката партија забрзано вози во рикверц. Таа ја измести својата предизборна диоптријата од времето на уривањето на режимот. Се разбира не сите, но и не малкумина од горните партиски ешелони прават се против она за што нивната партија се бореше. Прашањето е зошто другите, неогрешените, нивните партиски другари, молчат. Или власта ги корумпира сите или водството нема сили на своите размазени и раскалашени внатрешно партиски пулени да им каже доста.

Последните примери со бранот привилегирани роднински вработувања, ја прелеа чашата. Граѓанското незадоволство ги преплави медиумите и социјалните мрежи. Интернетот и интеракативните радио и тв програми без пардон ги соголуваат лажните моралисти во власта. Јавноста е посебно иритирана од леснотијата со која министри, пратеници и други ликови со јавни овластувања ја првавдат очигледната злоупотреба на своите високи позиции. И особено што при нивните коруптивни местенки, без доза непријатност, манифестираат надменост, препотентност, дрскост. Тоа што за  граѓаните е уште пошокантно, е солидарноста со која, бранејќи се меѓу себе, државните функционери си ги потпкрепуваат своите непотистички постапки.

Судејќи по масовните и се побучни реакции, горе долу ваква е диоптријата преку која широката граѓанската и гласачка јавноста го доживува најновиот бран непотизам во владините институции. А наближуваат избори. Победничката еуфорија со Преспанскиот и безрезервната поддршка на огромен број граѓани за овој капитален дипломатски успех, полека стивнуваат. Поради зачестените афери, непотизми, клиентелизми, довербата бргу се рони. Па, доколку власта нешто брзо не санира, на скорешните претседателски излегува со баеги нарушен рејтинг. Во такви околности на предизборна граѓанска резигнираност, единствено заеднички коалициски кандидат може да парира на мошне веројатната масовна изборна апстиненцијата и непосакуваниот цензусен процент.

Досега, во овие скоро три децении транзициска држава, имавме секакви власти. Подемокраски и полиберални или пототалитарна и поригидни, покосмополитски или понационалистички, поскрмни или поалчни, попитоми или посурови. Сегашнава се однесува уникатно. Приватно. Како ресурсите концентрирани во државните компани, институции, агенции, фондови, комисии и во што ли уште не државно, да им е дедовина. Ова е впечаток ама и факт што таа сега го потврдува со подместените вработувања на своите синови, ќерки, сопруги, сопрузи, балдаски, родители, баџанаци.

Јавноста, онаа граѓанска, онаа обична, скромна, домаќинска на која државните работни столчиња и се превисоко за дофат, реагира. Измамена е изиграна, разочарана, резигнирана. Со денови и месеци талкаше по скопските булевари и плоштади, извикуваше против десетгодишниот режим, ја бојадисуваше неправдата. Се врза за тогашната опозиција со надеж за поинаква, послободна, порамноправна и похумана заедница. И поверува на идеалот прокламиран како општество еднакво за сите. Наспроти таа надеж, овој ешелон актуелни политички ѕвезди, на истите тие граѓани сега им го фрла назад в лице нивниот авторски бунтовен слоган „нема правда нема мир“.

Го прави тоа онака од горе, дрско, арогантно, бесчувствително. Од височините на власта. И баш оттаму откаде што ја востоличија слободоумните раѓани,  активисти, поликолорџии, студенти, средношколци. Тие неуморните борци против режимот. Привилегиите и демагогијата ја метастазираат и оваа власт. Партиски врски, семејни врски, бизнис врски, љубовни врски, полека но сигурно и ништо поразлично, стануваат и нејзина одлика. Наместо очекуваната граѓанска, добива контури на себепотребна, затворена, приватна. Не успева да се одбрани од самата себе, од коруптивните и непотистичките манириво своте редови. Од елитизмот и привилегиите во кои, по правилои и без исклучок, се заборава и се забегува.

Коков ќе биде правниот, политичкиот и пред се` моралниот расплет на најновата афера „МЕПСО, НЕПСО, ЕЛЕМ, МЕЛЕМ, АВАМ, НАВАМ“ или како ли се уште се викаат посебно привлечните и натпросечно платените државни гумна, е неважно. Важно е што досега уште никој не слушнал дека некој полититчар своето учено чедо си го вработил, на пример, во исто така државните „Македонски железници“ или во „Еврокомпозит“. Па таму, тие млади надежни, учени, талентирани функционерски деца, на овие вечни загубари да им вдахнат младост, знаење, нова енергија. Да помогнат и овие компании конечно да го видат светлото на денот.

Секако треба да се, и сигурно се, неспорни квалитетите на нововработените роднини на високите државни функционери. И може, и трерба да се, и сигуно се неспорни и законските процедури. Дури нека се неспорни и вработувањата на нивните деца веднаш на првиот ден од завршувањето нивното школување.

Но затоа пак спорни се пресликувањата на постапките од оние на режимот. И спорни се луѓето што немаат функционери во своето семејството. И особено се спорни изневерените надежи за општество еднакво за сите.

И најспорно, секако, е приватизирањето на власта.

           

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.