Денешна дата
26/05/2020

За 10 години изгубивме цела Пелагонија

Драстичен е падот на обработливите земјоделски површини. За само 10 години во земјава се намалени обработливите површини за 1/6

Секоја година имаме се помалку и помалку обработлива површина. Оваа негативна тенденција сериозно му се заканува на македонското земјоделство. Можно е земјава да остане без храна. Лазар Иванов, жител од Штип секој петок доаѓа на градскиот пазар и забележува дека од година во година, има се помалку земјоделски производители од штипско, а дека се повеќе се прекупци. За него ова е последица еден лош тренд.

Штип е општина од внатрешноста со најмалку селско население. Селата се повеќе се испустуваа, а на земјата растат само грмушки. Никој не ја култивира“, вели Иванов.

Намалување на обработливото земјоделско земјиште по години

Година Обработлива површина (во хектари)
2002 577.000
2003 569.000
2004 560.000
2005 546.000
2006 537.000
2007 526.000
2008 521.000
2009 513.000
2010 509.000
2011 511.000
2012 510.000

 

Извор: Државен завод за статистика

Но, за жал ваквата констатција се потврдува на територијата на цела Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, обработливата површина во земјава во 2002 година била 577.000 хектари за само 10 години да се намали на 510.000 хектари. Загубени се 67.000 хектари или 13%од обработливата површина. Само за споредба оваа површина е еднаква на вкупната обработлива површина во Пелагониската котлина. Значи за само 10 години сме загубиле 1 Пелагонија или 2 висорамнини како Овче Поле.

Ова е алармантен податок за земјоделските експерти. Според Д-р Борис Анакиев, поранешен професор на катедрата за Агроекономија, при Факултетот за Земјоделски науки и храна ова е катастрофа.

Ако вака продолжиме со уништувањето на земјоделското земјиште, за 50 години Македонија нема да има обработлива површина воопшто“, вели Анакиев.

Тој додава дека земјава нема земјишна политика и дека во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема луѓе, коишто добро ја познаваат таа проблематика.

Во Министерството за земјоделство иако испративме прашања околу намалувањето на обработливото земјиште, сепак до објавувањето на текстот одговор од таму не добивме.

Површини по жител

Земја Површини по жител (декари)
Бугарија 5
Србија 4,4
Хрватска 3,5
Грција 3,5
Босна и Херцеговина 2,8
Црна Гора 2,8
Македонија 2,3

 

Извор: ЦИА

 

Урбанизацијата и недостатокот на политика за земјоделското земјиште причини за опаѓањето на земјоделското земјиште

 

За познавачите на земјоделските прилики има две главни причини за намалувањето на земјоделските површини.

Првата причина, според професорот на Земјоделскиот факултет во Штип, Васко Златковски е иселувањето и стареењето на селското население, кое традиционално се бавеше со земјоделие, по што и земјоделските површини останаа необработени.

vasko zlatkovski

Васко Златковски

Втора причина е пропаѓањето на земјоделските комбинати. Тие имаа програми за рурален развој каде се освокуваа и површини од пониски класи во планинските предели, но со нивното пропаѓање, овие површини или се префрлени во пасишта, или се пошумени. А од друга страна и големи земјоделски површини по пропаѓањето на земјоделските комбинати останаа необработени, вели Златковски.

Поранешен висок функционер во Министерството за земјоделство смета дека се води многу лоша политика во аграрот и дека без никакви анализи земјоделското земјиште се претвора во градежно.

Најлесно и најефтино е да се гради на плодна површина, но штетите од тоа за земјоделството се огромни и ненадоместливи.

„Индустриските зони се поставени на најплодните површини, во Скопската котлина, во Полошката котлина, во Кавадаречко, зоната Жабјани во Битола, индустриската зона во Штип. Сите тие локации се поставени на најплодното земјоделско земјиште“ вели нашиот извор.

Тој се сеќава дека порано имале закон во кој јасно било нагласено, ако некој сака да пренамени земјоделско земјиште во градежно до 4 класа на земјиште, тој треба да плати неколку кратен надоместок за пренамена на земјиштето. Ова беше со цел да се дестимулира градбата на плодни површини.

Овој закон бил укинат за време на владеењето на Љубчо Георгиевски од 1998 до 2002 година.

 

Земјишна политика- за спас на земјоделството

Експертите бараат под итно да се донесе земјишна политика за да се спаси обработливото земјоделско земјиште. Според Анакиев, Македонија мора да има политика и стратегија за зашувување на обработливите површини.

Треба, под хитно да се редуцираат градбите на плодното земјоделско земјиште. Во сите градови имаме безброј напуштени, фабрики, погони, касарни кои зијаат празни, а ние го узурпираме најплодното земјиште за нови објекти“, вели Анакиев.

Тој додава дека треба да се следат политиките што Јапонија, Холандија и Изреал прават за зголемување на земјоделските површини. Тоа се земји со најмали обработливи површини по жител во светот, но благодарение на паметната политика имаат големи земјоделски производства.

Во поранешна Југославија имало сериозни закони за зачувување на земјоделското земјиште. Од 1986 до 1990 година Урбанистичките планови на општините задолжително морале да добијат согласност и од Секретарјатот за земјоделство, во кој секретарјат многу се внимаваше на какви површини се уцртува тој урбанистички план. Ако се површини од прва до четврта класа, тешко добивале пренамена на земјиштето.

Според обработливата површина Македонија не е далеку од овие земји. Така по жител после Холандија, Словенија и Косово, ние имаме најмалку обработливо земјиште во Европа, односно само 2,5 декари по жител. Сите други имаат повеќе земја од нас. Само за Споредба, Бугарија, па и Србија имаат двојно повеќе обработливи површини од Македонија.

 

Субвенциите не го запреа запустувањето на обработливите површини

Куриозитет во целата проблематика во намалувањето на земјоделското земјиште е што најголемите бранови на напуштање на земјиштето се појавуваат во моментите кога се доделуваат најголеми пари во земјоделството. Имено од 2007 година досега во земјоделството се поделени неколку стотини милиони евра. За истиот период површините се намелени за 16.000 хектари или колку 2 Кочански котлини.

Според земјоделските експерти субвенциите не одиграле никаква улога за зголемување или задржување на обработливите површини. Штом се даваат стимулации, а ораничните површини се намалуваат, значи се води лоша политика во субвенционирањето. Овие субвенции погрешно се насочени. Тие се даваат за да се добијат што е можно повече гласови и ништо друго, вели нашиот извор.

lefkov@yahoo.com